Лагерски и полулагерски чвор
-01.12.2009г, Игор Т.
Лагерски чвор
Еден од двата најосновни... Ако со осмицата се наврзувате на јажето и безбедно можете да почнете да качувате, со лагерскиот чвор можете да се обезбедите на сидриштето - независно дали сте на земја и го обезбедувате партнерот кој почнал да качува во првата должина или пак сте пристигнале на некое од повисоките сидришта.
Исто така е и многу практичен - може да се менува растојанието помеѓу вас и сидриштето без чворот да биде одврзан. Тоа е безбеден начин како да се поставите во што подобра позиција на сидриштето т.е. да бидете „затегнати“ на најдоброто растојание.
Кога е заврзан добро на карабинер - двата краја на јажето не можат да се повлечат, туку се фиксирани...
* * * * *
Полулагерски чвор
Корисен и едноставен чвор кој се користи за обезбедување на партнерот при качување и абзелување, без употреба на посебна алатка за тоа како на пример осумка, плочка и слични. Единствено нешто што е потребно (покрај јаже и појас секако) во поставувањето на тие системи кога би се употребувал овој чвор е само еден карабинер кој за дополнителна безбедност се препорачува да биде со матица.
Исто така карабинерот за да биде полесно работењето со него, треба да биде поголем за да може јажето кое поминува на два пати низ него полесно да преминува од позиција на собирање - во позиција на давање на јаже кон партнерот и обратно.
Функционира на тој начин што кочењето се контролира со зголемување или намалување на триењето на јажето само од себе, кога тоа минува преку телото на карабинерот.
Во зависнот од тоа под каков агол се двата краја на јажето се менува и силата на издржливост на тој систем при пад што е прикажано на цртежот десно.
Една лоша забелешка е тоа што чворот знае да го „усукува“ јажето т.е. да ја извртува неговата внатрешната структура, но тој проблем може да се реши на тој начин што при обезбедувањето, јажето кон партнерот и јажето кое се собира треба да бидат паралелни. Тоа како што може да се види според цртежот горе, во исто време би помогнало и во посигурното кочење.
Краевите сепак не можат да бидат паралелни кога се абзелува бидејќи тогаш едниот крај оди кон сидриштето нагоре, а другиот крај се држи со раката за кочење надолу, но сепак ова е метод кој најчесто денес се користи како алтернатива ако се заборави или испушти посебната алатка за таа цел.
Исто така треба да се внимава и на тоа при спуштањето/собирањето на јажето, тоа со своето движење да не ја одвртува матицата на карабинерот...
Ова е чвор кој некои алпинисти барем за обезбедување го користат редовно, но е една од тие работи кои „за секој случај“ - треба сите да ги знаеме. |