На оваа тема:

- Нови експанзиони во „Компресор“ на Серо Торе;

- Преписката меѓу Ред Бул и Кели Кордс;

- Лама повторно кон Серо Торе (Јан/2011г)

Share

Преписката меѓу Ред Бул и Кели Кордс

- 29.06.2010, Игор Т.

Во однос на целиот овој настан кој беше разоткриен од Кели Кордс, еве што последно се случува „на тој план“. Кели со качувачката заедница ја споделува преписката со Ред Бул. Прво тој добива е-маил на 10-ти Јуни:

"Здраво Кели,
Ред Бул Медиа Хаус е во процес на правење филм посветен на обидот на Давид Лама за слободно искачување на насоката „Компресор“ на Серо Торе. Поради лоши временски услови, снимањето мораше да биде запрено и во моментов е на „стенд бај“ до следното Патагониско лето.

Во Ред Бул многу сериозно ја земаме во предвид заштитата на природата и безбедноста на човечките животи. Исто така имаме и долга историја на креирање на високо квалитетни филмови снимани во екстремни услови и средини. Целото рамо и карпата беа исчистени од наши и постари материјали кои ги најдовме таму. На карпата беа оставени само еден ранец за влечење и 30 експанзиони клинови – кои ги користевме поради мразот кој паѓаше и за заштита на главната насока. Секој чекор во оваа акција беше планиран и изведен во блиска соработка со локалната администриција на Националниот Парк. Откако проектот ќе биде завршен – сé ќе биде тргнато.

Имај прекрасен ден,
Емили, Ред Бул"

На 22-ри Јуни Кели одговара:

"Здраво Емили,
Ти благодарам на твојот е-маил, но звучиш како некој кој би требало да работи во Британскиот Петролеум (или само „БП“ – н.з. во моментов поминуваат два месеци откако БП предизвика огромно излевање на нафта во Мексиканскиот залив кое уште не запира и загадува голема територија). Само поради тоа што нештото било „легално“ не значи дека било исправно. Тоа е и разочарувачката работа овде – што ти/Ред Бул е толку без осет за светот на качувањето. што не го разбира ова. Лама е очигледно феноменален качувач во својот жанр, но и тој не го разбира ова. Замисли некој да отиде во Алпите и да ги уништи вака најпознатите насоки таму. Ќе биде легално секако, но не и исправно. А сето ова го направивте од една причина: комерција. Колку лошо.

И други пред вас имаат снимано во Патагонија, а посебно и на Серо Торе – без да го уништат местото. Десетици, ако не и стотици качувачи бегале од Серо Торе и од многу поекстремни временски услови и качувачки средини отколку што вашиот РБ тим бил во тој момент.

Јас, но и сите други качувачи искрено се надеваме дека ќе тргнете сé од таму како што кажуваш. Но со оглед на големиот неуспех истото тоа да се направи од вашиот тим и по три месеци, мислам дека имате многу што да докажете.

Како не можете да видите дека ја зае...те работата? Сериозно. Наместо тактики на БП, можеби треба да размислите всушност искрено да му се извините на качувачкиот свет. Вистинско извинување, а не „се извинуваме што светот не ја разбра нашата намера...“. И не само да исчистите, туку и да направите и нешто дополнително за таа област и локалните еколошки напори. Сигурен сум дека вашиот маркетинг оддел може дури и да најде начин како да се добие добарпублицитет од тоа. Ова не е обврзувачко секако, но би било исправно.

Размислете.

Со најдобри желби, Кели Кордс"

И уште нешто

Кели во своето јавно обраќање потсетува дека сето ова е само резултат на комерцијализацијата во качувањето која на многу нивоа го уништува алпинизмот. Нé потсетува и на изјавата на рускиот алпинист Павел Шабалин:

„Алпинизмот беше посебен и свет затоа што беше затворен за пошироките маси. Сега се наоѓа во иста историска ситуација како љубовта. Кога љубовта беше поезија, таа беше посебна и света. Кога медиумите ја ставија љубовта по телевизиите и во списанијата, таа стана порнографија.“

И продолжува:

„Тоа секако не мора да биде така. Споделувањето ни дава и инспирација. Уметноста инспирира. Планините, природата, поезијата. Почитта. Претпоставувам сите повлекуваме наши сопствени линии помеѓу љубовта и порнографијата. А што се однесува до Ред Бул и Давид Лама - барем во случајот со Серо Торе, јасно се гледа каде тие ги повлекуваат своите...“

Copyright © Alpinizam.org