Мајките знаат најдобро
Не можете да ја излажете својата мајка. Таа може да направи да си мислите дека сте успеале да ја излажете, но на крај, ќе ви открие дека ја знаела вашата игра од самиот почеток.
Јас качувам веќе 25 години, а мојата мајка ниту еднаш до сега не ме видела „во акција“ во живо, иако ги има прочитано моите текстови и книги, а по должност присуствуваше и на една презентација – која беше за искачувањето на К2. Салата беше полна и чувството беше прекрасно, но како што светлината се одбиваше од ѕидот кон публиката, јас можев да ја видам мајка ми како седи во првиот ред и гледа во мене.
Мојата мајка е среќна жена и ги прифаќа разликите помеѓу луѓето како Далај Лама. Поради тоа не можам да разберам зошто кога стоев на бината гласот ми се тресеше од трема и зошто морав додека зборувам да гледам само во нејзе - како публиката да не постоеше.
Се претворив во дванаесет-годишниот извидник – облечен во смешна униформа со жолтеникава капа на главата, а на ракавите имав повеќе беџеви ододшто руски генерал има медали. Се чувствував како да стојам на бината во Домот на извидниците со цел да добијам награда за јавна служба. Добивав награда за најмногу собрани шишиња за рециклирање. Сепак вистината беше поинаква – со моите другари со дргуги стотина шишиња направивме молотови коктели и направивме вистински пекол во еден напуштен паркинг што беше причина за реакција на целата противпожарна бригада. Во тие моменти погледнав во очите на мојата мајка – не можев да ја излажам нејзе. Таа знаеше сé за пожарот, искршените стакла и сирените од камионите. Мојата награда беше лага и ниту еден збор не можеше да го смени тој факт.
Тоа присетување на моментите од детството дојде во најлош момент – кога фотографиите прикажуваа како во невреме се бориме да стигнеме до врвот пред самото стемнување. Ова беше многу силен момент и морав да ја држам публиката на работ на нивните седишта. Но мајка ми само погледнуваше – де во сликите де во мене. Се плашев да не се качи на бината за да ми го поднамести сакото или да избрише некоја прљавштина од моето лице – како мачката што го прави тоа со своите маченца – како што го правеше тоа кога бев бебе. Си мислев дека воопшто не и е гајле за мојата приказна и си мисли дали детето кое правеше Молотови коктели пораснало во маж или не. Токму во тој момент решив да ја кажав едноставно вистината и да не претерувам. Одеднаш мајка ми се поднамести во седиштето и изгледаше задоволно. Имаше поглед кој кажуваше „Зарем не е подобро да ја кажеш вистината?“ Така се качив на врвот и се симнав од бината со аплауз.
„Но толку е опасно. Како може да биде забавно?“
Тоа беше мајка ми – божица на реториката и универзалната вистина во моментот кога по телефон и кажав дека се подготвувам за нова експедиција. Таа знае дека нема рационално објаснување на тоа прашање.
„Затоа што е. Ти ветувам дека ќе внимавам.“
А тоа бев јас и мојата најдобра причина зошто морам да одам на ново искачување по некое купче камења. Верувам дека Рајнолд Меснер, Сер Едмунд Хилари, Даг Скот и сите други морале да се справуваат со заштитнички мајки.
Факт е дека целата литература за алпинизмот во светот не може да ги разубеди мајките дека има добра причина за ризикување на својот живот за качување. Мајките го создаваат животот, а планините се закануваат да го одземат. Можете да ја убедите сопругата или пријателите дека постои духовно задоволување во рамките на опасностите во алпинизмот или дека тоа е аџилак кон некое внатрешно исполнување, но мајките ја знаат вистината: алпинизмот е опасен, а ние алпинистите сме глупави момчиња и девојчиња и треба да се вратиме дома – веднаш!
Како што веќе кажав, мајка ми никогаш до тогаш ме немаше видено како качувам во живо, па решив да ја однесам на еден локалитет во близината за да и покажам како се прави тоа. Мојата сопруга Сели, ќе ме обезбедува и ќе качува по мене, а потоа ќе се вратиме на земја – безбедни и неповредени, докажувајќи и на мојата мајка еднаш за секогаш дека алпинизмот е како еден вид пикник.
Одбрав една карпа која се наоѓа на десетина минути пешачење од автомобилот. Мајка ми има добра кондиција и стигна под карпата сосема малку задишана.
„Ова е јажето,“ реков одмотувајќи го десет милимитри дебелото динамично јаже, „кое го заврзуваме за нашите појаси.“
„Дали е силно?“
„Да мамо, јажето е силно. Може да се обеси автомобил на него.“
„Па се надевам. Како ќе го ставиш јажето таму горе?“
Воздивнав. Вакви прашања очекувам од туристи, а не од мојата мајка – која после сите тие фотографии требаше да праша нешто подобро. Сели ми дошепна: „Биди добар, таа само се грижи за твојата безбедност.“ Така потоа објаснив дека јас ќе одам по една патека нагоре по карпата. Кога го слушна тоа мајка ми погледна нагоре по ѕидот и ме праша:
„Како ќе знаеш каде да одиш?“
„Следам добри места за фаќање со рацете и застанување со нозете.“
„Јас не гледам такви места. Мазно е како бебешко газе. Што ако се изгубиш?“
„Нема.“
„Што ако паднеш?“
„Нема. Само гледај и ќе видиш колку е безбедно.“
Насоката беше со оцена VII, а почетокот беше лесен, но лизгав. Веќе ја имав поминато неколку пати до сега, но поради скорите врнежи, почетните фаќалишта беа дополнително проблематични и качував со внимание. Мајка ми се приближи поблиску до карпата и изгледаше како да набљудува каде застанувам со нозете. „Убави чевли. Ми се допаѓа бојата. Би ми стоеле убаво со каучот.“
Се насмевнав културно. Бев околу два метра над земја и се подготвував да го поставам првото обезбедување. Кога одеднаш се најдов во воздух. Мајка ми врисна, а јас паднав на место кое беше со кал.
Мајка ми загрижено се наведна над мене испуштајќи чудни звуци. Со Сели ми помогнаа да застанам на нозе и потоа таа извади марамчиња и почна да ми ги брише колената постојано прашувајќи ме дали сум добро. Јас и повторував дека сум добро, но таа мораше да ја провери секоја коска на моето тело. Бев црвен во лицето. Од сите денови кога можев вака да се лизнам…
Решивме да се повлечеме и да одиме на чај. Додека се враќавме по патеката ми ја зеде раката и ме водеше како повреден и ми повторуваше: „Не се грижи. Добро си.“ Повторно бев нејзиното мало момче. Ништо не реков – бев победен.
Така сега кога разговараме за алпинизам во моето семејство, не можам повеќе да ја лажам мајка ми. Таа ја виде апсолутната вистина – дека алпинизмот е многу опасен. Таа живее во Сиднеј и се надева дека нејзиниот син ќе најде друго хоби кога ќе порасне. |