други текстови за искачувањата во САД 2007год:
- Ганкс - запознавање;
- Ганкс (09.06.2007);
- Њу Хемпшир - запознавање;
- Њу Хемпшир (15/16.06.2007);
- Вест Поинт (23.06.2007);
- Вест Поинт - Јули/2007 |
Вест Поинт - искачувања во Јули / 2007год.
Првиот пат кога отидов на насоките на локалитетот во близината на Вест Поинт, се сеќавам дека посакав да дојдам повторно - „што поскоро“. Можеби не требаше да го посакам тоа со толку голем ентузијазам и енергија бидејќи желбата ми се оствари – повеќекратно т.е. скоро секој нареден викенд од мојата прва посета на Вест Поинт, качував на оваа карпа. Не дека не ми се допаѓа местото – напротив, но повеќе би сакал да качувам подолги насоки или „традиционалните“ насоки на Ганкс на пример (бидејќи е најблиско такво место), отколку овие насоки кои во висина се околу 30м и се обезбедени со експанзиони клинови. Сепак поради други обврски кои ги имаат луѓето овде со кои најчесто качувам, во овој период имаме време од само неколку часа во текот на викендите за качување, а тоа не е доволно за патување до Ганкс - каде само за пат (во двата правци) се потребни околу 4 часа... Не се жалам туку едноставно гласно размислувам.
Овие неколку посети ги искористивме да качиме што повеќе насоки, а добивме и повеќе информации и за самиот локалитет. Главниот впечаток останува – кога и да отидеме таму или нема никој друг освен нас или се случува уште само една наврска да качува на целата карпа, што е изненадувачко за карпа со пристап од само 5 минути пешачење (и еден саат возење од Њујорк). Повторно ќе кажам дека местото е одлично, а посебно е добро што во попладневните часови карпата е во сенка и тоа во овие топли денови доаѓа многу добро.
Значи имаме повеќе информации за овој локалитет. Најпрво – „на времето“ постоеле објавени информации на интернет за оваа карпа, но денес ги нема или се појавуваат повремено т.е. како ќе се снајдат луѓето кои го имаат комплетирано „водичот“ со простор. Во првиот текст напишав дека нема такво нешто – но сепак има. Имавме среќа во една од тие посети да сретнеме двајца постари качувачи кои со големо задоволство, гледајќи го нашиот ентузијазам, ги споделија со нас информациите кои ги знаат за локалитетот, а „водичот“ ни го пратија по пошта. Водичот е всушност без топо на насоките, и е збир од 10 страни - А4 формат листови, на кои се испишани имињата на насоките и се напишани кратки описи за нив.
Карпата се вика „Poison Ivy” и е именувана така бидејќи на времето таа била живеалиште на ова отровно растение кое само на допир предизвикува пликови и црвенило на кожата кај луѓето. (Индијанците велат дека ова растение е заштита на шумата од лошите луѓе.) Еден од инструкторите во воената академија (веќе напишав дека таа се наоѓа на територијата на армијата) пред околу 20-тина години одлучил да ја претвори оваа карпа во тренинг центар и заедно со војниците што и да направил – го исчистил и од најмалата тревка. После тој период на чистење почнале да ставаат експанзиони клинови и да оформуваат линии - насоки за качување. Според водичот на карпата има 65 насоки, а според искуството на лице место, тие се збиени една до друга до тој степен што треба да размислуваш и да гледаш кој од клиновите на растојание од метар лево-десно од тебе е од твојата насока... Техничките тежини се движат од V- до VIII+ и кога ги споредивме „нашите“ оцени со тие кои ги видовме во овој водич, на насоките кои ги качувавме пред да го имаме, со голем број од нив се согласувавме, а со дел разликата беше во пола оцена т.е. во „+“-от и „-“-от.
На качување покрај мене и Џован (кој е мој домаќин на овие качувања), со нас доаѓа Иштван Шагар за кој пишував и во претходниот текст за Вест Поинт, а откако се врати од Перу, ни се придружи и Шакшама (Слободан Колоски) со кој ги промуабетивме првите македонски зборови за комуникација при качување на овој локалитет. Некако ми се допадна овој податок...
До овој момент имам качено 17 насоки од кои половината ги имам водено, а половината ги имам качено на „топ-роуп“ при што најтешката насока при водење која ја имам качено е со оцена VI+, а на топ-роуп (со неколку паѓања) VIII. Морам пак да кажам дека сепак локацијата на карпата многу ми се допаѓа – веројатно поради големата река во непосредна близина кон која од врвот на карпата има многу убав поглед. Исто така (не знам зошто) ми се допаѓа и честото минување на возовите. Интересно е кога качуваш некој тежок детал кога поминува возот се чувствуваат вибрации и во карпата и во телото и тоа е (не знам зошто) некако интересно. Качувањето го завршуваме во темница – тој детал со тежина VIII го качувавме на топ-роуп со челна лампа и беше интересно. Деталите над него беа со оцена VI+ и ги поминав без проблем. Сум приметил дека качувам подобро во темница...
Повторно ќе посакам да го посетам ова место – барем уште еднаш пред да заминам за Македонија. Како поради качувањето – така и поради сладоледот во Вест Поинт – место каде сите имаат кратки фризури и ти се обраќаат отсечно со „Да - Господине“ и “Не – Господине“. Се шалам:)!
- Игор
|