Share

Инес со нова насока во Непал

- 02.12.2013г.

Германската алпинистка Инес Паперт (39) докажува дека е водечка женска фигура во светскиот алпинизам. Таа со својот партнер Томас Зенф, пред околу 2 недели искачија нова насока на досега неискачената планина Лику Чули 1 (6719м) во Непал – преку нејзината 1800 метри висока северна страна.

Првичниот план на оваа наврска беше искачување на нова насока на Тенгкангпоче (6487м), исто така по северната страна на оваа планина, но поради недоволно добри услови, а и сериозни објективни опасности, планот беше променет за Лику.

Секако освен убавината на линијата и планината воопшто, дополнителен предизвик беше тоа што таа до сега не беше искачена, за што уверување тие добија од неколку извори, како од локалното население, така и од луѓе кои се грижат за статистиката во Хималаите. По добиената метео прогноза од нивен пријател од Инсбрук, дека временските услови се очекува да бидат најдобри во перодот од 11-ти до 14-ти ноември, тие веќе ден претходно искачуваат скоро половина од насоката. Сепак погоре во насоката се соочуваат со и до еден метар длабок нов снег, а и преспивањето било проблем на страната која е со стрмнина и до 70 степени – сето тоа пропратено со силен студ.

Токму пребарувањето на доволно безбедна насока до врвот резултираше со уште три преспивања високо во планината на голем студ, а тоа најмногу се одрази на Томас кој поради опасност од смрзнатини се откажа од искачувањето до врвот и Инес тоа го направи сама, стигнувајќи до него во 14 часот по локално време на 13-ти ноември.

За време на ова патување, Инес направи и неколку летања со параглајдер, па сето ова покажува дека таа се има вратено во добра форма и се има целосно рехабилитирано по операцијата на рамото која ја имаше пролетоска, по што следуваше и пауза од три месеци. Честитки за Инес и целиот тим!

Друго од Инес:

- Иднината е во микс качувањето во чист стил;

- Обид на Кизил Аскер Октомври//2010г.;

- Посета на Шкотска - 2011г.;

- „Трошка утеха“ и Кизил Аскер-септември/2011г.;

- Нова насока на неискачената Лику Чули 1

 

Copyright © Alpinizam.org