Вест Поинт - искачувања на 23.06.2007
Вест Поинт е името на една од најпознатите воени академии во САД. Таа се наоѓа покрај истоимениот град, кој пак се наоѓа на околу 90 километри од Њујорк. Други информации не можам да ви кажам бидејќи се „врвна тајна“ и не можам да ги споделам со никој друг инаку тешко мене... Со други зборови - го преспав цел пат до таму и не знам ништо ниту за академијата ниту за градот.
Е - во нивна близина има едно тајно место за спортско качување. Го знаат само тие кои го знаат тајното ракување помеѓу една мала група на качувачи. Нема водич - книга ниту информации на интернет за насоките - тие едноставно си постојат таму. Карпата е висока околу 30 метри во централниот дел и насоките се со експанзиони клинови и алки на врвот за симнување. Таа се наоѓа на 30-тина метри од реката Хадсон, а помеѓу неа и реката има пруга по која од време на време поминува по некој товарен (долг) воз. Територијата од пругата до карпата е воена - ова не смеев да ви го кажам. Тоа значи дека додека качувате, освен техничките проблеми на насоките (ги има од најлесни до најтешки) проблем е и силниот звук на возот кој минува веднаш до вас и секако снајперистите кои вежбаат прецизност на вас - од другата страна на реката сокриени во водата. (Ветувам нема да забегувам веќе со војската...)
Овој ден таму заминав со Џован (со кој бев на Ганкс и во Њу Хемпшир нели), а сега ни се приклучи и Иштван Шагар. Тој е унгарски алпинист во „поодминати години“ (не го прашав кој е бројот) со убаво искуство зад себе - некои насоки на Тре Чиме, Бонати Столбот, Јужна Америка... Долги години пријател на Џован и ментор и инспирација на наш Шакшама. Ми беше инспирација и на мене кога го гледав како качува, а тој пак знаеше да не пофали за акробатските движења на потешките детали.
Пристапот до под насоките е околу 5-10 минути пешачење покрај пругата. Карпата е долга околу 100-тина метри со насоки на секои 5-6 метри. Почнавме од лево кон десно од почетокот на карпата и поминавме 6 насоки. Секој искачи со водење по две насоки, а другите двајца качуваа по истата на „топ-роуп“. Најлесната насока беше со тежина V, а најтешката која слободно ја поминавме беше со оцена VI+. Единствено последната насока во најтешкиот детал ја поминавме со 2-3 виснувања и не би знаел да ја кажам оцената - но сигурно беше мноооогу тешка :)
Обично не сакам да качувам спортски насоки, но ова беше многу убаво искуство - ми се допадна реката во близината, цврстата карпа на која можев да се тегнам колку сакам и од која само со динамит може да се скрши некое фаќалиште и фактот што и покрај тоа што беше Сабота (околу 3 попладне) немаше никој друг таму - поточно една мала група качувачи замина кога ние пристигнавме. Местото беше изненадувачки тивко - освен секако кога ќе поминеше возот на 10-тина метра од нас. Толку ми се допадна што би сакал да отидам повторно што побрзо иако е потребно скоро исто време колку што е потребно да се стигне до Ганкс...
Единствена работа што ја запомнав од градот беше многу добриот сладолед со кој се почестивме после качувањата.
- Игор |