За авторот и текстот

Ројал Робинс е американски алпинист роден во 1935 година. Својата слава ја стекнува најпрво на големите карпи во Јосемити – Ел Капитен и Халф Доум, каде во периодот 1957-1963 ги искачува најтешките насоки. Потоа своето искуство го пренесува и на други локалитети во САД - Колорадо, Вајоминг, потоа во Канада, учествува во искачувањето на две насоки на Дру во 1962 и 1965г (и двете во своето име го имаат зборот „директ“)...

Токму поради тоа е интересно да се види неговото размислување и искуство од неговите искачувања во 1966г. на ниските карпи во Британија и специфичниот пристап на локалните качувачи...

 

Други текстови од Ројал:

- Посета на Британија;

- Стоејќи на рамењата

 

Посета на Британија

-Ројал Робинс, 1966г.

Со мојата сопруга ја посетивме земјата на Шекспир два пати оваа година. Првата причина беше турнејата со презентации, а втората – да качуваме во северен Велс. За време на овие посети се заљубивме во оваа мала земја на пријателски, разбирливи и силни луѓе. Исто така се заљубивме и во британското качување на карпа.

Пред да почнам да ги опишувам нашите искуства, би сакал да го опишам разбирањето во Британија кон качувањето и во однос на тоа да направам споредба со моите искуства.

Овде, качувањето на карпа е многу различна игра од тоа што ние го играме кај нас. На пример во САД скоро и да не постои предрасуда кон прекумерната употреба на алпинистички клинови за обезбедување во качувањето. Но во Англија употребата на клинови е крајно ограничена – освен на ретки варовнички карпи или локалитети покрај морето, каде има насоки во кои има клинови.

Причината поради која Британците им се толку наострени на клиновите е тоа што качувачите кои ги поставуваат стандардите и се со најголемо влијание во јавноста – мислат дека клиновите ги спуштаат стандардите во качувањето. Тие не гледаат вредност во тие искачувања и велат дека човекот кој не може да искачи некоја насока со ресурсуте кои му се нудат, со способност, храброст и проценка – тој го симнува на некое свое ниво тоа качување користејќи железарија.

Сепак – клиновите не се целосно избегнувани. На еден дискриминирачки начин, на подобрите качувачи им е дозволено да користат клин во некоја насока која инаку би била невозможна.

Оваа предрасуда кон клиновите е делумна причина и зошто британскиот стандард на слободно качување е највисок во светот. Американците се најдобри „клинаџии“ и веројатно поефикасни од другите при искачување на големи карпи, а посебно гранитни ѕидови. Тие исто така се одлични и во слободното качување што е во основа болдеринг – прават екстремно тешки движења во близина на некој клин.

Но Британците се совршени во тоа да можат да качуваат тешки насоки со многу малку обезбедување. Тоа значи дека тие може да се движат побрзо и посигурно преку проблеми на карпа – од нивните американски колеги. Со оглед на тоа што Британците многу помалку од нас ги користат клиновите како замена за својата способност, за да качуваат безбедно тие се принудени да ја научат уметността на качувањето многу потемелно од нас.

Но работите се менуваат. Долгите растојанија помеѓу две точки за обезбдување на тешки насоки веќе не се толку популарни како што беа – дури и меѓу подобрите качувачи. Во изминатите неколку години Британците развиваа замени за клиновите кои ќе обезбедат сигурност во качувањето, а нема да бидат во конфликт со нивната етика. Една од тие работи се нормалните машински навртки (мутери). Кога тие се користат со гуртна или карабинер и се заглавуваат во пукнатините – тие се како заглавени камења во нив. Но дури и тие од старата гарда се најдоа на отстрел за „спуштање на стандардите“.

Знаејќи го тоа чувство кон железаријата, си ја оставив опремата изработена од Шуинард во Швајцарија – пред да заминеме за Англија. Таму, со Френк Дејвис заминавме за локалитетот Рочес.

Тоа е карпест појас карактеристичен за централна Англија. Долг појас, но не и висок – од 10 до 30 метри. Карпата е еден вид цврст песочник. Многу малку се качува во плочите и повеќето од насоките се во пукнатините.

Откако Лиз, Френк и јас поминавме неколку лесни насоки, тој ни покажа една пукнатина која минуваше низ таван кој беше околу 3 метри – на околу 20 метри од земјата.

„Ова е Слот“, ни рече. „Класика.“ А по кратка пауза додаде: „Но една од тешките класики. Прв пат беше искачена од Дон Виланс пред 15 години.“

Бев фасциниран.

„Морам да ја пробам“, си помислив – истовремено исплашен и привлечен од нејзе.

Брзо бев на 15-тина метри над земја и го гледав таванот. Прво што требаше да направам е да ставам гуртна на еден заб на карпата и потоа да се занишам. Висејќи на една рака, со нозете поставени на триење на мазната карпа под мене, на брзина поставив гуртна и се прикопчав. Таа нема да дозволи да загинам ако паднам од таванот, но една полица подолу – на која би паднал, сигурно би ми била кобна за двете нозе. Во тие моменти чувствував страв од таа многу реална опасна ситуација, но и природна аверзија да не паднам во празниот простор под мене.

По долго мислење почнав да ги правам првите движења и мојата желба да го искачам тоа – го победи мојот страв. Влегов во пукнатината со голема посветеност. Крајот е спектакуларен: се виси во воздух - целосно на заглавени раце. Потоа следува една очајна битка да се заглави телото во пукнатината пред рацете да попуштат.

„Ова е навистина многу храбро водење“, си помислив, пристигнувајќи на врвот.

Насоката е висока само 25 метри, но ми остана во сеќавање многу подлабоко отколку многу други долги насоки. Сум искачил многу насоки – тешки или и потешки од нејзе, но само многу малку од нив со толкава смелост и таков карактер како ова дело на Дон Виланс.

Потоа Френк нé однесе до Лејк Дистрикт, каде по два дена бев на „Блаџон“. Тоа е уште една кратка, но силна превисна насока, искачена од тигарот од Лејк Дистрикт – Пол Рос. Не требаше да бидам таму. Пет месеци скијање не се подготовка за тешко и превисно качување на карпа, но не можев да оддолеам на таква страшно предизвикувачка насока.

Тешкото движење е добро обезбедено, но би следувал пад од 7 метри на гуртна поставена околу голем заб. Од помислата од паѓање 7 метри дури и покрај тоа што ми изгледаше безбедно, ми требаше еден час да соберам храброст и едвај успеав. Но барем го имав задоволството да прокоментирам како некој неранимајко се осмелил да закова клин таму!

Во Шкотска се сретнавме со Том Пети – лудиот Шкотланѓанец кој нé однесе до Гленко. Тоа е област оддувана од ветер, без дрвја, заоблени планински врвови – премногу лесно за потценување. Овде сепак има една дива убавина и прекрасни услови за качување на карпа.

Тука качивме убава насока. Том солираше пред нас да ни го покаже правецот, а јас и Лиз срамежливо го следевме под лесниот дожд. Карпата беше влажна, на прстите ни беше студено и не ги чувствувавме, а се движевме по мали фаќалишта на континуирано мазна карпа. Влажното симнување по лизгавите плочи беше доживување. Целиот проект беше еден од „најалпинистичките“денови кои сум ги имал.

Наскоро се вративме во Англија каде пријателски настроените студенти од универзитетот во Лидс ни покажаа некои од делата на Џо Браун во Кирбер – еден од попознатите грит појаси. По малку патење на две насоки („Пипод“ и „Лефт хенд елиминејт“), влегов во познатата „Рајт хенд елиминејт“. Качувањето направи да се чувствувам како да имам празен стомак и како да сум многу слаб. Чувствував нервозна возбуденост – се гледаше дека оваа 20 метарска пукнатина ќе бара голем напор и секако не без ризик. Качував механички – еден дел од моето тело форсираше друг дел од моето тело да прави нешто што не сакаше да прави. Пукнатината на почетокот е широка, а по десетина метри се стеснува и завршува во превис. Тука имаше два заглавени камења, што го правеше качувањето безбедно, но моето искачување беше со многу мака и патење.

Потоа излеговме на автопат упатувајќи се кон исток, од каде излеговме на мали, кривулести патчиња низ северен Велс – оградени со чудни и бескрајни камени ѕидови.

Возбудата и исчекувањето ни растеа кога почнавме да се приближуваме кон Ланберис, а од таму кога го видовме предизвикувачкиот жлеб Ценотаф. Тоа е 40 метарска „отворена книга“ преку која всушност Џо Браун почна да ја стекнува својата репутација. На десниот ѕид од оваа книга има уште една позната насока – „Семетери гејтс“, која некои ја сметаат и потешка од Ценотаф. И двете насоки беа високи во листата на насоки кои сакав да ги качам во Британија.

Прво се обидов на „Гејтс“. Откако поминав многу долго време на најважното движење – се откажав. Не сакав да ризикувам да паднам 5 метри на гуртна, а падот беше скоро сигурен. Тука имаше заковано и многу добар клин и тој секако ако го искористев ќе сменеше многу во ситуацијата. Токму поради тоа и не се прикопчав, затоа што како што пишува и во водичот: „Ова искачување е со добро природно обезбедување. Клинови не се потребни. Тие кои сметаат поинаку треба да си ги насочат своите напори на друго место.“

Тоа многу добро ги дефинираше правилата на игра овде. Не беше како дома. Се симнав.

По неколку дена повторно влегов во оваа насока, но овој пат успешно ја поминав. Бев во добра форма и ја поминав без посебни проблеми и со големо уживање.
Кога го качував жлебот со Џо Браун, повторно како и со претходната насока – се повлеков при водењето. Така, Џо ја водеше и тоа беше втор пат како ја поминува оваа насока по првото искачување пред многу години. Кога го гледав – срцето ми се исполни и се здобив со голема почит кон него. Никогаш претходно немав видено такво мајсторство во качувањето на карпа. Се движеше многу прецизно и економично и беше задоволство да се гледа.

Браун не беше „само“ качувач на карпа. Тој ги направи и првите искачувања на Мустаг кулата и Кангченџунга – третата највисока планина во светот.
Потоа влегов и јас во насоката – обезбедуван од горе. Се обидував да ги имитирам што подобро неговите движења и тоа само ме внесе во поголеми проблеми. По некое време, со малце повеќе контрола и јас успеав да ја водам оваа насока.

Лиз и јас многу уживавме во оваа посета на Британија. Јас посебно го засакав начинот на кој се игра качувањето на карпа овде. Мислам дека моето качување многу се подобри поради тоа што бев принуден да станам повеќе свесен за некои работи – на пример како најдобро да ги користам гуртните и како прецизно да ги користам малите фаќалишта.

Мислам дека можеме да научиме нешто од британските идеали за да го подобриме американското качување на карпа. Не сакам ова да се разбере дека сум за целосно откажување од клиновите. Одбивањето на клиновите во Британија одговора совршено на нивната земја. Насоките се кратки и во огромен број. Многу честа слика е да се видат редици качувачи под насоките. Со користење на природно обезбедување и качувајќи бавно и внимателно, наместо да се коваат клинови и да се лета по насоките – Британците одлично ги користат нивните природни ресурси и локалитети. Нивното генерално одбивање на клиновите и кон поставувањето на „топ роуп“ системи е причината  што во континуитет го одржуваат високото реноме и силниот предизвик во нивното качување. Постојат исклучоци, но навистина е неверојатно како во една земја која има толку многу качувачи, насока како жлебот Ценотаф сé уште е во иста состојба каква што била како кога Браун го направил првото искачување.

Една работа која можеме да ја научиме е дека е подобро „да се даде сé од себе“, што би рекол Виланс и дека е подобро да се симнеме отколку да го „инжинеросуваме“ искачувањето кое ги надминува нашите способности. Не алатки, туку волја да се прифатат сопствените способности – тоа е клучот на безбедното качување.

Но веројатно најважната работа на која може да нé научат нашите пријатели од Британија е тоа да не го земаме качувањето премногу сериозно. Ова е честа грешка која се прави во Америка, а посебно во Јосемити. Сепак, како што има кажано Тони Смит – „Качувањето е апсурдна работа.“

Се согласувам. Тоа е една од убавите работи во него.

Copyright © Alpinizam.org