Share

Посета на Шкотска - 2011г.

- 11.02.2011г.

На крајот на јануари Инес Паперт беше повторно во Шкотска. Тоа „повторно“ е всушност по скоро една година. Имено како и минатата, така и оваа година таа ги посети планините на оваа земја со цел да качува на нив во зимски услови – практикувајќи го тоа во познатиот строг етички стил на локалните качувачи. Таа минатата година беше толку импресионирана од тоа што изјави: „Иднината е во микс качувањето во чист стил!“ Еве дел од нејзините импресии оваа година:

„По мојата прва посета на Шкотска во 2010 година, бев нестрплива да ги посетам потешките насоки, а можеби дури и да успеам да поминам неколку од нив, но мистичната аура, строгиот етички код и мојата огромна почит за традиционалното качување во зимски услови – сé уште беа длабоко присутни во мојот ум.

Неколку недели пред да заминеме кон север, ја контемплирав оваа идеја. На крајот на денот навистина се работи само за твојата глава: многу е важна твојата лична ментална сила и знаев внатре во себе дека сум подготвена за уште едно прекрасно патување во Шкотска. Повеќе немав ноќни мори за падови до земја и сонував само за уште потешки насоки од тие претходниот пат, кога имавме многу среќа со временските услови и квалитетот на мразот.

Го замолив да ми се придружи мојот стар и добар пријател Чарли Фрицер од Австрија, а исто како и минатата година со својата камера нé придружуваше младиот фотограф Ханс Хорнбергер.

Многу ни помогна нашиот пријател Иан Парнел. Тој повторно нé поврза со локални качувачи и ни собра информации за насоките кои сакавме да ги качуваме и квалитетот на мразот. Сакав локалната качувачка сцена да биде важен дел од нашето патување и средбите со старите и нови пријатели кои ги запознавме на осамените паркинзи – направија да се чувствуваме како да сме дома...“

По неколку силни повторувања на тешки насоки, Инес и Чарли успеваат да искачат две нови насоки. Првата од нив всушност ја качуваат во тројка заедно со Дејв Меклауд. Насоката е на Бен Невис и е именувана „Трипл Икс“ (VIII, 8). Сепак на Инес најголем впечаток од сé и оставила другата нова насока – „Баваринтија“ (IX, 9). Вели: „Иако можностите за обезбедување беа слаби, сепак качувањето беше одлично.“ Насоката има две должини од која првата која била потешка, ја водела таа и тие 30-тина метри колку што била долга ги качувала најмалку еден час.

Еве што уште таа вели: „Има уште една работа на која качувањето во Шкотска те прави свесен: ние, т.н. „алпинисти“, треба навистина многу сериозно да размислиме за бушењето и поставувањето на експанзиони клинови. Поставувањето на експанзиони клинови во насоките - од горе надоле не е секогаш неопходно, па дури и кога на пример како тука во Шкотска, карпата не е солидна. Ако сакаме да го зачуваме факторот на авантура, тогаш ќе мора да се договориме за код на етика кога се качуваат нови насоки. Треба да ги отвориме очите и умот и да качуваме нови насоки во традиционален начин – или со минимална употреба на експанзиони. Треба да земеме учество во оваа дискусија и да работиме на кревање на свеста – пред сé во Европските Алпи...“

Пoтсетување од минатата година:

Друго од Инес:

- Иднината е во микс качувањето во чист стил;

- Обид на Кизил Аскер Октомври//2010г.;

- Посета на Шкотска - 2011г.;

- „Трошка утеха“ и Кизил Аскер-септември/2011г.;

- Нова насока на неискачената Лику Чули 1

 

Copyright © Alpinizam.org