Њу Хемпшир - искачувања на 15/16.06.2007
По само една недела од нашите искачувања во Ганкс, Џован предложи сепак да одиме во Њу Хемпшир и покрај зголемените работни обврски кои ги имаше во тој период. Само го исклучи мобилниот телефон и почна интензивно да се моли да не му се јават од работа (што и не се случи и на крај беше дополнително среќен поради тоа).
На качување бевме поканети од страна на Абиџит Емери – наш пријател од Канада кој во тој период одморот го поминувал токму во местото каде се наоѓаат два од најзначајните локалитети – Cathedral и Whitehorse Ledge. Тој престојуваше во еден од планинските центри во близината на градот Северен Конвеј и ни понуди сместување кое беше на само 10-тина минути возење од карпите. Друга инспиративна работа беше мотото на државата Њу Хемпшир - „Држава на гранитот“. Тоа звучи многу добро од аспект на алпинизам... Ги имавме на располагање само 15-ти и 16-ти Јуни (Петок и Сабота) и се договоривме да тргнеме на 14-ти попладнето. „Попладнето“ поради обврски стана „вечерта“ - тргнавме некаде околу 20 часот и во куќата каде беше Абиџит стигнавме во 3 часот по полноќ.
После патувањето веднаш заспавме, а на Абиџит му рековме да не ни дозволи да спиеме подоцна од 8 утрото, за да можеме да качуваме што повеќе. Додека возевме како што се приближувавме кон Конвеј почна да врне и повторно падна по некоја молитва – овој пат за да се поправи времето.
Кога се разбудивме (поточно кога нé разбудија) небото беше чисто и веќе беше топло. Каснавме нешто набрзина и веднаш тргнавме. Првата насока која ја одбравме беше „Sea of holes” (V) на Whitehorse. Прв пат качена во 1985 година од Ед Вебстер и Ален Коме, оваа насока е сместена во делот од карпата наречен „Плочите“. Карпата е прекрасна – чиста, бела, цврста... Единствен проблем е што немаш каде да се фатиш – беше „мазна како стакло“. Со рацете само се придржував за рамнотежа, а целата работа ја правев со нозете – поточно со гумата на чевлите која добро држеше на триење, бидејќи скоро и да немаше место каде и да се застане. Тоа е единствен начин. Малку чудно на почеток, но откако видов дека „нема друго“, постојано се приближував кон карпата, зумирав со погледот и барав и најмала нерамна површина каде би можеле да држат чевлите... Џован ги качи првите две должини, а на сидриштето се сменивме и јас ги водев последните две каде и беа потешките детали. Насоката имаше 4 должини кои за враќање ги абзелувавме. На сидриштата имаше по два експанзиони клинови со алки и тоа беше сé што постоеше како неприродно обезбедување. Насоката ја поминавме следејќи или поточно барајќи пукнатини по плочата каде стававме чокови и френдови.
Втората насока која ја качивме беше „Мис Сајгон“ (VI-). Таа беше во десниот дел на Cathedral Ledge и имаше само две должини, но со континуирана тежина. Времето беше многу топло и сакавме да бидеме во сенка. Оваа насока се вклопи во таа потреба и беше убаво искуство.
После овие насоки со Џован се договоривме да одиме на уште една насока, а Абиџит рече дека сепак му е доволно за тој ден. За него ова беше прво вакво посериозно искуство и помина одлично: качи слободно убави тежини, го научивме да абзелува, да работи тоа што треба да работи во наврска и веројатно беше заситен.
Ја избравме првата насока искачена на Whitehorse: “Standard route” (IV). Почнаа да се вртат последните саати во денот и сакавме нешто лесно, долго и што би го качувале брзо. Земавме со нас за секој случај и челни лапми, но на крај не ни требаа. Заедно со пристапот, качувањето на 9 должини и симнувањето по обиколната патека, „од паркинг – до паркинг“ ова искачување траеше 3 часа што и двајцата нé направи многу задоволни.
Тоа ни покажа дека навистина добро функционираме како наврска.
Следниот ден се одлучивме да одиме на друг локалитет – Џован го предложи Cannon и една од класиките таму – гребенот „Витни – Гилман“ (V) . Насоката за прв пат е искачена од Бредли Гилман и Хаслер Витни во 1929 година и го следи гребенот во централниот дел од оваа карпа.
Има 5 должини со постојана тежина по не многу стабилен терен и тоа на најтешките детали – токму кога треба добро фаќалиште, за тоа за кое ќе се фатите - ќе ве измести од рамнотежа. Иако гранит, сепак на моменти тие работи ме потсетија на некои варовнички искуства. На самиот почеток и во третата должина насоката следи убави пукнатини каде се качува со заглавување на рацете и нозете или каде може - во „дилфер“. Исто така впечаток ми оставија и моментите кога се излегуваше на работ на остриот гребен кога од едната страна имаше чиста вертикала до подножјето на карпата... |