Други теми:

- техники на качување на снег и мраз;

- обезбедување на снег и мраз;

- падови по заснежени падини;

- поставување на тубуларци

 

Дома

Падови по заснежени падини

Пред сé треба да знаеме како да качуваме по заснежени и замрзнати падини без да паднеме. Треба да научиме како да ги користиме сите познати техники и методи како да се движиме без да се лизнеме при што би ја загрозиле нашата и безбедноста на другите во групата. НО, кога веќе ќе се случи такво нешто, треба да знаеме како најбрзо да ја повратиме контролата на работите во наши раце пред нашиот пад да стане неконтролирано лизгање...

Понекогаш навистина нашиот и животот на нашите партенри може да зависи од добрата увежбаност како да се запре лизгањето – падот. Вежбите за запирање на падови на заснежена падина можеби од страна изгледаат како детска забава, но тие се во суштина сериозни и секој алпинист треба да ја владее оваа техника многу добро. И навистина се работи повеќе за техника отколку за сила. При вежбање, може да се превземат мерки на претпазливост со цел при тоа да не се повредите. Тоа значи на пример рацете да не се ставаат низ гуртните на цепинот туку тој само да се држи за главата со цел да не се загуби контрола врз него и тој висејќи на раката да не ве повреди. Исто така сите шилести делови на цепинот може да се прекријат со импровизирани или специјално направени гумички за тоа – за да не дојде до повреда – удирање во главата на пример (носете шлем во секој случај!!!) При вежбањето исто така полека треба да се зголемува стрмнината на падината.

Правилна позиција на телото

-Рацете: едната рака треба да ја држи главата на цепинот со тоа што палецот треба да е под лопатката, а прстите над клунот. Со другата рака цепинот се држи за рачката - малку над врвот.

-клунот на цепинот треба да се притиска во снегот со тоа што лопатката на цепинот треба да се најде на висина малку над рамото – во аголот каде се сретнуваат вратот и рамото. Ако не биде во оваа позиција цепинот, на него нема да можете да му дадете доволно сила за да го притиснете во снегот. Другата рака која е на рачката треба да е на другата страна на телото и така всушност се притиска и со целото тело на рачката (на целиот цепин).

-врз главата на цепинот притискате со рамото и градите. Не се притиска само со раката туку со целото тело. Токму затоа главата (погледот) треба да гледа кон падината (снегот под вас), а не нагоре поради тоа што кога ја кревате главата (погледот) нагоре, ги подигнувате рамењата и градите и ја намалувате силата. (треба со делот од шлемот над челото скоро да го допирате снегот)

-половината треба да ви биде малку подигната нагоре. Така тежината ќе биде распределена на рамењата (со кои стискате врз цепинот), но и врз колената (прстите на нозете) со кои исто така го кочите падот или во цврст снег ви даваат подобра стабилност на телото

-нозете треба да се стегнати добро и одвоени со прстите забиени во снегот. НО, ако имате дерези, држете ги над снегот сé до моментот кога ќе видите дека ќе застанете. Запците на дерезите во цврст снег може да се забодат добро и да ве превртат...

Падови во разни позиции

Може да паднете на разни начини (и неконтролирано) – основно за да го запрете лизгањето е секогаш телото да се стави во крајната позиција – главата да биде нагоре, а лицето да гледа во снегот. Прво треба да се фати цепинот правилно и со негова употреба да се свртите во таа правилна позиција и да притискате врз него во снегот.

Напомена: во мек снег, колку и да притискате со клунот нема да можете да го запрете падот туку во таков случај треба во снегот да се забоде целата рачка.

Секогаш треба да се реагира брзо. Можеби ако тоа биде направено доволно брзо (со брзо забивање на клунот на цепинот во снегот или мразот или со забивање на дерезите) нема да има воопшто потреба да се поминува низ целата таа процедура, но ако почнете да се лизгате надолу, дури и да се работи за многу цврст снег/мраз па дури и да сте наврзани за ваш партнер со јаже, СЕКОГАШ треба да го дадете максимумот да го запрете падот сами...

Запирањето на падот (лизгањето) по падина се одвива преку триење на телото и цепинот со снегот. Ако површината е добро подмрзната или многу стрмна, дури ниту најспособниот алпинист нема да може да го запре лизгањето. Забрзувањето може да биде толку брзо што едноставно ќе пролетате големо растојание за кратко време губејќи секакво чувство како ви е поставено телото за да реагирате правилно. Затоа успехот зависи од неколку фактори, но важно е никогаш да не се предавате (и да очекувате да запрете сами од себе). Во случај ако ви испадне цепинот, употребете ги рацете, колената, дланките, а на поцврст снег исправете се со рацете и поткопувајте со чевлите со прстите...

Секогаш треба да се биде свесен за тоа дали ќе може да го запрете падот во одредена ситуација. Ако падината е премногу кратка и стрмна (и завршува во некои карпи или провалија висока илјадници метри) или ако вашиот партер не е доволно силен и способен сам да го запре падот тогаш треба да се наврзете и да се обезбедувате.
 
Copyright © Alpinizam.org