Локалитети во Њу Хемпшир - запознавање
Њу Хемпшир заедно со 5 други сојузни држави (Меин, Масачусец, Вермонт, Конектикат и Роуд Алјенд) го формира делот познат како New England (Њу Ингланд или буквално „Нова Англија“) во САД. Заедно со Калифорнија и Колорадо во 30-тите години од минатиот век, токму во овие држави започнува да се создава сериозниот алпинизам во оваа земја. Во тој регион инаку првите искачувања се забележани уште во 1910-тата година...
Во Њу Хемпшир постојат неколку локалитети кои имаат убава алпинистичка историја, а три од нив се посебно интересни и важни: Cathedral Ledge (Катидрал Леџ), Whitehorse Ledge (Вајтхорс Леџ) и Canon Cliff (Канон Клиф). Во сите овие локалитети се качува во т.н. традиционален стил т.е. со поставување на чокови, френдови и слична опрема. Клинови постојат само таму каде биле оставени пред 20-тина години и на сидриштата за абзел, но не секаде т.е. зависи од насоката и поради тоа треба алпинистот да е буквално подготвен на сé.
Првите два споменати локалитети се всушност многу блиску еден до друг, но се многу различни. Се наоѓаат во близината на градот Северен Конвеј, кој го има епитетот „епицентар на качувањето“ во Њу Хемпшир. Cathedral (Катидрал) е многу поекспониран локалитет и тоа е можеби причината поради која тој е еден од последните искачени во оваа држава. Првата насока е искачена од Роберт Андерхил, Леланд Полок и Пејсон Њутон во 1931 година. Во централниот дел висината на карпата е околу 150 метри.
Whitehorse (Вајтхорс) е наизглед попитома карпа. Барем делот од неа кој е наречен The slabs („Плочите“). Токму во тој дел е искачена и првата насока – во 1928 година од страна на Роберт Андерхил и Херберт Тоул. Втората насока е направена од Фриц Виснер (човекот кој ги направи првите искачувања и на Ганкс) во наврска со Андерхил во 1933 година. Попитома е поради тоа што барем во почетниот дел аголот на карпата е благ и едноставно „влече“ нагоре. Висината на карпата е околу 250 метри.
Cannon е највисоката карпа во оваа област со своите 350 метри. Првата насока овде е искачена во 1928 година од страна на Роберт Андерхил и Линколн Обраен, а денес освен насоки на сува карпа, овде се качуваат и насоки на мраз кој се формира во еден дел од карпата.
Еве што пишува за оваа карпа во водичот „Rock Climbing New England“ („Качување на карпа во Њу Ингланд)“: „Ова е најавантуристичкиот локалитет во Нова Англија. Тоа е место за искусни алпинисти кои сакаат да ги испробаат своите квалитети. Не е добро место за почетници или спортски качувачи кои сакаат експанзиони клинови на секои 2 метра. Cannon е сериозна карпа со сериозни насоки и со постојана можност за незгода. Верувајте им на сите зборувања за ронливоста на карпата и лошите временски услови. Дојдете подготвени и ќе уживате во прекрасно качување на добра карпа со голема експонираност и „big wall” атмосфера…” |