На К1 (V)
„Ден потоа“
Само еден ден откако дознавме како стојат работите со К1, К2, К3 и К4 насоките на Матка, решивме да почнеме да ги качуваме. Веќе нема оправдување. Имињата кажуваат по кој редослед тие биле искачени, па како наша прва насока нормално ја одбравме К1.
Да потсетиме – насоката е започната од Јован Попоски – Јове и Јован Ангелов – Циго, а завршена од Јове и Љупчо Ристевски – Пунти. Долга е околу 80 метри, има две должини, а техничката тежина е V, но сепак на моменти ја доживувавме и малце потешко т.е. нешто како V+. Во секој случај препорачуваме во нејзе да влезат качувачи кои дефинитивно лесно се снаоѓаат во V+ бидејќи сепак теренот е малку специфичен (кршливи лушпи), обезбедувањето на поголемо растојание... Но еве детали:
Навикнати сме да качуваме со ранци, па така и тука влеговме без никакво размислување со нив. Можеби поради ранците малку овие пукнатини и(ли) камини ги доживеавме потешки и тоа од самиот почеток. Насоката веднаш почнува со карактесристична „ни голема – ни мала“ пукнатина, во која едноставно човек може да се заглави многу лесно, но поради тоа и многу тешко да напредува. Од друга страна рабовите кои ја формираат оваа пукнатина се со кршливи и нестабилни лушпи и излегувањето од пукнатината (со цел да се избегне тоа заглавување во неа) мора да биде направено мнооооогу внимателно.
Сепак ние успеавме да поминеме низ неа во тие први 7-8 метри, по што таа се шири и движењето станува по каминесто со потпирање на грбот на едната страна и со користење на добри стојалишта од другата страна... Треба и овде да се биде внимателен бидејќи сепак теренот изобилува со нестабилни лушпи и секое фаќалиште или стојалиште треба да се проверува добро.
Првиот клин во првата должина се гледа од долу и е високо во таа прва тесна пукнатина. Игор постави мал френд на почетокот, а исто така и уште еден во средината на средната (поголема) пукнатина. Клинови има, лесно се забележуваат, но не се „на претек“ бидејќи сепак карпата не го дозволува тоа.
По ова мало проширување насоката не продолжува нагоре по тесната пукнатина (тоа е насоката К4 – за која видовме дека ќе има доста работа и добро е што е последна на списокот :) ...) туку се оди во десно каде е забележително првото сидриште на кое има три клина.
Од него нагоре насоката е повторно очигледна. Повторно по краток и лесен терен се влегува во тесна пукнатина која токму во моментот кога мислите дека сте заглавиле во неа (буквално), таа нуди многу добри фаќалишта и стојалишта кои помагаат за полесно протнување низ „теснецот“. Од пукнатината природно се излегува кога таа станува премногу тесна – движејќи се по плочестиот дел од десна страна во кој има фина и стабилна тесна пукнатина во која поставивме френдови (до тој момент има 3 клина кои се на безбедно растојание).
По неколку метри се излегува и од овој сегмент, на мала тераса од каде уште 7-8 метри ве делат од врвот. Токму кога ќе си помислите дека насоката „олабавила“ – таа повторно ви сервира изненадување. Излезот е очигледен – треба вертикално нагоре да се оди, меѓутоа движењата не се воопшто едноставни и треба да се внимава како на ронливост, така и на мовта коа ја има овде...
Буквално сé додека не ги дофатите големите фаќалишта на самиот гребен – насоката не ви дава така лесно да си отидете од неа. Но затоа пак кога почнувате да го обезбедувате партнерот веднаш се појавува насмевка и ви доаѓа помислата: „Прекрасна насока! Сега на ред се К2, К3, а за онаа К4 ќе треба да се помачиме добро!!!“
Од врвот по долот кој оди во лево (во правец на Долна Матка) се симнувате низ густи грмушки и ниски дрва до сипарот по кој се прави пристап до карпата и од таму до патеката.
Игор: Насоката е навистина фантастична! Искачена за прв пат пред 40 години – од сé срце им честитаме на луѓето кои работеле на тој локалитет! Кога ќе ми текне и на К3 која исто така беше многу интересна, си помислувам колку сум среќен што овој локалитет сé уште останува игнориран, поради тоа што во секој момент некој може да дојде и да избуши по некој лепен или експанзионен клин за да насоката ја направи „школска“ или „побезбедна за да ја качуваат повеќе луѓе“.
Пристапот, насоките со малку обезбедување, (релативно) ронливата карпа и симнувањето прават да се чувствувате како да не сте на Матка (онаква каква што ја знаеме по Отмарова карпа).
Сите „популарни“ насоки на Матка ги имаме поминато барем по 30-тина пати, но ОВА е нешто сосема различно и го препорачуваме на сите кои сакаат вистинска авантура на само 10-тина минути од паркингот.
- 08.11.2008г. |