Основни техники на качување и симнување по снег и мраз
Кога велиме „техники“ всушност мислиме на начинот на работење со цепините и дерезите. Тие начини зависат од типот на подлогата која ја качуваме – дали е снег или мраз и од нејзината наклонетост/стрмнина.
Најпрвин ќе ги споменеме основите на движење по снег и мраз без дерези:
Во „добар“ снег движењето е лесно и без дерези. Едноставно со чевлите се удира по површината и се стапнува како на скаличка, а со помош на цепините (со соодветен начин на поставување во зависност од стрмнината) се качувате нагоре.
Во случај ако имаме цепин, а немаме дерези и наидеме на замрзната падина по која не се чувствуваме „комотно“ да се движиме слободно и лесно, тогаш еден начин како да ни биде полесно качувањето или симнувањето е засекување на места за стоење со нозете и места за придржување со рацете.
Засекувањето го правиме со цепинот и тоа на два основни начини:
Прв начин е да се удира „нежно“ по површината ако падината не е многу стрмна со цел да се направи подобро место за стапнување, а втор начин (ако падината е стрмна и ни треба многу подобра потпора) е да се прават т.н. гнезда – всушност тогаш со силни замави под прав агол еден на друг со секое замавнување се прават скалички. Дополнително, во аголот каде се сретнуваат засеците се прави засекување кое би користело како фаќалиште за рацете.
Засекувањето како метод може често да се сретне во книгите од постарите алпинисти. Исто така засекување може да се прави и кога имаме дерези – едноставно за многу полесно поминување на одредена замрзната и лизгава падина...
ВО СНЕГ:
Најосновен начин на држење на цепинот е како бастум. Со дланката се фаќа главата на цепинот и едноставно со него се придржувате кога се движите по падината со тоа што цепинот секогаш се наоѓа од таа страна на телото која е свртена кон падината нагоре.
Кога падината станува пострмна, се менува начинот на држење на цепинот и постојат неколку начини, а основниот е - се фаќа главата со двете раце и тоа служи како една стабилна точка за потпирка при качувањето со нозете.
Симнување во снег: Основен начин на симнување во „добар“ снег е при движењето надолу прво да се стапнува со петиците при што се прави стабилно место за застанување. Ако снегот не е доволно „добар“(мек), а и падината станува пострмна, тогаш може прво цепинот на одредено растојание да се забоде пред вас како точка за стабилност и безбедност (ако дојде до пролизгување), а по 2-3 стапнувања со нозете да се повотри истото.
Друг начин е со лизгање. Ако имате дерези тогаш прво секако ќе ги извадите. Во зависност од стрмнината на падината, положбата на телото се менува од исправена до седечка. Секогаш цепинот се држи во позиција да го искористите за запирање на лизгањето поради тоа што работите може лесно да излезат од контрола...
ВО МРАЗ:
На почетокот споменавме „што ако“ немаме дерези. Сега ќе споменеме основни начини на качување и симнување со дерези и нивно поставување при различна стрмнина на падината/мразот.
Основен начин на движење по мраз (замрзната површина) е „француската“ техника. Тоа всушност значи користење на долните запци од дерезите и нивно поставување на падината под агол од 90 степени. Значи независно од тоа каков е аголот на падината – запците секогаш да бидат свртени нормално кон мразот. Како што се зголемува аголот, така и телото се извиткува во нозете со цел да се одржи рамнотежна положба. Овој начин е ограничен – не може да се качува нешто што е навистина стрмно и вертикално...
Тогаш се употребува т.н. „германска“ техника – кога се користат предните запци кои едноставно се забиваат со удирање (шутирање) во мразот.
Исто така како што се зголемува стрмнината на падината така се менува и начинот на работа со цепините. Се менува начинот на кој тие се држат, се менува положбата на телото во зависност од падината, методот на забивање на цепините во мразот... Се додека кога ќе стане падината вертикална кога едноставно цепините се држат за рачката и се забива клунот на цепинот во мразот.
Симнувањето по мраз може да се прави со „француската техника“ додека дозволува стрмнината на падината, со засекување на стојалишта/фаќалишта или наједонставо со абзајлување. Ако се симнувате со француската техника исто како и при симнувањето во снег секогаш цепинот треба да се држи од едната страна како потпирка и кочница.
При прелистувањето на разни литератури за техниките на движење по мраз и снег може да се види дека се споменува секаков можен начин на работа со цепините и дерезите. Треба да се знае дека секој индивидуално качува подобро на овој или оној начин и не постојат правила. Секој алпинист со соодветен тренинг за себе ќе може да си утврди која техника најмногу му одговара, но при тоа ќе треба да утврди со која техника при која подлога и стрмнина на падината најлесно качува, вложува најмалку труд и губи најмалку енергија.
Ова се само основите (па и дел од нив) и само со тренинг може да се научат и други посложени техники – кога повеќе не постојат зборови туку само танц по снегот/мразот.... |