Ројал Робинс
Стоејќи на рамењата: посветено на моите херои
Кои и да биле силите во минатото кои ги влечеле луѓето кон височините – ќе останат барем подеднакво силни и во деновите кои доаѓаат. Според мене – две од тие сили посебно се истакнуваат. Една е нашата потреба да бидеме дел од природата бидејќи таа наша врска е врска со нормалното. Хенри Дејвид Тороу има кажано: „Зачувувањето на светот е во дивината.“ Тоа звучи толку интуитивни вистинито. Па може ли некој да си замисли како би ја задржале нашата нормалност ако во светот не постои ништо друго освен Њујорк и Лос Анџелес?
Но што е тоа што постои во дивината што толку го исполнува човечкиот дух? Не би можел да кажам дека тоа е Божјото присуство. Сите тоа различно го доживуваме. Но можеме да кажеме дека тоа нешто е Божје дело. Природата е толку смирувачка поради тоа што таа е Божја креација, но уште поважно – креација врз која не е дејствувано од страна на човекот. Токму таквото присуство на Божествена Креација со отсуство на човеково влијание е тоа што толку многу одговара и ја исполнува нашата душа и ја провоцира да извикне: „Дојдов дома.“
Другата сила е жедта за личен предизвик. Оваа жед ги води луѓето во планините – да се откријат кои се и да видат што може да станат. Имаме потреба од авантура. Тоа е во нашата крв и нема да исчезне. Планините ќе продолжат да нé повикуваат бидејќи на многу уникатен начин ја исполнуваат нашата потреба да комуницираме со природата и нашата жед за авантура.
Само тоа можам да го кажам за иднината. Дека човековата потреба за природата и авантурата нема да исчезне. Драмата ќе продолжи. Јас повеќе би сакал да зборувам за минатото бидејќи тоа е воведот. Идеалот и духот кој ги водел најраните и најголемите качувачи ќе продолжи да биде мотивација и за следните генерации.
Мој прв херој беше водачот на извидниците – Фил Бејли. Со качувањето се запознав преку извидниците уште кога имав 12 години, а мојата судбина како качувач беше запечатена од зборовите во една книга која ја прочитав кога имав 15 години. Тоа е книгата за историјата на алпинизмот напишана од Џејмс Улман - „Високо освојување“ во 1941 година. Книгата го доловува романтизмот во качувањето на начин на кој денешните не успеваат. Денешните се премногу префинети и им недостасува невиност...
Што е тоа „високо освојување“? Одговарајќи на тоа прашање, книгата остави голема трага во мојата душа. Улман не пишуваше за освојување на големи купови карпи – туку за планините во алпинистот. Еден цитат од Џорџ Мелори е добар опис за вистинската тема на книгата: „Дали освоивме непријател? Не – туку самите себе.“ Научив дека планините кои ги освојуваме не се тие во хоризонтот: големи, студени и предизвикувачки, туку тие кои ги имаме внатре во нас: стравот, слабоста и љубомората. Тие се вистинските високи врвови. Кога би можеле да застанеме на нивниот врв тогаш навистина би биле „на врвот на светот“.
На таа возраст сакав да станам качувач. Токму зборовите на Улман и Мелори ја запечатија мојата судбина и ја иницираа мојата посветеност кон уметноста на качувањето.
Мојата втора книга беше таа на Андре Фрисон Рош – за млад водач на планина во француските Алпи кој по смртта на неговиот татко во невреме на Петит Дру израснува во самостоен, силен и зрел качувач. Откако ја прочитав „Прв на јажето“ знаев дека тоа е тоа каде од секогаш сум сакал да бидам – на работ и да го наоѓам патот.
Моите први херои беа авторите на овие книги и ликовите во нив. Потоа бев инспириран од други херои: Херман Бул, Андерл Хекмаер, Хајнрих Херер, Гастон Ребуфа, Лајонел Тери, Емилио Комичи, Рикардо Касин, а посебно од италијанскиот алпинист Волтер Бонати. Тој имаше направено многу сериозни искачувања, но посебно се истакнува неговото соло искачување на југозападниот столб на Дру. Тоа беше експонирано и технички многу тешко искачување кое надминуваше сé што до тогаш беше постигнато во качувањето.
Тоа искачување е совршен одраз на зборовите на Џефри Винтроп Јанг: „Не е важно одењето до врвот. Важен е начинот на кој го правиш тоа.“ Искачувањето на Бонати, дури и да беше направено во наврска со партнер ќе беше голема работа. Солирањето направи тоа да биде огромен подвиг. Моите соло искачувања во Јосемити се инспирирани токму од тоа на Бонати, но не го достигнуваат тоа ниво. Тој беше многу напред пред своето време. Јас само имитирав.
Никогаш не се сретнав со Бонати, но успеав да се сретнам и да качувам со други мои херои како на пример Џо Браун и Дон Виланс – две легенди од британската качувачка сцена. Во 1964 година качував со Џо на една од неговите најтешки насоки во Англија. Тој водеше и качуваше со таква економичност што останав без здив од восхит. Немаше ниту еден одвишен потег во неговото качување. Дон беше исто така еден од најдобрите качувачи. Неговите насоки беа опишувани: „Како Виланс – кратки, но силни.“ Тој беше мајстор за насоки од кои беше лесно да се падне и во кои недостасуваше место за обезбедување.
Тоа што посебно ми се допаѓаше кај Виланс беше неговото смирено чувство кога работите беа опасни. Како и сите качувачи и тој сигурно беше романтичен во своето срце, меѓутоа кога беше во планините тој беше многу реален. Ја минуваше секоја ситуација со совршена јаснотија и никогаш не доздолуваше неговите соништа или амбиции да го засенат правилното размислување. Често размислував дека ако одењето во планините ме донесе во ситуцаии опасни по живот – човекот со кој би сакал да бидам би бил Дон Виланс.
Останатите херои се Американци. Прв на списокот е Џон Муир. Негов најголем тестамент во качувањето во Америка беше пораката на светост на природата и потребата таа да остане чиста и непроменета. Американските качувачи долго време живеат според тој принцип. Во целите на Американскиот Алпинистички Клуб стои и: „...заштита и зачувување на планинската средина...“ Кога станав член на Алпинистичкиот Клуб на Сиера научив уште на почетокот: „остави го како што си го нашол.“ Тоа се однесуваше за планинарска патека, камп, карпа... Тоа значеше да не се оставаат клинови во насоките. Ги вадевме.
Во Европа беше обратно. Алпите се целите исковани со клинови. Американските качувачи, водени од Муировото „не оставај трага“ беа посветени на тоа да ја оставаат карпата колку што е тоа можно поблиску до нејзината првобитна состојба. Ги вадевме клиновите - прво со цел да го зачуваме квалитетот на карпата, но исто така и да ги зачуваме истражувачките квалитети исто како за првите качувачи. Американците беа горди што не оставаат ниту еден клин дури и во многу големи насоки. На крајот оваа посветеност доведе до тоа клиновите да се заменат со чокови...
Друг Американец кој има оставено длабока трага врз мене е Џон Салате. Тој дојде од Швајцарија на 45-годишна возраст и почна со изработката на челичните клинови. Тој сонуваше да качува долги насоки во кои би биле потребни стотици клинови. Неговиот комплет се состоеше од 20-30 клина кои поради нивната цврстина можеа да бидат употребувани по повеќе пати. Меките железни клинови кои беа на располагање во тоа време не беа адекватни за таква употреба. Тие лесно се деформираа и стануваа неупотребливи.
Неговите клинови му овозможија да искачи многу тешки технички насоки – веројатно потешки од било што друго тогаш во светот. Во Јосемити во тие времиња при качувањето од време на време се поставуваше и по некој експанзионен клин со кој се обезбедуваше многу мазен дел од карпата. Секогаш постоеше големо искушение да се извади бормашината уште пред да има навистина потреба за тоа – да се земе полесниот пат наместо да се работи многу напорно и инвентивно и да се избегне посегнувањето по експанзиониот клин...
Качувањето во Америка ќе беше целосно различно ако ние кои го следевме Салате не бевме толку импресионирани од неговата храброст и посветеност кон совршенството... Многумина имаат застанато на неговите рамења – да ги дофатат високите фаќалишта.
Има уште тројца луѓе на чии квалитети им се восхитувам и кои би сакал да ги имам. Прв е мојот најчест партнер во качувањето - Чак Прат. Многу пати сум рекол дека Чак беше најдобриот качувач во нашата генерација. Секогаш сум се наежувал од неговата способност да виси заглавен со рацете во некоја пукнатина. Но беше добар и во сé друго – плочи, техничко качување... Но пред сé тој е мој херој поради неговиот карактер. Една негова фраза: „Само чистите качуваат грациозно“. Прат секако беше грешник „како првиот човек до него“, но кога се работеше за качувањето – тоа беше скоро свето нешто за него. Чак повеќе од било кој друг кој го знам од секогаш качувал само за искуството при качувањето, за наградите кои доаѓаат директно од танцот помеѓу човекот и карпата...
Друг пријател од оваа класа е Том Фрост. Заедно со Чак тој беше мој најблизок партнер во качувањето во тоа златно време во Јосемити. Со него качувањето беше поголема авантура отколку со Прат. Со Прат успехот беше скоро сигурен, но ништо не беше загубено ниту во друштвото и смеењето со Том. Неговиот оптимизам беше заразен и секогаш инспирирачки. Тој е најдобрата личност која сум ја сретнал. Никогаш нема кажано лош збор за никого. Тој исто така е и храбар водач кој се покажа во вистинско светло во зачувување на духот на Камп 4... Сé уште активен – пред неколку години на 60-годишна возраст со неговиот син искачија три големи насоки на Ел Капитен – од кои една „Северно Американскиот Ѕид“...
Последниот мој пример е Питер Крофт. Тој беше мој херој долги години – уште откако го направи соло искачувањето на „Астроман“. Со Том Фрост го направивме првото повторување на оваа насока и често моравме да качуваме технички. Беше импресивно да се знае дека некој го поминал тоа слободно. Но беше и восхитувачки да се знае дека тоа го направил без јаже. Неговото мајсторство го докажа при искачувањето на „Носот“ на Ел Капитен и „Северозападната страна“ на Халф Доум во еден ден – заедно со Џон Бакар... Скромен, добродушен и секогаш во контакт со основното задоволство во качувањето. Личност која кога ќе ја сретнете веднаш можете да кажете: „Тоа е човек.“
Квалитетите на качувачите кои беа моја инспирација ќе бидат потребни да опстојат и во иднина исто како што беше тоа важно и во минатото. Ќе остане вечна вистина тоа дека не е важно да се стигне до врвот – туку дека се важни средствата и начинот на кој тоа се прави. Со зголемувањето на бројот на качувачи секако уште поважно е да се прифати тоа да се остави што помалку доказ за вашето поминување во средината.
Чувството за стил – никогаш нема да излезе од мода, а стандардите кои се толку високи што ќе треба многу силно да се трудиме да ги достигнеме, секогаш ќе бидат дел од играта наречена качување... Можеме да очекуваме дека една од работите кои исто така ќе нé следат во иднината е другарството. Да, секогаш ќе има конфликти помеѓу качувачите бидејќи тоа е сепак природен дел од човековата состојба. Но на долга патека „братството на јажето“ ќе опстане. Блискоста помеѓу пријателите кои споделиле опасни ситуации во кои си ги штителе животите со своите раце - од секогаш бил силен импулс во качувањето. Ова братство или (ако некој не сака да го оградува со пол) Дух – живее, диши и никогаш не умира. Да живее Духот на јажето! |