Дејв Меклауд
Дејв Меклауд – професионален качувач. Дејв е многу познат качувач од висок калибар. Живее во Форт Вилијам и го поминува времето качувајќи во сите дисциплини од качувачките спортови. Тој го направи првото искачување на насоката „Рапсодија“ – најтешкото искачување со обезбедување ви чист стил во Британија, а во моментов го поминува времето на неговиот проект на Бен Невис, на Ехо страната. За овој проект во не толку далечна иднина ќе следува и нов филм. Дејв има свој вебсајт davemcleod.com, а неговата сопруга Клер има свој вебсајт velvetantlers.co.uk преку кој таа и Дејв продаваат прекрасни пакети за подароци со разни предмети во нив меѓу кои и карактеристични шкотски прехранбени производи и така никогаш не им недостасува храна кога одат на некое качување!
Име: Дејв Меклауд
Возраст: 29
Занимање: Ха-ха! Од каде да почнам? Спортист, тренер, предавач, писател, веб дизајнер, работник.
Образование: Високо образование - Науката и медицината во спортот и рекреацијата
Плата: Секоја година се разликува и тоа многу - од страшно ниска до многу добра.
Одмори: Секој ден е како одмор поради работата која ја имам, но реално сум имал веројатно само еден слободен ден во последните три години.
Опиши ја твојата работа: Одржувам рамнотежа помеѓу неколку работи кои се концентрираат околу качувањето. Држам лекции за качување, држам часови, пишувам за тоа, а од време на време и качувам. Околу 60% од времето го поминувам пред компјутер, а остатокот во качување и тренинг. И така по цел ден, секој ден во неделата.
Како ја доби оваа работа? Колку време ти беше потребно? Проблеми? Дали од секогаш си ја посакувал или едноставно се случи?
Ја добив од комбинацијата на мојата опсесивна љубов кон качувањето, опсесивната љубов кон тоа да бидам опсесивен и едноставно поради тоа што сум проклето тврдоглав. Ми беа потребни 13 години од времето кога почнав до моментот кога почна да доаѓа некој прилив. Во тој момент моето качување имаше одреден стандард, мојот профил одредено ниво и имав научено доволно за да од овие работи профитирам.
Многу сакав да бидам професионален качувач, но немав идеа за тоа што тоа значи дури и до пред три години. Кога имав 16 години и качував постојано во текот на целата таа година, мојот најдобар пријател ми рече дека сé што некогаш ќе правам ќе биде само качувањето. Не можев ништо да му одговорам на тоа. Знаев дека е во право – не постоеше друга опција за мене, но не знаев како од тоа ќе можам да живеам. Реалноста полека еволуираше и се чувствував одлично кога увидов дека бркањето спонозри како единствен прилив на средства не е начинот како да се оди напред!
Што те привлече кон оваа професија?
Тоа што постојано качувам.
Колку долго си во оваа професија и колку долго сето ова ќе трае?
Тешко е да се каже кога сé започна. На 15-годишна возраст почнав да се буткам себе си во моето качување. Сепак во последните две години почнав да чувствувам дека ова е повеќе професија отколку аматерска опсесија. Без сомнение ова е преживување и секојдневните активности во мојата работа континуирано ќе се менуваат, но јас ќе останам ова што сум сé додека не умрам.
Опиши ни еден твој работен ден и една просечна работна недела
Станувам тогаш кога ќе се наспијам во зависност од тоа колку доцна претходната ноќ сум завршил со работа. Прво одговарам на многуте мејлови – пиејќи чај секако. Добивам многу мејлови од качувачи кои имаат потреба од некаква помош, околу нивниот тренинг, повреди, истражувања... Им одговарам на сите иако не сум сигурен дека ќе можам тоа засекогаш да го правам. После тоа со Клер ги гледаме порачките. Со нејзе сме партнери во тој наш бизнис и имаме наша интернет продавница. Потоа порачките ги праќаме по пошта. Ако тој ден имам тренинг обично работам до околу пет часот – пишувам написи, работам на мојот вебсајт, подготвувам предавања или пишувам програми за тренинг за моите клиенти. После ова започнувам со мојот тренинг и тоа трае до полноќ. После тренингот продолжувам уште малку со работа до околу 2-3 часот после полноќ.
Во зимските месеци работите се поинакви. Во тој период држам доста часови и предавања насекаде во Британија. Поминувам многу време во авиони, возови и автобуси и моите написи ги пишувам на мојот лаптоп додека патувам. Уживам во тие луди патувања. Заморни се, но успевам да завршам многу работи! Држам лекции на разни места со вештачки карпи во текот на денот, а во текот на ноќта држам предавања.
Во овој момент работите се исто така поинакви бидејќи работам на еден нов проект. Работам по околу 30-40 часа неделно за да можам да одам на Бен Невис каде работам на нова насока.
Секогаш е различно, многу интензивно и работно. Во секој случај сето тоа ме прави многу повеќе да уживам во качувањето. Најчесто качувам сам на места каде никој не оди и ја сакам таа осаменост. Јас сум многу срамежлив и често голем проблем ми е тоа што кога држам лекции и предавања се сретнувам со многу луѓе кои имаат некакви очекувања од мене.
Дали е како што си замислуваше?
За мене е многу поголема награда отколку што очекував. Да можеш да влијаеш врз луѓето преку своите мисли, делување и комуникација е интересна работа понекогаш. Добивам многу мејлови од качувачи кои ми велат дека читајќи за некои работи за кои сум пишувал на сајтот им помогнало да се справат со одредена ситуација. Тоа е многу фино. Креативно исто така. Но секако тоа е тешка работа. Основен предуслов за успехот е апсолутната опседнатост.
Најдобриот ден? Најлошиот ден?
Најдобрите денови се кога одам да качувам многу тешки насоки, кога се обидувам силно и кога седам во тишина помеѓу обидите – подготвувајќи се да почнам одново.
Најлоши денови се кога се обидувам да направам премногу работи. Посакувам да сум како луѓето кои ми велат дека можат да се справат со притисок за некаков краен рок и слични нервирања. Сé уште имам голема трема пред предавањата и кога пуштам мејлови.
Во што е доброто да си професионален качувач, а во што е лошото?
Доброто е во тоа што ти носи многу помоќни искуства отколку што си можел да замислиш. Лошото е во тоа што може да го направи животот многу неизбалансиран на моменти.
Дали ја сакаш твојата професија и зошто или зошто не?
Ја сакам. Можам да ги правам работите кои навистина ми значат - цел ден, секој ден.
Ако некој тинејџер ти рече дека сака да биде професионален качувач како тебе што би му рекол? Ќе му препорачаш? Ќе го предупредиш? Ќе се насмееш?
Добивам и такви мејлови во кои качувачи ме прашуваат за совет како да добијат спознор и дали да се обидат. Понекогаш им е доволно само да добијат патики за качување. Но моето мислење за тоа дали тие треба да се обидат да станат светски качувачи (и да се откажат од факултетот) е следно: ако го имаат тоа во себе тогаш веројатно нема да имаат потреба да прашаат некој друг. Треба да ЗНААТ дека тие се тоа и тоа и дека нема друга опција. Ако сте таков вид на качувач, вие веќе сте професионалец. Треба само да се научи една мала работа – како да се плаќаат сметките по дома.
Некој совет како да се стигне до тоа што го имаш ти?
Целите многу, многу високо. Гледајте ги најсилните и најпосветените качувачи околу вас, обидувајте се на тие насоки кои тие ги качуваат, правете ги движењата и разберете дека тоа е влезното ниво. За да одите понатаму – треба да поминете првин преку тоа. Јас сé уште не сум стигнал таму. Многу малку луѓе и ќе стигнат, но тоа е процесот кој треба да се употребува.
Друга работа е да се прифати неуспехот. Кога нема да успевате (а сите поминуваат низ такви искуства) – држете се за енергијата која се добива од тоа и искористете ја. Не на лош начин – со лутина и фрлајќи се во карпата кога работите едноставно не одат. Туку да станете следниот ден и да тренирате, да ја прочитате книгата по физиологија и да разберете каде грешите. Треба да ја скршите лошата навика која ја имате – да се форсирате да излезете од зоната на комфорот секој ден.
Некоја неверојатна приказна?
Гледајте го „Е11“
И за крај – која е твоја работа од соништата и зошто?
Моја работа од соништата е таа која ја работам во моментов. Преку моите искачувања открив дека наместо да качувам сé и сешто можам да бидам барем за одреден период специјалист во една работа. Како на пример да работам да качам насока со оцена 9а – сé додека не го качам тоа и да продолжам кон нешто друго. Може да се постигнат многу подобри резултати ако работите се распределат по различни периоди. Тоа се обидувам сега да го направам со мојата „нова“ работа. Со Клер се обидуваме да направиме филм за Бен Невис и насоката на која работам, која ако успеам да ја поминам може да биде специјална. Но за да успеам во тоа морам да прифатам дека морам помалку да држам предавања, помалку да пишувам... Потешко се фокусирам на работата отколку кога качувам.
-Јан/2009г. |