Share

Роберт и Миријам Андерхил

-03.12.2012г., Игор Т.

Роберт Линдли Мареј Андерхил и Миријам О'Браен Андерхил

Миријам Андерхил:
„Многу рано спознав дека човекот кој секогаш качува позади добар водач - никогаш нема да може навистина да го научи алпинизмот, а исто така и ќе ужива само во дел од разнобразието на вкусови и награди во качувањето.“

За Американката која ги има првите свои искуства во Алпите во 1911-тата година, велат дека прво посериозно искачување на карпа кое го направила е тоа на Торе Гранде во Доломитите, искачувајќи ја тогаш насоката која во нејзина чест е именувана „Виа Миријам“ (заедно со Маргарет Хелбурн и Анџело Димаи во 1927-ма година - повторувајќи ја оваа насока прв пат го слушнав нејзиното име со тоа што презимето беше напишано О'Браен). Потоа следуваат и други добри искачувања меѓу кои: во 1929-та искачување на Ејгу ду Грепон заедно со Алис Дамесме, во 1931-ва Монх и Јунгфрау заедно со Мишелин Морин, а во 1932-ра Матерхорн повторно со Алис Дамесме. Ги потенцирам овие искачувања пред сé поради тоа што Миријам е многу позната и по тоа што сакала да покаже (и го покажала тоа) дека може да се изведат добри искачувања и без маж во наврската, а тоа сепак биле конзервативни времиња од тој аспект. На пример после нејзиното искачување на Грепон заедно со Алис, алпинистот Етиен Бру изјавил: „Грепон исчезна. Сега откако беше качен од само две жени, ниту еден маж со малку самопочит не би требало да оди да качува таму. Тоа е за жал секако, бидејќи тоа беше добра насока.“

Миријам секако има и други искачувања во нејзината биографија: на пример во Европа: првото пречење од Ејгу ди Диабле до Монт Блан ду Такул (пречење на пет врва повисоки од 4000м), искачување на тешка насока на Финстерархорн (трета насока воопшто на овој врв) и слично. Во САД пак заедно со својот сопруг Роберт прават искачувања во неколку држави, а се првите и кои ги имаат искачено 48-те врва повисоки од 1000 метри во Њу Хемпшир во зимски услови – завршувајќи го овој проект на 62-годишна возраст. Миријам почина во 1976-тата година, на 77-годишна возраст.

Роберт Андерхил

Со својата идна сопруга го има првиот заеднички проект во Алпите – гореспоменатата пречка од Диабле до Такул.
Мојот прв контакт со неговото име е преку искачувањата на Витни и во Њу Хемпшир пред неколку години. Разгледувајќи ги насоките и историјата на локалитетите каде качував, неговото име секогаш се појавуваше како човек кој ја качил првата насоката таму.

Значи во крајот на 1920-тите и почетокот на 1930-тите години со разни партнери тој качува нови насоки како во Њу Хемпшир (на многу важните денес локалитети: Канон, Вајтхорс Леџ и Катидрал Леџ), така и во Вајоминг (разни искачувања во Тетоните) и во Калифорнија (качувајќи во високите планини таму, при што го прави и првото искачување на источната страна на Монт Витни)…

Нему му ја препишуваат заслугата за пренесување на техниката на качување со расположливите средства за обезбедување во тој период – од Алпите во САД. КАде и да качувал, тој пренесувал свое знаење во локалните качувачки заедници, а во 1931-та година ја објавува и книгата „За користењето на јажето во работата на карпа“, во која пишува за чворови, обезбедување, симнување по јаже, гуртни и слично… Во тој период велат, дел од качувачката заедница била со крути ставови на ова прашање (за користење на обезбедување или не), но Роберт го опишувал тој систем на качување како „едно од најфините искуства во алпинизмот.“

Покрај оваа книга Роберт се грижел и за списанието кое го издавало неговиот матичен Апалачиски Планински Клуб каде бил долгогодишен уредник, а исто така и Миријам која е негова сопруга од 1932-та година, била активна преку пишаниот збор: покрај разни текстови таа пишува и своја биографија: „Дајте ми ги ридовоте“, која е објавена во 1956-тата година... Роберт почина во 1983-тата година, на 94-годишна возраст.

Признанието „Роберт и Миријам Андерхил“


Роберт и Миријам преку разните свои активности во својот живот се несомнено многу силна движечка сила на качувањето во Америка. Американскиот Алпинистички Клуб истата година кога почина Роберт, почна да доделува признание кое го носи името „Роберт и Миријам Андерхил“. Тоа се доделува „на личност која според мислењето на комисијата, демонстрирала највисоко ниво на квалитет во алпинистичките уметности и која со аплицирање на овие квалитети, храброст и издржливост, постогнала големи успеси ви различни полиња на алпинистичката пракса.“
Меѓу досегашните добитници се: Фред Беки, Ројал Робинс, Лејтон Кор, Џон Гил, Џим Бридвел, Грег Чајлд, Алекс Лов, Мајкл Кенеди, Лин Хил, Ивон Шунард, Џон Бакар и други..

Copyright © Alpinizam.org