Други теми:

- техники на качување на снег и мраз;

- обезбедување на снег и мраз;

- падови по заснежени падини;

- поставување на тубуларци

Дома

Основи на обезбедување на снег и мраз

Поставувањето сидришта и точки на обезбедување при качување на заснежени падини и мраз е подеднакво важно како што е важно при качување на карпа. Снегот е сепак малку поспецифичен и многу повеќе менлив отколку карпата и поради тоа точките на обезбедување треба да бидат добро проверени пред да се употребат за сопствено обезбедување. Може да се работи за минути кога точката за абзел повеќе нема да биде толку сигурна како на почетокот.

Во снег се употребуваат специфични средства за обезбедување при качување и на сидришта – основни се дедмените и фелтните, но се употребува со нив во комбинација и цепинот.

Обично кога се обезбедува партнерот кој качува зад (кон) вас на снежна падина понекогаш тоа се прави со посебен начин низ цепинот забоден во снегот и ногата или телото во случаи кога последиците од падот нема да бидат толку големи. Исто така понекогаш кога се обезбедува во снег откако ќе се направи сидриште во комбинација на дедмен, фелтна или цепин партнерот го обезебдуваме преку нашето тело наместо тоа да го правиме преку точка од сидриштето – поради нестабилноста на снегот.

За абзел најчесто се користи самиот снег – ако го дозволува тоа неговата цврстина и стабилност. Се ископува во форма на потковица каналче околу кое се поставува јажето и се абзелува надолу. Ова е сигурен метод ако се направи како што треба и е добар поради тоа што не се остава никаков материјал зад себе – и од материјални и од етички причини.

Во мраз за обезбедување се користат специјални „навртни“ клинови кои ние ги нарекуваме „тубуларци“. Тие се специјално изработени шупливи „цевки“ со навој, кои се навртуваат во мразот. Како повеќе навлегуваат во мразот, така низ нив излегува раскопаниот мраз, а откако ќе се извадат дел останува во цевката која треба веднаш да се исчисти инаку мразот ќе замрзне внатре и клинот ќе стане неупотреблив (барем некое време).

Поставувањето на тубуларците во мразот се прави откако ќе се исчисти горниот слој кој секогаш е нестабилен или доволно цврст. Исто така мраз во големите планини може да се најде и по прокопување на одреден слој на снег и тој во таков случај е многу посигурен отколку снегот...

За абзел во мраз се користи т.н. Абалаков метод кога со еден тубуларен клин се издлабуваат два канала кои треба во мразот да се сретнат и низ нив да може да се извлече гуртна/замка на која ќе се абзелува надолу. Ова секако се прави ако мразот е доволно добар и методот е добар од материјален аспект поради тоа што оставате само гуртна зад себе која е многу поевтина од тубуларниот клин.

Сепак животот е најскап и во случај на лош снег или мраз секогаш е подобро да се остави некој материјал повеќе зад себе при абзелувањето за дополнителна сигурност отколку да се калкулира...

Овој текст е многу повеќе со цел да ве запознае со основните начини за обезбедување во снег отколку да ве научи како тоа да го правите. Има толку многу други „ситници“ кои треба да се знаат дополнително...

 
Copyright © Alpinizam.org