Перу - 2007г
Македонскиот алпинист, Слободан Колоски - Шакшама, повторно е во Перу со американскиот алпинист Анугата Бах. Тие во изминативе години имаат направено неколку многу добри искачувања во Кордилерите и еве нивната соработка продолжува.
26.06.2007
Поради здравствени проблеми на Анугата, се откажуваат сите понатамошни планови за овој период - вклучувајќи го тука и обидот на Хуандој Норте. Не се работи за ништо сериозно - едноставно доволно за да не може да качуваат...
23.06.2007
По неколкуте дена одмор во Хуараз (Шакшама исто така имаше проблеми и со грлото), денес заминуваат кон базниот логор на Хуандој Северен Врв (6395м). Нивната цел е „Нормалната насока“ која се издигнува 1200 метри во вертикала и е со тежина D+. Од информациите кои ги имаат во овој период често во пристапот на насоката се случувале одрони и ќе поминат некој ден разгледувајќи ги случувањата под страната, но и во насоката. Насоката инаку започнува во кулоар со стрмнина 50-55 степени, а на излезот од него има 75 стпени. Потоа излегува на терен со стрмнина од 55 степени, и карпест дел со тежина III. Со нив ќе земат и шатор кој ќе го остават на излезот на кулоарот каде имало услови за тоа, а враќањето се прави по истата насока... Нивната насока е најдесната црвена линија на фотката...
Пред да започнат со посериозните искачувања, оваа година тие се решија аклиматизацијата да ја направат на планината Чопикалки (6354м).
18.06.2007
Имавме телефонски разговор со Шакшама и тој нé извести дека денес се вратиле од Чопикалки каде стигнале на висина од околу 150м под врвот. Базниот камп им бил на 4300мнв каде поминале 2 ноќи, а потоа уште 6 ноќи повисоко во планината од кои 3 ноќи на височина од над 5600мнв.
Врвот почнале да го качуваат во 2 часот по полноќ, но комбинацијата од многу силни ветрови во текот на денот, промена на условите на насоката од временските прилики (незгодни бергшрунди и креваси), како и самиот факт дека многу брзо се решиле да се искачат на таа височина – ги принудиле да решат да се вратат без да се качат до врвот и да не форсираат без потреба.
Се работеше сепак само за аклиматизација и е постигната добра височина. Сé уште конкретно не се знае на која насока би оделе и на која планина, но според сите информации кои ги добиле таму, условите во планините генерално биле многу добри...
Тие се сега во Хуараз каде се надеваме дека пред сé ќе се одморат добро... |