Партнер во искачувањата |
Прилеп - нова насока кај Трескавец и искачувања на Камена Баба (Кукул) |
- 03.06.2010, Игор Т.
„Убава“ на Трескавец
Помина повеќе од една година откако бевме прв пат да ги погледнеме карпите во близината на манастирот Трескавец (Успение на Пресвета Богородица). Тогаш беа искачени две насоки – „Кривиот Оџак“ и „Античка Стрела“. Во нивна близина во сеќавање ми останаа некои линии во глава кои не ме оставаа да спијам, а секако има и други „мал милион“ кои се во околината. По враќањето од „Непал“ уште немам качено насока на Матка, а еве со Весна прво отидовме кон овие карпи и тоа веројатно зборува нешто...
Прво секако местото само по себе е неверојатно. Има нешто многу мистично околу овој манастир и се надевам еден ден некој ќе ни дошепне некоја тајна околу делканите скали и други форми во карпите, околните престојувалишта на монасите, изворите, престолите, круговите :)
Кога на сето тоа ќе се додаде и одличната можност за практикување на чистиот начин на качување – во моментов додека го пишувам ова повторно многу ми се оди таму :)
При оваа посета по редот на нештата прво се качивме на блискиот Златоврв. Имавме убав поглед на сите страни – болдери, помали и поголеми карпи со разни пукнатини, линии кои привлекуваат, а долу под нас манастирот – како во камено гнездо.
Откако се симнавме, отидовме во делот каде е Кривиот Оџак. Се сеќававме дека на карпата спроти него уште при првата посета гледавме некои линии, па сакавме сега да одбереме некоја од нив. Иако беше топло сепак тој дел од карпата беше во сенка, а и дуваше пријатен ветер па решивме веднаш да влеземе во нешто што ни изгледаше лесно и добро - за добредојде по толку долго време. Карпата беше засечена со неколку пукнатини, а имаше и големи фаќалишта. Барем така изгледаше од долу...
Движењето уште на почетокот одеше бавно. Пукнатините се „отворени“ и не примаат толку лесно обезбедување. Мораше да се најдат добри точки, а во исто време „добрите“ фаќалишта кои ги гледавме од долу беа всушност „слопери“ (некој нека ме исправи за ова) – навалени надолу и се држевме за нив со целата дланка.
На две третини од насоката се доаѓа до момент во кој треба да се направи хоризонтално пречење во лево – деликатно и без обезбедување во должина од 4 метри при што последната точка ја сочинуваа мал чок и трочок. Тешко е да се опише менталниот момент во тој дел, но тоа е ситуација која кога откако ќе си кажете „мечка страв мене не страв“ и ќе ја поминете - ќе си дозволите насмевка. Прва откако сте влегле во линијата :) А насмевката ќе ја имате се додека не погледнете над вас. Од долу тој дел над пречката изгледа како лесна пукнатина која оди кон врвот, но не и толку навалена во правец кој не ви одговара :) Сепак со фино движење и внимателно одбирање на фаќалиштата на околните (мовести) плочи и тоа се поминува.
Кога се качив на врвот на карпата – бев многу среќен. Весна наскоро се придружи и веднаш се согласивме околу името – „Убава“ и дека токму за ваква линија всушност и дојдовме. Линија која не само што има фини движења, туку и линија со многу внимателно одбрани точки за обезбедување и сериозна ментална напнатост. Успеавме сé да сместиме во нејзе: чокови, трочокови, френдови, хексагоналци... Задоволство кое не се опишува!
За следниот ден одлучивме да им се придружиме на пријателчињата кои качуваа на
Камена Баба (Кукул)
Доручкувавме во Прилеп и тргнавме. Не знаевме како да стигнеме до оваа карпа, но затоа тука беа Томи, Ненад и Ана. Тие качуваа таму претходниот ден и преспаа во Прилеп па така сега ни беа водачи. Кога пристигнавме под неа (под нејзината западна страна), таму беа и Горан и Стефан од Битола. Убаво друштво. Имавме време за две насоки и влеговме во „Прецедателот“ и „Овчарска“. Двете насоки се со движења IV/V и се битолски. Искачени се од Горан и Марјан Кузмановски („Овчарска“) и Горан К. и Вања Атанасов („Прецедателот“) од СКК Вертикал.
Карпата се наоѓа на околу 2 километри од излезот на Прилеп по патот кон вештачкото езеро. Тука има одвојување во лево по земјен пат каде на околу 200 метри се остава возилото. Ако имате теренско возило може да се подискачите уште можеби околу 500 метри. Од тука се продолжува пешки и се стигнува за најмногу 30-тина минути.
Насоките се со експанзиони клинови на поголемо растојание па помеѓу овие точки со оглед на тоа што се следат пукнатини може да се оди чисто – со поставување чокови и френдови. Може секако и целосно да оди чисто... Високи се 30-тина метри и имаат абзел точки на врвот.
Супер локалитет и супер постоечки линии, а секако – има можности и за други.
Името Кукул ни го спомна прво Горан, а потоа и еден постар човек кој нé сретна кај нашето верно Добло магаренце на патот. Си направивме краток муабет при што тој ни рече дека му било страв да нé гледа, ни кажа за името на карпата, а ни кажа и дека имало дури и песна за неа. Почна да ја пее и не се сеќавам на стиховите, но одеше нешто како „Вечерва и пееме на карпата...“. Била од некој војник – во близина на карпата има воен објект...
Викендов помина супер! Додека Камена Баба е направена да биде школска т.е. на нејзе поради сигурноста од експанзионите клинови да може да се вежба и да се стекнува искуство за чисто качување, насекаде наоколу постојат толку многу можности кои се надеваме ќе останат целосно чисти.
Дефинитивно локалитетите околу Прилеп остануваат мое омилено место за качување! |