|
Кордилера Бланка - планините во Перу
Овие планински масиви често се именувани и како Перувиски Анди. Во нив има 25 врва повисоки од 6000 метри, од кои 15 се преку 6096 метри. Исто така и 35 врва повисоки од 5700 метри. Највисок врв е Хуаскаран (6768 м).
Кордилера Бланка во должина се простираат 180 километри, а во широчина 20 километри. Завземаат правец север-северо-запад и се паралелни со обалата на Пацификот која се наоѓа на оддалеченост од само 100 километри на запад. Поради глобалното затоплување, но и поради тоа што овие Кордилери се наоѓаат на само 9 степени од Екваторот, во последните декади глечерите се имаат многу повлечено, така што тие не се спуштаат подолу од 4800 мнв. Поради тоа долините под нив, наместо со мраз покриени се со трева.
Главната качувачка сезона трае од Мај до почетокот на Септември. Најдобри месеци се Јуни и Јули, а веќе во Август времето почнува да се расипува – силни ветрови и чести попладневни невремиња.
Исто така условите за качување во голема мера зависат и од страната на планината на која качувате. Најдобри за качување се источните и северните страни, а потоа западните и јужните страни на планините каде снегот често е нестабилен и склон кон лавини.
Температурите на височина од околу 5000 метри преку ноќите се движат од –5 до –20 степени Целзиусови, а во текот на денот во северните страни може да достигнат и 25 степени Целзиусови. Во Јужните страни кои се во сенка температурата во текот на целиот ден е околу 0 степени Целзиусови.
Од аспект на пристапност до планините овие Кордилери се микс од Алпите и Хималаите. Тука нема жичари и домови како во Алпите, но исто така и не ви се потребни неколку дена да стигнете до под планината како во Хималаите. Добра база е градот Хуараз – до кој се стигнува за околу 8 часа возење со автобус од главниот град на Перу, Лима. Од Хуараз за половина ден веќе почнувате да влегувате во срцето на овие планински масиви.
Исто така за истото време за кое е потребно да се направи искачување по нормалната насока на Аконкагва или Денали, овде може да се направат неколку искачувања по исклучително тешки насоки.
Насоките и страните кои се претставени овде се „класики“ - некои се нормални насоки со тежини PD/AD, a некои и многу тешки со оцени и до ED2, но сепак класични или нешто што оставило свој белег во историјата и нешто што мора да се види и помине. Поделени се според пристапот од некоја од долините до кои се стигнува од Хуараз. Некои планини се повторуваат по два пати т.е. во две различни поглавја. Причината за тоа е поради тоа што различните страни се пристапуваат преку различни долини. Секогаш се препорачува симнувањето да се прави преку насоката од која сте се качиле или некоја полесна која ќе ве врати во базниот логор од кој сте тргнале, бидејќи ако се симнете во друга долина „префрлувањето“ во вашата не е едноставно
|
Поглавја:
- Вовед;
-
Санта Круз Гранде, Куитараху, Алпамајо, Таулираху и Артесонраху;
-
Ла Есфинге, Караз 1, Артесонраху, Пирамиде, Хуандој Северен Врв;
-
Хуандој Јужен, Западен и Северен Врв, Писко Западен Врв, Чакрараху Западен и Источен Врв, Јанапача, Чопикалки и Хуаскаран Северен Врв;
-
Хуаскаран Северен и Јужен Врв;
-
Чопикалки и Копа;
- Урус Источен Врв, Токлараху, Ишинка, Ранрапалка;
-
Валунараху и Окшапалка;
-
Чуруп, Чинчи, Кајеш, Мапараху, Сан Хуан, Хуанцан и Шакша
|