На оваа тема:

- Новата сорта „алпинисти“;

- Сепак оваа година никој на К2;

- Фалете се!

Новата сорта „алпинисти“

- 12.11.2009, Игор Т.

Беше прашање на време кога ќе се разоткрие еден ваков случај.

Постмонсунската сезона оваа година донесе многу прашања во однос на точноста околу искачувањата на некои од највисоките планини во светот. Според прикажаните фотографии, текстови и изјави во своите експедициски сајтови, лични блогови и/или презентации, кај некои луѓе се откриени многу недоследности околу нивниот „успех“ - од страна на качувачи кои веќе ја искусиле соодветната планина. Примери има неколку, меѓутоа како што велат шлаг на тортата е примерот со Швеѓанките Анели Помпе и Јохана Орн и нивното наводно искачување на Шишапангма која со своите 8027м е 14-тата највисока планина во светот.

На 30-ти Септември Анели е цитирана во шведските медиуми: „Стојам на врвот на прекрасната Шишапангма на 8013мнв.“ Подоцна за успехот следуваат и потврди од Јохана Орн, но и од Белгијците Едмунд Споден и Таши Шерпа за кои се наведува дека се качиле на врвот без употреба на дополнителен кислород.

„Сега останува уште и другата планина“, продолжила подоцна во изјавите Анели, алудирајќи на тоа дека останува доследна во остварување на својата цел – да се искачи и на Чо Оју т.е. на тој начин во една сезона „да зграби две осум илјадарки“.

Големи планови и голем успех – нешто што не им успеа на многу поискусни качувачи. Освен еден детал: 8013 метри? Шишапангма е висока 8027м. Што се случи со преостанатата височина?

Џен Коракс кој го откри целиот овој случај на својата веб страна пишува: „Очекував како и вообичаено да се потврди лагата т.е дека тие стигнале на Централниот Врв (кој е на таа височина), а не на Главниот врв. Сепак, нивните подоцнежни тврдења беа само почеток на најголемиот скандал во шведската алпинистичка историја.“

Преку едноставно пребарување на фотографии на Гугл откриена е идентична фотографија како таа објавена на блогот на Јохана за која таа тврдела дека е нејзина и е од под Централниот Врв. На оригиналната фотографија има 4 качувачи, но на фотографијата на блогот на Јохана еден од нив е избришан со цел да се прикаже точен број на тимот – тројца качувачи и еден фотограф. Оригиналната фотографија е од новозеландска експедиција во 2003 година...

Во меѓувреме девојките се упатуваат кон Чо Оју. Таму обидот е прекинат поради лоши временски услови. Јохана тоа искуство повторно го поткрепува со фотографии. И повторно украдени фотографии, а не нејзини лични. Фотографии од експедиција на Еверест... На истиот начин откриени се оригиналните фотографии кои се од искачување на Еверест во 2005 година од тим од Лајпциг, кои се преправени и на блогот на Јохана стануваат фотографии од Чо Оју.

По овие откритија секако следуваат напади и барање за објаснување. На некои од блоговите сега се појавува и Анели правдајќи се со потребата да се задоволат медиумите и слично и повторно нуди сега нов доказ за нивниот успех – дека навистина се искачиле на Централниот врв. Тоа е фотографија (претставена најгоре во текстот) како на врвот седат најгоре споменатите четири качувачи и Анели објаснува:

„Таши Шерпа ни рече дека тоа е Централниот врв. Нашите висиномери покажуваа 8008мнв...“ Покрај ова таа постирала и видео за кое луѓето кое го виделе тврдат дека тимот не стигнал ни до овој врв гледајќи според прикажаниот терен – т.е. дека стигнале до платото под Централниот Врв...

„Неки нови клинци“

Сето ова е производ на потребата да се биде „кул“ веројатно во качувачката заедница, пред пријателите, роднините... Смешно е што се случува за Шишапангма и Чо Оју. Деградација на секаква вредност во хималаизмот. Конечно нешто полошо од обичните комерцијални експедиции. Пардон, некои ги нарекуваат меѓународни - така е сега модерно...

Но тоа е тоа... А ова е посветено на сите нови „Хималајци“ (рефренот сам ми дојде):

 

 

Copyright © Alpinizam.org