На оваа тема:

- Нови експанзиони во „Компресор“ на Серо Торе;

- Преписката меѓу Ред Бул и Кели Кордс;

- Лама повторно кон Серо Торе (Јан/2011г.)

 

Share

Лама повторно кон Серо Торе

- 25.01.2011г, Игор Т.

Колин Хејли известува за дел од активностите околу чистењето на оставената опрема (ѓубре) на Серо Торе од страна на Давид Лама и неговиот тим минатата година, за неговиот разговор со Давид - во кој тој ги изнесува своите планови за оваа година на оваа планина...

На 14-ти Ноември 2010г. и 9-ти Јануари 2011г. во два наврати се извадени 30 експанзиони клинови поставени од експедицијата на Давид Лама и Ред Бул минатата година на Серо Торе во Патагонија. Поради својот стил експедицијата предизвика силно негодување и револт кај меѓународната качувачка заедница (потсетете се преку линковите десно). Најголема заслуга тогаш за отркивањето на овој случај пред јавноста имаше Кели Кордс.

Сега пак, Колин Хејли, на својот блог пред 3 дена открива нови моменти - Лама се вратил и оваа сезона во Патагонија... Најдолу има линк до блогот на Колин каде можете да видите повеќе информации и фотографии – потсетување на историјата на качувањета на оваа планина, потсетување на случајот со Лама и Ред Бул тимот минатата година и слично, а ние ви пренесуваме само еден дел од текстот.

„22.01.2011
...Добри вести:
Давид Лама и неговата екипа на планински водичи и сниматели се вратија во Ел Шалтен минатата недела и многумина од качувачите таму се прашуваа како ќе се однесува нивната експедиција оваа сезона. За среќа, тие нешто научиле од својата небрежност минатата сезона и оваа година ветуваат дека нема да фиксираат јажиња на насоката (што е добро затоа што покрај очигледниот факт дека фиксирањето на јажиња воопшто не е импресивен начин на качување, тие исто така го уништуваат искуството на другите качувачи на оваа популарна насока). Тие исто така ветија дека нема да поставуваат експанзиони клинови на постоечката насока и ветија дека ќе ги тргнат останатите 5-6 експанзиони оставени од претходната сезона. Нивниот план овој пат е да качуваат пет луѓе: напред би одел тим од тројца (двајца водичи и еден камерман), а позади нив ќе бидат Давид и неговиот партнер Петер. Ова е логичен начин како да го снимат обидот на Давид Лама да ја качи слободно оваа насока – и секако многу важен чекор напред за нив.

Лоши вести:
Давид Лама планира со себе да понесе опрема за поставување на експанзиони клинови во случај ако има потреба да постави рачно некој од нив. Ако постави експанзиони во варијантата на Салватера тоа би било лошо – бидејќи Салватера ја качи таа варијанта во 1999 година и ги постави сите потребни клинови таму (а Џош Вортон и Зак Смит во 2007 година искачија варијанта на оваа варијанта без да ставаат ниту еден експанзионен клин). Има смисла во тоа Лама со себе да носи опрема за бушење, со оглед на тоа што најверојатно во еден момент тие ќе се обидат да искачат поинаква линија од тоа каде оди насоката на Маестри и тоа најверојатно ќе биде терен каде секој качувач би поставил експанзиони клинови.

Тоа што не е разумно е начинот на кој Лама планира да буши. Во разговор со мене, Лама ми објасни дека тој планира да направи искачување преку нормалната Компресор насока, а потоа да абзелува по друга линија и да поставува експанзиони клинови – при абзелување (спуштањето надолу). Да, точно така – да поставува експанзиони клинови на гранитот на Серо Торе абзелувајќи надолу! Се обидов да го убедам да ги поставува експанзионите водејќи и висејќи на куки, но тој инсистираше на тоа дека тоа ќе го направи абзелувајќи надолу. Зак Смит му спомна: „Знаеш дека луѓето ќе бидат многу вознемирени ако поставиш експанзиони клинови абзелувајќи надолу, така? Одговорот на Лама беше: „Ќе можам да го поднесам тоа.“

Пред да дојде во Патагонија минатата сезона, Лама во интервју за Ред Бул кажа: „Во минатото беше важно само да се освои врвот, а не и толку начинот на кој тоа ќе се направи. За да се стигне до врвот беа ковани и бушени многу клинови. Даниел и јас сакаме тоа да го направиме без никаква техничка помош.“ Иронично е тоа што тој не се чувствува способен да постави нова насока со водење (качување) од долу, па наместо тоа планира да постави обезбедување со абзелување (спуштање од горе). Иронично е и тоа што тој е само способен да ги постави тие свои експанзиони клинови – поради постоењето на Компресор насоката. Без нејзе Лама претходно би требал да го качи Серо Торе по тежок терен или да биде спуштен на врвот со хеликоптер. Срамота е тоа што на Лама му недостасува самодоверба во неговите способности да се обиде неговиот проект да го направи во чист, алпинистички стил.

Кога прв пат слушнав дека експедицијата на Лама не планира да фиксира јажиња на насоката Компресор бев многу среќен, па и возбуден за нивниот проект. За жал овие чувства исчезнаа кога слушнав за неговиот план да го симне Серо Торе на некое свое ниво со поставување на експанзиони клинови – со абзелување од горе. Лично немам ништо против поставување на експанзиони клинови на таков начин на некој спортско-качувачки локалитет, но се надевам дека секој качувач во светот може да ја види разликата помеѓу Серо Торе и спортски локалитет. Оваа етичка дилема нема никаква врска со разликите помеѓу качувачите од Северна Америка и Европа. Дури и етиката на качување од доле – нагоре денес е уште посилна во Европа отколку во Северна Америка и таму постојат многу локалитети каде многу строго е дозволено само качување на нови насоки со водење (познати примери се Ратикон или јужната страна на Мармолада)

И така, ова е веројатно долго очекуваната храброст и визија на луѓето кои качуваат во сали – кога ќе почнат да ги употребуваат своите вештини во планините.“

Линк до блогот на Колин Хејли:
http://www.colinhaley.blogspot.com/

 

ПЕТИЦИЈА:

Отворена е и петиција во која стои:

„...Веќе ја знаете работата – Давид Лама е вратен во Патагонија со неговата филмска екипа од Ред Бул со цел да направи слободно искачување на насоката „Компресор“ на Серо Торе. Последниот пат направија целосен хаос во тоа место, додавајќи експанзиони клинови во насоката и често до места кои се совршени за чисто обезбедување. Исто така по повлекувањето оставија ѓубре насекаде по планината. Овој пат Лама планира да се качи технички до врвот и потоа да абзелува и да постави експанзиони клинови при спуштањето. Точно така – да постави експанзиони клинови при спуштање на Серо Торе.

Како качувачка заедница, за нас овие планови/дејствија на Лама се неприфатливи. Тие се во целосна спротивност со локалната качувачка етика во Патагонија, а исто така и со модерната алпинистичка етика воопшто.

Овие акции на Давид Лама во голерма мера се овозможени преку финансиска поддршка и опрема добиена од неговите спонзори. Како што стои на неговиот веб-сајт тоа се: Ред Бул, Мамут и Ла Спортива. Замолете ги овие компании да го откажат нивното спонзорство на Лама како резултат на неговите планови и дејствија и бојкотирајте ги нивните производи сé додека тие останат поврзани со Лама.

Со потпишување на оваа петиција, писмата автоматски ќе бидат испратени до:
- Rolf G. Schmid, CEO of Mammut Sports Group AG
- La Sportiva S.p.A. in Italy
- Red Bull GmbH
- Red Bull Media House GmbH
- Peter Reinthaler, Promoter for David Lama...“

Потпишете се на оваа петиција преку овој линк >>>>

Copyright © Alpinizam.org