Share

Алпинистичка Балканијада во Демир Капија - 2013г.

-28.10.2013г. Игор Т.

Во периодот од 24-ти до 27-ми октомври во Демир Капија се одржа меѓународна алпинистичка средба чии главни организатори беа членови на Алпинистичкиот клуб Плоча од Радовиш. Средбата помина одлично, со учество на повеќе од 70 алпинисти и тоа најмногу од Македонија и Бугарија, при што програмата вклучуваше: искачувања на насоки по избор (за што организаторот имаше подготвено соодветни скици за насоките за алпинистите кои прв пат го посетуваат овој локалитет), натпреварувачки дел – искачување на дел од карпата на технички начин, а и културна програма во текот на вечерта – со прикажување на филмови и одржување на презентации.

Поради тоа што нашиот најголем културен настан на кој работиме во текот на целата година, Ехо – Денови на планинскиот филм, се случува скоро веднаш по овој алпинистички собир, нашите работни обврски ни дозволија да ја почувствуваме енергијата на Балканијадата само во текот на последниот ден.

И беше убаво! Многу луѓе (иако не сме многу по гужвите, но беше убаво! И пак извичник!), но доволно да се има убав избор на насоки. Барем во моментот кога ние пристигнавме. Како за загревање си ја поминавме „Полжав“ (насоката со број „1“ на фотката долу),  а за отпишување – „Гавран“ (насоката број „2“ на фотката долу).

Им честитаме на организаторите и на сите кои помогнаа да се одржи оваа средба, па се надеваме дека овој собир во иднина ќе расте и заедно со тој кој МАФ го организира во мај на Матка, ќе си имаме 2 убави собири во текот на годината низ кои ќе се дружиме, инспирираме, разменуваме искуства...

Copyright © Alpinizam.org