За текстот

Ова е текст на Р. Меснер, објавен во 1971 година, но секако со содржина која е многу актуелна и денес - за употребата на експанзионите клинови во насоките...

„Времињата се менуваат, а со нив и концептите и вредностите. Довербата во опремата ја замени довербата во самите себе...“ - Р. Меснер

„Јас веќе тргнувам и подготвен сум за сé – дури и да се повлечам ако го сретнам невозможното... Ако некој сака да дојде со мене, ќе одиме кон врвот заедно по насоки по кои можеме - без да станеме убијци...“ - Р. Меснер


Други текстови за/од Меснер:

- Пасија за граници;

- Бркајќи го Меснер;

- Убиство на невозможното;

- Интервју R&I

Share

Убиство на невозможното

Што имам против „диретисимите“? Ништо и напротив мислам дека насоките кои одат нагоре по линијата по која „би паѓала капка вода“ се најлогичните кои постојат. Се разбира тие од секогаш постоеле – сé додека планините тоа го дозволуваат. Но некогаш линијата на помал отпор оди во лево или во десно од оваа линија и гледаме како качувачи, кога следат прво искачување, одејќи директно нагоре - поставуваат експанзиони клинови. Зошто одат натаму? „Во име на слободата“ – велат, но не разбираат дека всушност се робови на таа метална линија.

„Кога ќе се сретнете со некакви тежини, логично е не да ги одбегнувате, туку да ги поминете“, вели Пол Клодел. Тоа го велат и протагонистите на „диретисимата“, а тие знаат дека опремата која ја имаат ќе ги пренесе преку било која препрека. Така, на тој начин тие зборуваат за проблеми кои всушност повеќе и не постојат. Дали планината ќе може да ги сопре со некои ненадејни тежини? Се насмевнуваат – тие времиња се одамна поминати! Невозможното во алпинизмот е одамна елиминирано – убиено од диретисимата.

Сепак диретисимите сами по себе не би биле лоши – ако не беше фактот дека духот кој ги води, се инфилтрира во целото поле на качувањето. Замислете качувач на некоја карпа, железо виси под неговите нозе - а насекаде околу него жолта, превисна карпа. Веќе изморен, тој буши нова дупка над последниот клин. Не се предава. Тврдоглаво, експанзионен клин по експанзионен клин, тој продолжува. Неговиот пат – и никој друг – мора да биде на сила направен нагоре по карпата.

Експанзионите клинови денес се земаат здраво за готово. Се чуваат за секој случај ако некоја тежина не може да биде помината со нормални методи. Денес качувачите не сакаат да бидат пресечени од можноста дека ќе треба да се повлечат. Ја носат својата храброст во ранците во форма на експанзиони клинови и друга опрема. Карпите не се поминуваат со качувачка способност, туку се омаловажува карпата – должина по должина, со методска рачна работа. Што не е направено денес – ќе се доправи утре. Насоките за слободно качување се опасни и тие се обезбедени со клинови. Амбициите не се градат повеќе на способност, туку на опрема и на должина на време кое е на располагање. Одлучувачкиот фактор не е храброста, туку техниката. Искачувањето може да трае со денови и денови, а клиновите да бидат во толкав број - да не можат да се добројат. Повлекувањето стана понижувачко, затоа што секој знае дека комбинацијата на експанзиони клинови и тврдоглава одлучност може да ве пренесе преку сé – дури и преку наизглед најодбивната диретисима.

Времињата се менуваат, а со нив и концептите и вредностите. Довербата во опремата ја замени довербата во самите себе. Им се воодушевуваме на тимовите кои направиле што повеќе бивакувања, а на храброста на тие кои сé уште качуваат „слободно“ потсмешливо се гледа како на манифестација на недостаток на совест.

Кој ја загади чистотата во алпинизмот?

Иноваторите веројатно само сакаа да стигнат поблиску до границите на можното. Денес сепак секоја граница е исчезната и избришана. На почетокот не изгледаше дека ќе биде толку сериозно, но десет години беа доволни да се види дека зборот „невозможно“ е елиминиран од речникот на алпинизмот.

Прогрес? Денес, десет години од почетокот на сето ова, постојат луѓе кои не се грижат каде поставуваат експанзиони клинови – дали на нови насоки или стари класики. Луѓето повеќе бушат отколку што качуваат.

„Невозможно“ – тоа не постои повеќе. Змејот е мртов, отруен...

Луѓето продолжуваат да бушат – и на диретисими и на други линии и го изгубија вкусот на качувањето. Зошто да има предизвик, зошто да има коцкање – кога може да се продолжи со совршена безбедност? Така денес има месии кои велат: „Не го трошете времето на класични насоки – научете да бушите и да ја користите опремата. Ако сакате да бидете успешни – употребете ги сите средства да ја поминете планината. Ерата на диретисимите само што започнува – секој врв ја чека својата метална линија. Нема потреба да се брза – планините нема да побегнат – ниту пак можат да се одбранат.“

„Си направил некоја диретисима? А супер диретисима“? Ова се критериумите преку кои денес се докажува кредибилитет во алпинизмот. И така младите тргнуваат и ползат преку скали од експанзиони клинови и ги прашуваат следните: „Си направил некоја диретисима“?

На секој кој не ја игра оваа игра и кој застанал спроти тој тек се гледа потсмешливо. Генерацијата на металните линии е консолидирана и многу умешно и смислено го уби идеалот за невозможното. Секој кој не се спротивставува на тоа станува соучесник во тоа убиство. Кога следните генерации на алпинисти ќе ги отворат очите и ќе разберат што се случило – ќе биде предоцна. Невозможното, а со тоа и ризикот – ќе бидат закопани, изгниени и засекогаш заборавени.

Сепак – не е сé загубено иако „тие“ го возвраќаат ударот и иако не секогаш се истите луѓе туку слични на нив. Пред да нападнат, повторно ќе направат голема врева и секое предупредување ќе биде бескорисно. Ќе бидат амбициозни и повторно некои нови „последни големи проблеми“ ќе бидат решени. Ќе остават нови фотографии во домовите, како историски документ кој покажува права линија на точки како оди од подножјето на карпата до врвот и ќе нé информираат како повторно „човекот го постигна невозможното“.

Ако луѓето претходно имале идеја да постават правила на однесување – тоа значи дека ситуацијата е сериозна, но ние младите луѓе не сакаме код на однесување во алпинизмот. Напротив – „таму горе сакаме да имаме долги и тешки денови кога наутро нема да знаеме што ќе ни донесе ноќта.“ Но уште колку долго ќе можеме да го имаме ова?

Загрижен сум за мртвиот змеј. Треба да направиме нешто во врска со тоа пред невозможното засекогаш да биде закопано. Фрлени сме во една фурија на алпинистички и експанзиони клинови по сé потешки и диви карпи и новата генерација ќе мора да знае како да се ослободи од овие непотребни замки. Од овие метални линии научивме една работа – дека нашите следбеници ќе треба повторно да научат како да стигнат до врвот по нови насоки. Време е да ги платиме нашите долгови и повторно да ги бараме границите на можното. Мора да имаме такви граници ако сакаме да ја користиме убавината на храброста кога им приоѓаме. И мора да ги достигнеме. Каде инаку би можеле да најдеме засолниште од летот низ притисокот на секојдневието? Во Хималаите? Во Андите? Да – секако ако можеме да отидеме таму, но за повеќето од нас тоа ќе бидат овие стари Алпи.

Ајде да го спасиме змејот и во иднина да го следиме патот кој качувачите од минатото го поставиле. Убеден сум дека тоа е правиот пат.

Облечете ги чевлите и да одиме. Ако имате партнер, земете го јажето со вас, неколку алпинистички клинови за сидришта и ништо друго. Јас веќе тргнувам и подготвен сум за сé – дури и да се повлечам ако го сретнам невозможното. Нема да убивам змејови, но ако некој сака да дојде со мене, ќе одиме кон врвот заедно по насоки по кои можеме - без да станеме убијци.

- Р. Меснер, 1971г.

Copyright © Alpinizam.org