Еден поинаков Петок: мразевите на Патишка Река
-11.02.2010г, Игор Т.
Овој текст го пишувам со задоцнувањe, но ајде сите да се присетиме какви беа временските услови пред нешто повеќе од една недела. Најпрво подолг период на врнежи на снег, а потоа доволно долг период на топли денови и „кочан“ студени ноќи. Почнав да си ги кршам прстите дома од нервоза и исчекување на тоа да помине доволно долго време да се стабилизира снегот на снежните полиња над мразевите на Патишка Река. Тоа се големи полиња кои се сериозно лавински опасни ако се подрани во мразевите под нив. По неколку дена, гледајќи ја временската прогноза која велеше „Петок добро, од викендот натаму се влошува“ - решивме да го искористиме тој последен добар ден. Веројатно беше доволно чекање...
Со подеднакво „запалени“ колеги (Весна, Александар, Ненад и Ана) кои исто така земаа слободен ден од работа - рано сабајлето тргнавме. Бев многу возбуден и среќен кога го видов големиот јазик од мраз кој прв се приметува од патот пред селото Патишка Река. Има!
Поминавме супер. Иако на прв поглед мразот беше тенок, сепак беше вистинско уживање. Поставивме „топ-роуп“ на Кингер, а истото јаже го користевме и за Бонбона. За големиот столб кој минатата година го качувавме со Горан и Вања од Битола (потсетете се овде >>>>) потребно е уште некое време - му недостасуваа уште 2 метри да се спушти до долу... Еве неколку фотки од ова излегување:
|