Осмица
-01.12.2009г, Игор Т.
Ова е првиот чвор кој се учи кога почнуваме да качуваме. Тоа е чворот со кој качувачот преку својот појас се наврзува
за јажето и на тој начин може да биде обезбедуван.
Основната верзија (единечната осмица) изгледа вака:
Изгледот на чворот покажува зошто е наречен „осмица“. Ова е основата на која се надградуваат две најчесто користени варијанти за обезбедување. Едната е денес најчесто користениот чвор за наврзување на јажето преку појасот - „плетената осмица“:
Објаснување: Единечната осмица се врзува отприлика на еден метар од крајот на јажето и слободниот крај се протнува низ алката на појасот. Откако ќе се протне слободниот крај, тој треба да го следи јажето кое влегува во алката. На фотографијата горе тој крај кој треба да се следи е означен со црвена боја и се следи точно каде тој поминува.
Откако ќе се заврши со следењето, како што е прикажано на фотографијата десно, се врзува уште еден т.н. осигурителен чвор како дополнителна заштита од евентуално одврзување на осмицата. Тоа е скоро невозможно бидејќи колку повеќе се оптоварува овој чвор (на пример при висење на јажето), тој толку повеќе се затегнува (до ситуација да не можете да го одврзете). Сепак важно е откако ќе се заврзе плетената осмица, крајот да не биде многу краток туку да има слободни 20-30см со кои ќе може да се заврзе осигурителниот чвор.
Плетената осмица околу појасот, како и самата единечна осмица се со едноставен и јасен изглед и можат лесно само со поглед да бидат проверени дали се добро врзани. Секогаш кога после врзувањето плетената осмица нема да ви изгледа на „правилна“ осмица - повторете го следењето...
Друг чвор кој се темели на единечната осмица е дуплата осмица:
Се врзува исто како единечната, но наместо на крајот на јажето, се врзува на било кој дел од јажето - по потреба. Слободниот дел (на десниот крај на фотографијата) во комбинација со карабинер со матица се користи во системи за обезбедување, на сидришта, за наврзување на трет качувач на јажето... |