Share

 

Каде што ниту еден маж не бил претходно

– извадок од списанието Life

Лин Хил започна храбра нова патека во качувањето на карпа

Триесет години најдобрите светски качувачи го истражуваа „Носот“, 1000метри висок ѕид на гранитниот монолит наречен Ел Капитен во Паркот Јосемити во Калифорнија. За нив тој претставуваше тоа што Еверест беше за Мелори. Дали може да се искачи? Дали ќе биде искачен? Повеќето кои си го поставуваа тоа прашање беа мажи, но меѓу нив беше Лин Хил и никој не ги дискредитираше нејзините можности.

Родена во 1961 година во Калифорнија, од мало девојче таа израсна во врвен спортист. Четири пати по ред победи на натпреварот „Преживување на најдобрите“, а во доцните осумдесети победуваше на сите натпревари во спортско качување на кои учествуваше.

Но таа не сакаше да остане качувач затворен во светот на експанзионите клинови и му се посвети на слободното качување... Во 1990 година еден познат француски качувач ја предизвика дека ниедна жена не може успешно да искачи насока со оцена X+. Лин Хил, висок 156см и тешка 50кг, го прифати предизвикот и искачи насока во Франција со таа тежина.

Предизвици, ТВ натпревари, спортски качувања (има победено на преку 30 меѓународни настани): сето тоа беше забавно, но дали имаше авантура во сето тоа? Која беше границата? Како може да се искачи на повисоко ниво?

Во 1993 година, Хил реши да го качи „Носот“. За качувањето и беа потребни три и пол дена, но успеа до врвот, докажувајќи дека е можно да се направи. Една година подоцна таа се врати на Ел Капитен и се качи повторно на ѕидот – овој пат за 23 часа. Тоа сé уште се смета за едно од најголемите достигнувања во качувањето на карпа...

Извадок од книгата „Гласови од Врвот“

...Кога почнав да качувам во 1975 година, не знаев многу за потеклото и историјата на качувањето, само сакав да качувам и повеќето пати не знаев во што се впуштам. Почнав да водам уште од самиот ден кога почнав да качувам. На почетокот, не мислев многу на последиците ако паднам. Бев млада и отворена да пробам нови работи. Но после неколку искуства каде за малку ја избегнав смртта, го научив првото правило во качувањето: Немој да паднеш. Од овој почеток, научив да верувам во себе и да барам решение без оглед на тоа во колку опасна ситуација се наоѓам... Почнав да разбирам дека без оглед на мојата ситна градба, со правилна комбинација на визија, желба и напор сé е возможно...

...Како што натпреварите во спортско качување се редеа еден по друг и ваквиот начин на живот почна сé повеќе да ме обзема, почнав да чувствувам дека ја губам слободата и духот кон качувањето. Во повеќето натпреварувачки спортови, цената на успехот и победата значи да се почитува еден ограничен начин на живот. Јас сакав да качувам на карпа и почнав да чувствувам дека не припаѓам во овој свет на натпревари во спортско качување. Иако моите рани искуства во натпреварите беа корисни за мојот личен напредок, почнав да чувствувам дека тренирањето за натпревари беше спротивно на мојата цел како качувач и решив 1992 година да биде последна како се натпреварувам на спортски качувања.

...Сé што сакав беше слободата да качувам на карпа во убаво природно опкружување. Еден предизвик кој долго време ми беше во мислите излезе на површина – да го искачам „Носот“ во слободен стил. Повеќе качувачи се имаа обидено во последните 10 години слободно да го искачат, но ниеден немаше успеано. Прекрасната убавина и историската значајност на насоката – како и моите напори слободно да ја искачам, а по една година да го направам тоа и во еден ден – го направија ова качување најзначајно достигнување во мојата кариера.

...Би сакала да продолжам да качувам на карпи во убави места во светот. Ги сакам сите начини на слободно качување, од болдеринг и спортски насоки до традиционални насоки и долги насоки на високи ѕидови во далечни места во светот. Тоа што најмногу го сакам во качувањето е убавината и разноликоста на природата и различните видови на карпа, стилови на качување и луѓето со кои ги делам тие искуства. Без оглед на тоа како ќе се одвиваат работите во иднината, еден елемент кој постојано ќе биде во мене е желбата да продолжам да качувам, истражувам и барам нови висини.

„Нема да престанеме да истражуваме, а крај на нашите истражувања ќе биде да стигнеме каде што сме почнале и да го запознаваме местото за прв пат.“ – Т.С. Елиот

Лин Хил :

- Каде што ниту еден маж не бил претходно;

- За болдерингот

Copyright © Alpinizam.org