На оваа тема:

- Нови експанзиони во „Компресор“ на Серо Торе;

- Преписката меѓу Ред Бул и Кели Кордс;

- Лама повторно кон Серо Торе (Јан/2011г.)

 

Share

Нови експанзиони во „Компресор“ на Серо Торе

- 23.06.2010, Игор Т.

Сé започнува со најавата дека младиот австриски спортски качувач Давид Лама и неговиот партнер Даниел Штојрер планираат да се искачат по насоката „Компресор“ на Серо Торе во слободен стил. На сајтот на Ред Бул (нивен спонзор), излегува интервју со Лама кое започнува со помпезните: „Историјата ретко ја пишуваат 19-годишници“, „Лама ќе се сретне со својот Голијат...“, „Гранитна игла – која се смета за најголем предизвик во светот...“, „Нова ера во качувањето на карпа...“ И други слични на овие...

Следуваат неколку прашања и одговори од кои го одвојувам следниов:

Што е толку тешко на оваа планина?

Д. Лама: Најмногу, временските услови. Серо Торе мора да биде искачена многу брзо. Мора да се искористат кратките периоди на сончево време, кои се многу ретки. На страна од тоа, карпата е исто така многу предизвикувачка. Многу стрмна и мазна, а посебно последните 500-600 метри пред врвот. Чезаре Маестри кој го направи првото искачување во 1970-тата година, остави зад себе цел автопат од експанзиони и алпинистички клинови на југо-источната страна на планината. Тоа нема врска со денешната качувачка етика. Важно е да се каже сепак дека без таа патека од експанзиони – на врвот од тогаш би се качиле само десетина качувачи...“

За секој качувач, познавајќи ја физичката сила, неоспорниот качувачки квалитет и достигнувањата на Лама во спортското качување ова звучи фантастично. Одличен проект и секако нешто за што целата качувачка заедница „ги стискаше палците“ да му успее! На крај обидот не беше успешен и тоа секако познавајќи го реномето на планината не беше ништо невообичаено и страшно. Многумина не успеале, па и по повеќе пати. Ќе отиде Лама повторно следната година!

Но, чекај малку...

Сé така тивко ќе пројдеше, сé додека не се јави Кели Кордс (одличен американски алпинист), кој го пишува следново под интервјуто на Лама на сајтот на Ред Бул:

(објавено на 6-ти Мај 2010г. – се обраќа до Лама и Ред Бул)

„Те молам објасни го хаосот кој ти и твојата екипа наводно го имате оставено на Серо Торе. Дали е тоа вистина? Известувањата кои ги добив од Патагонија, кажуваат дека ти и твојот тим (филмска екипа со водичи и сл.) сте фиксирале 700м јаже до местото каде започнува пречката која е со експанзиони клинови и сте го оставиле таму. Вашето ѓубре потоа го тргнале други луѓе. Дали е тоа вистина?

Исто така, дека сте избушиле и нови 60 експанзиони клинови на веќе најпренатрупаната насока со експанзиони клинови во светот. (Насоката има веќе постоечки 400-450 експанзиони клинови). Како што веќе имаш кажано во интервјуто: „цел автопат со експанзиони и алпинистички клинови...“ Поставувањето на уште повеќе експанзиони клинови и оставањето на толку голема количина на ѓубре зад себе, исто така нема никаква врска со денешната качувачка етика... Ако тие работи беа направени од твојот тим, тоа исто така е твоја одговорност...“

После ова следува невиден до сега рафален оган од сите страни кон некој качувач, како кон Лама, така и кон неговата екипа и спонзорот за таа постапка. Еве дел од другите реакции (многу често од аргентински алпинисти):

  1. Да се испрати спортски качувач на алпинистичка насока... Ред Бул му го даде на светот, совршениот рецепт за голема катастрофа;
  2. Еј, Лама, ајде да се вратиш да го исчистиш ѓубрето кое го оставивте ти и твојата екипа на Компресор! Што ако јас како Аргентинец отидам на најиконскиот локалитет во Австрија, на најиконската насока и оставам фиксни јажиња и експанзиони клинови? Мислам дека австриските алпинисти нема да бидат среќни!
  3. Тоа што Лама и неговиот тим го направија на грандиозниот Серо Торе е невидено. Нивниот вандализам не смее да остане незабележан. Срамота!
  4. Тоа што ти и твојот тим сте го направиле е невидено себично!
  5. Те молам направи им услуга на сите вистински качувачи и остани во салата и во спортските локалитети. Твојата потреба за поголеми бројки и слава не е оправдување за лошата етика...

И мојот омилен:

  1. Ред Бул има експанзиони клинови, а не крилја

И слични многу напади околу тоа како Лама и тимот треба да се вратат и да исчистат, како немаат никаква етика...

Обид да се извини

Лама  во еден обид се обиде да се објасни - како тоа што го направиле не било во спротивност со регулативите на Националниот парк, како било многу лошо времето, како имало опасност од лавини па морале да бегаат и да ја остават опремата и слично, но ја закашка работата со една реченица:
„Лично не чувствувам дека сме направиле нешто лошо...“

Неееее! Не таа реченица....! Не со тие куршуми...!

И секако продолжуваат напади од сите страни: на разни сајтови (но сепак важни интернет центри) за качување, фејсбук групи, форуми...

Втор пат

Лама е член и на тимот на компанијата Мамут и тоа конкретно на екипата која беше нападната од британските качувачи за преголема употреба на магнезиум на еден од нивните локалитети. Ова му е втор пат во краток период да биде нападнат со зборот „Етика“, но млад е па ќе научи дека постои и такво нешто во качувањето - „непишани правила“ и слично...

А прават добри промотивни филмчиња рака на срце. Еве го трејлерот на тоа од Мамут (каде на моменти може да се примети прекумерната употреба на белиот прав):

 

 

Copyright © Alpinizam.org