Обид на Кизил Аскер (5842м)
- 12.11.2010г.
Обид за нова насока во алпинистички стил на југоисточната страна
Заврши обидот за искачување на нова насока во алпинистички стил на Инес Паперт (водач на експедицијата), Томас Зенф и Волфганг Русегер. Експедицијата траеше релативно долго. Базниот камп беше поставен на 28-ми Септември, а последниот обид беше направен 20-тина дена подоцна... Поради лоши временски услови (голема лавинска опасност и силни ветрови), тимот реши да повлече конечна црта на 200 метри од врвот.
За планината Инес дознала уште во 2001 година – преку Шон Ајзек кој тогаш таму качувал со Скот Декапио. Шон напишал: „Инес, мораш да одиш таму. Исто како во Шамони само неискачено. Има голем потенцијал за нови насоки...“ И така после 9 години – таа е таму со одбран тим на пријатели кои зад себе имаат убаво качувачко искуство. Напредниот безен камп бил поставен на 4600мнв – на само 30 минути од југоисточната страна. По еден неуспешен обид и 10-тина дена чекање да се смират условите, тие тргнуваат на 19-ти Октомври и по 17 часа искачуват 1000 метри каде бивакуваат.
Еве како Инес ја опишува таа ноќ:
Нашиот последен обид да стигнеме до врвот на Кизил Аскер преку нова насока – беше прекинат на само 200 метри под врвот. Пристигна уште едно невреме и тоа порано отколку што очекувавме. Бев разочарана и сакав да плачам.
Со цепините направивме едно многу некомфорно место за бивакување на скоро вертикална карпа на околу 5660мнв. Бевме експонирани на нови и обилни врнежи од снег и на лавини кои следуваа со нив. Немаше место каде да се засолниме на стрмната карпа.
Сепак бевме подобро заштитени од претходниот обид. Тројцата бевме стиснати во шатор за двајца. Скоро во исто време кога го закопчавме патентот – нé удри првата прашеста лавина. Сé уште имавме надеж бидејќи прогнозата која ја добивме предвидуваше добро време од следниот ден. Но како што поминуваше времето, лавините станаа потешки и почести. Увидовме дека сме во една критична ситуација, но не сакавме да се откажеме од нашата цел да стигнеме до врвот.
Не можевме да топиме ни снег. Поради недостиг од кислород во шаторот не ни работеше горилникот. Се чувствував клаустрофобично и имав потешкотија со дишењето. Но не сакавме да го откопчаме патентот. Нашите вреќи за спиење веќе беа доволно влажни, па нова количина на снег врз нив ќе значеше цеосен крај. Се плашевме да не добиеме смрзнатини и постојано се прашувавме еден со друг како се чувствуваме. Се тресевме од студ. Како што паѓаше сé повеќе и повеќе снег, така и местото каде седевме се смалуваше па така на крај останав само да висам на точката на која бев обезбедена.
Како да помина цела вечност пред да почне да се разденува. Невремето не покажуваше знаци дека ќе се повлече. Додека се пакувавме, врз нас паѓаа нови лавини. Благодарение на високиот квалитет на карпата тие беа само прашести, но сепак не сакавме да останеме таму. Сите се обидувавме да ги држиме замрзнатите прсти зафатени – секое движење беше тешко и како да траеше вечно.
Никој збор не прозбори и сите бевме преокупирани од иста мисла – да се симнеме од овде што побрзо можеме. Абзелувавме само неколку часа преку тие 1000 метри кои претходниот ден толку тешко ги поминувавме. Беше важно да бидеме брзи поради лавините.
Попладнето бевме на безбедено во напредниот базен камп, бевме преморени и веднаш заспавме. Следното утро кога почнавме да си ги пакуваме работите, веќе бев со мисла да се вратам. Дел од материјалите и 57 оброци оставивме на безбедно место и почнавме да се симнуваме.
Додека се симнував дијагонално надолу на моите скии, обидувајќи се да одржувам рамнотежа со тешкиот ранец на грб одеднаш тлото под мене пропадна.
Паднав 8 метри во темнината на една креваса. Врз мене падна снег и за момент и не можев да дишам. Ме обзеде паника. Ме видоа ли пријателите? Кога почнав да дишам, викнав силно нагоре и веднаш го видов Томас како гледа надолу од горе. Ми стана подобро. Не бев повредена, но шокот беше голем.
Со јаже се качив назад на површината и бев среќна што мојата мала „екскурзија“ во кревасата имаше среќен крај. Сите тројца се прегрнавме со олеснување.
Симнувањето кон базниот камп беше тешко, но на сите ни беше многу полесно кога го видовме Франц како доаѓа кон нас да ни помогне во носењето на опремата.
Сите во базниот камп беа многу среќни кога се вративме и нé наградија со вкусна вечера. Ова утро (22-ри Октомври) сите се чувствуваме подобро, па и јас и покрај тоа што уште не го чувствувам врвот на носот. На Томас и Волфи исто така им е полесно по враќањето, иако не стигнавме до врвот....
Паперт за ова искуство вели: „За ова качување би рекла дека беше... фантастично. Карпата е екстремно компактна и иако имаше одлични услови за качување на мраз – сé на сé беше многу тешко. Скоро постојано е вертикално во терен со тежини M7 и WI7. Качувавме користејќи само опрема за традиционално качување на карпа и клинови за мраз, а се симнавме откако преседовме ноќ во невреме при што врз нас постојано паѓаше нов снег... Скоро секој абзел ни беше на „Абалаков“, а користевме и по некоја гуртна. Киргистан е супер и е една екстремно дива земја... Едвај ја чекам следната година...“
|