Моите Херои
-Мај/2009г., Игор Т.
Полека изминуваат дваесет години од македонската алпинистичка хималајска експедиција на Еверест, кога на 10-ти Мај 1989 година, Димитар Илиевски – Мурато се искачи на врвот на оваа планина.
Тоа е големо и вредно спортско достигнување на македонските алпинисти и овој текст им е посветен на сите нив – сепак не со цел да послужи само како (секако потребно) потсетување за нивниот успех на Еверест, туку со цел да им се оддадe почит и признание за сите други искачувања и благодарност за инспирацијата која ја добивамe преку нив. На сите секако им е јасно дека до Еверест не се стигнува „преку ноќ“, туку со систематски план и многу сериозни подготовки. Алпинистите знаат, меѓутоа пошироката јавност можеби треба да се потсети на поголемите експедиции пред Еверест – во Андите во 1982 година, во Памир во 1984 година и на Манаслу (8163м) во 1986 година...
Меѓутоа јас би сакал да се потсетиме и на времињата многу порано пред овие полни со хималајска енергија искуства. И покрај тоа што постои опис за искачување на јужната страна на Солунска глава од страна на македонски и чешки инженер (кои учествувале во изградбата на железничката пруга кај Богомила) уште во 1930-тите години, (и тоа нешто порано од искачувањето на Урош Жупанчич кое се смета за официјално прво искачување на оваа карпа), јас би почнал од 1954 година. Повторно се работи за искачување на карпите на Солунска Глава меѓутоа овој пат како дел од Слетот на планинари на Југославија кој се организирал на овој локалитет. Тогаш се искачуваат 6-7 алпинистички насоки во мешани тимови од страна на хрватски и македонски алпинисти кои за жал остануваат неспоменати и нивните имиња не ги помнат ниту постарите.
Во 1956 година македонските алпинисти ја започнуваат блиската соработка со словенечките алпинисти. Од почетокот на 1960-тите години тие скоро секоја година прават сериозни искачувања на повеќе локалитети во Словенија, качувајќи ги најтешките насоки во тоа време. Во таа година, на алпинистички табор организиран на Јулиските и Камнишките Алпи свое учество од Македонија земаат Драган Вучидолов, Тодорка Димитрова и Отмар Худомаљ.
Една година подоцна, во 1957 година, Отмар заедно со Драган Трајковски ја искачува првата алпинистичка насока на Матка. За жал тој тогаш на 18-годишна возраст во близина на излезот од насоката загинува и денес таа во негова чест го носи неговото име - Отмарова насока. Од тој момент алпинистите почнуваат да истражуваат и искачуваат сé потешки насоки на оваа карпа, но и во пошироката околина – кај хидро-централата, спроти селото Долна Матка, гребените над езерото...
Како што споменав од 1960 година македонските алпинисти почнуваат со својот поход низ словенечките локалитети. Покрај искачување тие со планинарски тури влегуваат во срцето на Јулиските и Камнишките Алпи, но качуваат и на Дурмитор, Велебит... Во 1964 година на едно такво патување тие ја покажуваат својата висока техника на качување. Имено Владимир Андреевски, Јован Попоски, Слободан Ѓорѓевиќ и Јован Ангелов таа година влегуваат во најтешките насоки – Баварска, Долга Немшка, Скалашка, Ладја, Чопов Стебер...
Достигнатиот висок квалитет на македонските алпинисти на некој начин го потврдува селектирањето на Владимир Андреевски во 1965 година за член на селективните искачувања за првата југословенска хималајска експедиција. Крајна цел на оваа експедиција била планината Кангбачен, а првите искачувања биле организирани во Алпите. Целиот тим во основа бил составен само од словенечки алпинисти, а покрај нашиот Владимир имало уште само еден Хрват. Владимир во споменатиот период бил многу активен во Словенија и од таму истата таа година во Македонија го донесува првото вистинско алпинистичко јаже. Денес во еден разговор за некои искачувања кои тој ги има направено во Словенија увидов дека тој повеќе ги знае словенечките планини отколку што јас ги знам македонските... Признавам!
Владимир исто така заедно со друг словенечки алпинист станува официјален претставник на Југославија на алпинистички табор организиран во Татрите кој бил средба на алпинисти од земјите од Источна Европа. Друго вакво слично големо признание дадено на македонски алпинист е и учеството на Јован Ангелов исто како претставник на Југославија на алпинистички табор во Бугарија.
Во разговор со други постари алпинисти, Владимир Андреевски заедно со Јован Ангелов, се споменуваат како главни инспиратори за развој на нови генерации качувачи во тој период. Нивниот успех се гледа во тоа што многу брзо во тој период се случуваат сериозни искачувања со добри технички тежини.
Јован Попоски е човекот кој е најодговорен за изгледот на Матка како алпинистички локалитет каков што го знаеме денес (и го земеме здраво за готово). Заедно со други алпинисти како негови партнери тој почнувајќи од тој период па сé до ден денешен (ја имав честа да работам заедно со него на негов нов проект на Матка во Декември 2008год.) има искачено многу насоки кои претставуваат сериозен предизвик и го прикажуваат истражувачкиот и полн со имагинација дух на овие луѓе. Да споменеме некои од нив: Цветан Павловски, Петар Рибаревски, Ѓорѓи Поп-Николов, Љупчо Ристевски, Панче Ѓорѓиевски, Васил Франговски, Слободан Јованоски, Серафим Серафимовски, Иво Ивчевски, Иван Жежовски, Климент Батунков, Слободан Ѓорѓевиќ, Жарко Гостовиќ...
Искачувањето на карпа достигнува многу високо ниво и македонските алпинисти прават многу сериозни искачувања во сите поголеми локалитети во Југославија. Денес секако покрај сериозните повторувања на постоечки насоки, сé уште се споемнуваат имињата на наши алпинисти како качувачи на сериозни првенствени насоки. Можеби најпознати од нив се многу силните искачувања во Пакленица во Хрватска на Драган Вучидолов...
Покрај на карпа, поради тоа што сепак сон на секој алпинист се искачувања и на големи планини каде неопходно е познавање на техника за качување на снег и мраз, македонските алпинисти многу често прават убави планинарски тури во зимски услови во нашите планини. Битолското трио Димитар Илиевски, Ѓорѓи Костовски, Благојче Лазаров и велешанецот Борче Јовчевски се редовни во овие подготовки. Искачувањата на Лешница по нови кулоари, микс насоки и слични подвизи се секако одлична основа за нивниот забележителен допринос во македонските хималајските експедиции...
Пред периодот 1982-1989 година кога се случуваат споменатите големи македонски експедиции, не смее да се заборави и учеството на Јован Попоски во едно од најсилните искачувања во Хималаите во минатиот век. Имено овој наш алпинист кој подоцна станува водач на македонските експедиции, во 1981 година е член на ЈУ експедицијата за искачување на јужната страна на Лотце (8516м). Оваа планина е четвртата највисока во светот, таа е сосед на Еверест (ги дели „едно седло“) и нејзината јужна страна е една од т.н. „Големи Хималајски Проблеми“. До тој момент на нејзе обиди прават многу познати светски алпинисти, но сепак најуспешна е токму оваа експедиција, чие искачување поради многу лоши временски услови завршува на само 250-тина метри од врвот (насоката е висока 3300 метри во вертикала!)...
Мојата цел преку овој текст беше да се потсетиме на алпинистите од нашето минато. Да ги споменеме нивните имиња. Немав намера да ја пишувам историјата и сите искачувања бидејќи сум секако далеку од компетентен за таков материјал. Овој текст е само мој симболичен израз на почит кон сите овие луѓе кои почнале да го градат алпинизмот во Македонија и објективно го издигнале на многу високо ниво. Длабоко во мене ја чувствувам потребата јавно да им се заблагодарам.

Исто така би сакал да додадам и нешто друго. Како и секој човек кој малце повеќе е инволвиран во светот на планинските спортови, така и јас сум слушнал за Мелори, Ирвин, Херер, Касин, Ребуфа, Хилари, Бонати, Херман Бул, Меснер и многу, многу други... Имиња кои значат многу во алпинизмот. Луѓе кои со своите подвизи – како висински рекорди без кислород, први искачувања, тешки пречења, соло подвизи, многу тешки технички насоки – го превртиле светот наопаку. Знам за нив...

Меѓутоа длабоко во моето срце моите херои се луѓето кои ги споменав малце погоре. Моите херои се македонските алпинисти кои во многу тешки услови, следејќи го својот сон и дишејќи за алпинизмот, преку своите дела ме учат на висока етика во планините, ме поттикнуваат непрекинато да истражувам, ме инспирираат постојано да се надминувам, ме потсетуваат многу повеќе да ја сакам нашата преубава и неоткриена Македонија.
Благодарен сум му бескрајно на Бог што ми овозможи со некои од нив да остварам директни средби, да разговарам, па „дури“ и да качувам. Да ја посветиме 2009 година на зачувување и негување на нашето богато алпинистичко минато.
(фотографии од архивите на Владимир А., Јован П. и Слободан Ј.) |