други текстови за искачувањата во САД 2007год:
- Ганкс - запознавање;
- Ганкс (09.06.2007);
- Њу Хемпшир - запознавање;
- Њу Хемпшир (15/16.06.2007)
- Вест Поинт ( 23.06.2007);
- Вест Поинт - Јули/2007 |
Ганкс - искачувања на 09.06.2007
Неколку пати имам престојувано во Њујорк, но никогаш до сега временски тоа не било доволно долго за да можам да направам и по некое качување, било каде некаде во близина (ако го исклучиме болдерингот во еден двор). Конечно овој пат успеав да добијам малку подолг одмор од работа и можев да се организирам и на тој план. Од тие неколку претходни посети се запознав со луѓе кои ги фатила магијата (да не речам клетвата) на алпинизмот и на нивно големо задоволство и радост веднаш почнавме да правиме планови... Најактивен од нив е Џован Готиер (Канаѓанец со убаво искуство од карпите, мразевите и високите планини во САД, Перу и Хималаите) со кого се договоривме што побрзо да одиме на Ганкс – негово омилено место таму.
Со автомобил за околу саат и пол од местото на мојот престој стигнавме до градот Њу Палц (150-тина километри северно од Њујорк), а од таму за неколку минути до паркингот под еден од локалитетите.
Од четирите подлокалитети на Ганкс ние се одлучивме да одиме на Трапс, кој е и најголемиот. Насоките овде се со висина од околу 80-тина метри, а карпата е со должина од околу 2.5 километри, при што на неа постојат околу 600 насоки со сите тежини. Поради обврски кои Џован ги имаше во текот на утрото, под карпата бевме околу пладне и таму веќе имаше многу качувачи – на секои десетина метри имаше по некоја наврска. Се слушаше „belay on”, „climbing” но и по некој руски и чешки збор. Избравме лесни насоки за да имам можност да се запознаам со карпата и „стилот“ на качувањето и насоките во овој локалитет и качивме три насоки.
Џован беше среќен бидејќи како што рече и покрај гужвата (беше Сабота) сепак сме успеале да качиме убави насоки – од секаков аспект: техника, чистота, убави движења, експонираност... Класики!
„Son of easy O’” (VI- по УИАА). Во водичот (“The Gunks Guide”) за оваа насока пишува: „Eдна од најубавите насоки со таа оцена во Трапс. И двете должини ќе ве натераат да се замислите!…“ Прв пат искчена од Џим Мекарти и Ал Демариа во 1962-ра година. Во превод името на насоката значи „Синот на лесниот превис“. Така е именувана бидејќи се наоѓа веднаш во десно од насоката „Лесниот превис“ (I по УИАА). Работите кои ве тераат да се замислите се всушност една тесна пукнатина во првата должина и прекрасниот превис во втората должина. Насоката се наоѓаше покрај еден од краевите на гребенот и се симнавме пешки до под карпата за десетина минути, а од таму во следната насока.
Втората насока која ја качивме, Џован ја одбра поради абзелот. Имено излезот на таа насока се наоѓа покрај една од најпознатите точки за абзелување. Тоа беше навистина незаборавно искуство. Точката за абзелување е на такво место што од моментот кога почнува симнувањето во наредните 50-тина метри се нема никаков контакт со карпата – се виси во воздух. Така неконтролирано се вртите во круг околу себе и ја гледате де карпата де дрвјата под карпата... Насоката се викаше „Madame Grunnebaum’s Wulst” (V-) или таму сите ја викаат само „Madame G” (Мадам Џи). Прв пат искачена од Ханс Краус и Хери Шнајдер во 1943-тa година – тоа е насока која „не смее да се пропушти“ (според водичот ова нели). Генерално тежините беа сконцентрирани во горниот дел од насоката каде имаше превисести делови, но со добри фаќалишта и со одлична позадина под и зад вас во моменти кога поради рамнотежа погледот беше свртен во обратна насока од карпата.
„Baby” (V-). „Втората најпопуларана насока со таа оцена во таа област - која следи пукнатина...“, пишуваше во водичот. Првото искачување направено од Фриц Виснер, Мери Сесил и Бети Вулси во 1941-ва година. Првата должина следеше очигледна пукнатина која на моменти стануваше премногу широка и немаше можност за обезбедување, но сепак тоа беше краток детал. Втората должина беше полесна и од врвот повторно пеш се симавме до патот под карпата...
Бевме среќни после искачувањата. Јас секако поради тоа што можев да качувам во еден нов локалитет, но бевме и двајцата среќни поради тоа што со Џован одлично комунициравме и направивме добра наврска. Веќе се подготвуваме за нови искачувања, а во моментов кога го пишувам ова, се враќаме од Њу Хемпшир каде што направивме искачувања на 4 насоки на 3 различни локалитети – наскоро текст и за ова... |