Трочоци
- Игор Т. (21.07.2009г.)
Прв пат со трочоците се сретнав пред 2 години кога бев да качувам на карпите во Ганкс. Локалитетот изобилува со хоризонтални пукнатини и овие чокчиња со својата способност за „активно“ обезбедување ме воодушевија. Посебно кога хоризонталните пукнатини беа „отворени“ каде што нема ама никаква можност за поставување на обичен чок, а френдовите се во најмала рака многу сомнителни бидејќи во тавки ситуации не можат да загризаат добро и се извлекуваат кон надвор.
И не само такви ситуации – нивна специјалност се и плитките и тесни џебови (дупки) во карпата на кои порано сме гледале само како на фаќалишта, а кои со трочоците можат да станат и многу сигурни точки за обезбедување. Од компанијата CAMP исто така тврдат дека трочоците одлично држат и во ситуации кога на пример еден од ѕидовите на пукнатината е обложен со мраз - поради одличната способност на врвот на трочокот кога е во таква – активна форма, да загризува при придвижувањето.
Таквата способност – да загризуваат добро во карпите, всушност ги прави трочоците одлични за меки карпи (како на пример нашите варовнички локалитети), во влажни услови, алпски средини... Но и за било каде секако.
Трочоците може да се употребуваат и во пасивна форма - како обични чокови, а тогаш имаат помала минимална издржливост што е споредбено претставено во табелата под текстот (Табела А). Кај некоја големина и модел поизразено, а кај некоја не - тоа е табела во која еден ист трочок е прикажан колкава издржливост има кога би бил поставен активно - како трочок или пасивно - како чок...
Ако не беше доволно фалењето околу нивната практичност (споредено со чокови и френдови) еве да кажам уште дека поради нивната цена, која е најмалку два пати помала од цената на френдовите – тие се и одлична инвестиција од аспект на вашиот буџет... За крај - качувајте чисто! :)
Табела А
Забелешка за табелата: Во последните 4 реда се повторуваат димензиите од 0,5 до 2. Тоа се всушност трочоци со „dyneema" гуртни
Колку се инспиративни овие „машинки“ покажува и фактот што ете на пример кај нас во Македонија, членовите на СКК Вертикал од Битола искачија насока во нивна чест на Плетвар која ја крстија „Трочоци“ , а некаде по светов луѓето им посветуваат и песни - потсетете се на песната за розовиот трочок (со големина 0,5) во делот „Да се насмееме“ каде можете да ме видите и мене како се бесам по дома во име на нивно тестирање :)
Еве уште неколку фотографии:
|