Share

Прусик - двоен, француски и Бахманов чвор

-01.12.2009г, Игор Т.

За почеток: замката

Има неколку начини како од обична замка (тенко јаженце со дебелина од 5-6мм) да се направи дополнителна заштитна „алатка“ при абзелување, обезбедување па дури и техничко качување со влечење по јажето.

Замките може да бидат од различна големина меѓутоа тоа вообичаено е помеѓу 1.2м и 1.5м. Потоа двата краја треба да се поврзат во еден круг и за тоа најчесто се користи „лизгачки чвор“. Еве како се врзува тој:

Нека не ве збунуваат различните бои (сива и бела) - тие само служат подобро да се покаже како се врзува чворот. На крај како што е покажно во долниот цртеж се затегнуваат краевите за да се затегне целиот чвор.

Прусик

Најчесто користен чвор кој служи како дополнителна заштита при абзелување и во ситуации во кои качувачот треба да се ослободи од системот за обезбедување (на пример при спасителни акции) е двојниот прусик. Тој се врзува на следниот начин:

Во цртежот - во замката недостасува лизгачкиот чвор. Како што е прикажано во десниот дел тој чвор треба да биде на местото од една од црвените точки. Чворот не треба да биде ниту каде е врзан прусикот на јажето ниту на слободниот крај бидејќи таму би бил карабинерот... Прусикот лесно се движи по јажето кога се повлекува со раката, но во момент кога ќе биде оптоваран со тежина - се затегнува околу јажето и не го пропушта да поминува низ него.

Со врзување на два прусик чвора на доволно долги замки на кои може да се стапне со нозете - може да „се качувате“ по јажето. Кога со едната нога ќе стапнете на едната замка таа ќе се затегне, па ќе можете да ја олабавите втората, да го подигнете прусикот што повисоко па да згазнете на него и потоа се повторува процесот со другата замка/нога...

Тоа е техниката која Меснер ја употребува за искачување на мрсниот столб за време на студирањето во Падова - потсетете се на текстот „Сé започна со игра“


Француски прусик

За разлика од двојниот прусик, францускиот побрзо се врзува околу јажето и полесно се ослободува кога ќе се стегне околу него при оптоварување.

Тој се врзува на тој начин што замката се обмотува 4-5 пати околу јажето и двата краја се прикопчуваат на карабинер.

При абзелување овој чвор обично се врзува под алатката за абзелување и се прикопчува карабинерот на делот за едната нога од појасот.

Постои и друг метод – кога едниот крај после обмотувањето се протнува низ дргугиот крај на замката. Обично долниот крај се протнува низ горниот.

Тој момент му дава поголема сила на држење во споредба со обичниот француски прусик, но обично потешко се ослободува при затегнување што го прави непрактичен при абзелување...

 

Бахманов чвор

Ја има истата функција како прусик со тоа што покрај замка за овој чвор е потребен и карабинер. Лесно се лизга нагоре по јажето, а се заглавува кога ќе се нанесе тежина при повлекување надоле. Карабинерот го олеснува олабавувањето на затегнатоста и служи како рачка на некој начин. Одличен чвор за ситуации во кои е потребно брзо придвижување на чворот по јажето како на пример во извлекување на товар, итни спасителни акции...

Еве како се врзува:

Товарот се прикопчува на крајот од замката кој виси надолу...

Други чворови:

- Лагерски и полулагерски;

- Прусик и Бахман;

- Осмица

Copyright © Alpinizam.org