По нешто на оваа тема:

- „Златен Цепин“: како да се дојде до него?

- „Иднината на Златниот Цепин“, текст на Стив Хаус

„Златен Цепин за 2014г.“

-26.03.2015г., Игор Т.

Во првите денови од април оваа година, во алпските градови Шамони и Курмаер ќе се одржи манифестацијата која е прослава на светскиот алпинизам, „Златниот Цепин“ – за време на која ќе биде прогласено најуспешното алпинистичко искачување за минатата година.

Од прелиминарната листа од околу 60-тина позабележителни алпинистички искачувања минатата година направени насекаде во светот, веќе се знаат „одбраните“ и оваа година за разлика од претходните кога номинирани беа по 5-6 искачувања, сега за златото ќе се борат 3:

-пречката направена на Фицрој (3405м) во Аргентина од страна на американските алпинисти Томи Колдвел и Алекс Хонолд, кои движејќи се по гребенот на оваа група поминаа 7 врва, искачувајќи околу 4000 метри висинска разлика и поминувајќи тежини до 7а со стрмнини на мраз до 65°,
-искачувањето на нова насока по 1600 метри високата југозападна страна на Тамсерку (6618м) во Непал, од страна на руските алпинисти Александар Гуков и Алексеј Лончински – со тежини 6а/6б(руски), микс делови М4-М5 и четири технички тежини со А2 и
-искачувањето на нова насока по 1350 метри високата северна страна на Хагшу (6657м) во Индија, од страна на словенечките алпинисти Алеш Чесен, Лука Линдич и Марко Презељ – со тежина ЕD и стрмнина на мраз до 90°.

Стилот!
И оваа година, оваа манифестација сака да покаже дека најмалку од се’ е важна надморската височина, а дека тоа што е важно е стилот и начинот на качување. Oдбраниот пат, а не врвот! Некои од искачувањата се на пошироката листа, а сепак немаат стигнато до врвот на планината на која качувале. Така, од тие 60-тина искачувања, повеќе од една третина се направени на планини до 4000мнв, а само едно едвај ја поминува границата од 7000мнв.

Разноликоста на оваа листа, како и во сите минати години „е на ниво“: искачувања на карпа, искачувања на мраз, соло искачувања, зимски искачувања, поврзување на гребени, пречења по планински масиви... И секако, за сите нив уредно: пријавена техничка тежина, дали бушеле (колку и каде) или не, дали качувале слободно или се тегнеле по опрема итн итн. Најголемиот дел од нив се искачувања на нови насоки и повторно: некои почнуваат „од морето“, а некои ете и во високите планини, некои се високи 300 метри во вертикала, некои и 5-6 пати повеќе, некои се на чиста карпа со тежини од VI, a некои екстремно тешки (ED) миксови. Тоа што ги спојува на едно место: истражувачкиот дух!

Како и да е, од сите нив, како што погоре е напишано, жирито ги одбра тие три.
А во жирито оваа година многу повеќе имиња „од струката“: Ерве Бармас, Стефан Бено, Енди Хаусман, Мајкл Кенеди, Инес Паперт, Рафаел Славински, Казуки Амано, Валери Бабанов и Андреј Штремфељ. Лелеј!

Златен цепин за животно дело!
Оваа година, ова признание го добива англискиот алпинист Крис Бонингтон.

Copyright © Alpinizam.org