Кетрин Дестивел
Кетрин Дестивел е родена во Алжир на 24-ти Јули 1960 година. Почнува да качува на 12-годишна возраст кога ги добива за поклон од своите родители нејзините први патики за качување, кои и биле 2 броја поголеми бидејќи тогаш не правеле толку мали броеви (таа тогаш носела 36, а патиките и биле број 38). Нејзиниот татко го сакал качувањето и воопшто природата и често ги минувале деновите во локалитетите близу Париз. Омилена книга од детството и била „Хајди“ и таа вели: „Еден ден – сонував да бидам како Хајди, да се шетам со кравите по алпските полјани“.
На возраст од 15 години секој викенд го поминувала со постари и поискуни алпинисти од Париз на разни локалитети во Франција – од мали болдери околу Париз, па сé до долгите насоки на Вердон.
„Кога почнав прв пат да качувам долги насоки се наврзував со гуртна околу половината. Подоцна го употребував појасот дизајниран од Демезо, но повторно го врзував јажето околу половината бидејќи никој и не им веруваше на појасите тогаш. На 17-години го добив првиот вистински појас изработен од Трол. Таа година се качив на северната страна на Аилефроиде (насоката на Девис и Гервасути), на Олан по насоката на Кози и Демезо и на Американската Директ насока на Петит Дру. Се чувствував како да имам крилја и сакав да летам...“
Откако прави 5-годишна пауза во качувањето, во 1985 година, на 25-годишна возраст влегува во натпреварувачката сцена:
„Од 1980 година до 1985 година практично престанав да качувам. Работев како физиотерапевт преку денот, а навечер играв покер. Сепак следев што се случува и го пратев развојот на активностите… Имавме слушнато за натпреварите во Советскиот Сојуз, но тие работи нам ни изгледаа неетички. Деветнаесет качувачи дури и потпишаа „манифест“ против таквите натпревари и јас бев една од нив. Сепак кого во 1985 година се случи првиот натпревар во Бардонекиа, во Италија, сакав да видам за што се работи – како и повеќето од потпишаните деветнаесетмина…“
Таа прави и повеќе од тоа. Станува еден од најдобрите спортски качувачи во тој период со неколку први места – во 1986 година во Арко (Италија), 1987 година во Лион (Франција), 1988 година во Бардонекиа (Италија) и 1989 година во Сноубирд (САД), но исто така освојува и други пониски места на други натпревари. Во тој период имало натпревари во три категории: тежина, брзина и стил и таа скоро секогаш била најдобра и во трите. По натпреварот во 1990 година во САД: „Почнав да ги посакувам планините и отворениот простор…“
1990-1994 (дел од текстот на Дестивел за „Гласови од Врвот“)
Моите цели се едноставни: да ги исполнам соништата од мојата младост - да ги искачам големите и митски ѕидови од времето на моите „идоли“ и да видам дали можам да станам вистински алпинист. Сакам да качувам големи страни, да качувам во зимски услови и да качувам сама. Во 1990 година со Џеф Лов бев на Транго Кулата во Пакистан, а потоа ја солирав насоката на Бонати на Дру. Во 1991 година поминав 11 дена сама на западната страна на Дру и искачив првенствена техничка насока – во соло стил. Потоа во период од три години реализирав три мои големи соништа: зимски солирања на Ајгер, Гранд Жораз и Матерхорн. По едно искачување во една година.
Понекогаш бев изненадена од реакциите за овие мои искачувања – како од медиумите, така и од јавноста. Во 1990 година, откако бев на насоката на Бонати, бев споредена со Волтер Бонати затоа што тој качувал неколку дена за да ја направи таа насока, а јас го направив тоа замо за неколку часа.
Очигледно е дека не може да се направи никакво споредување, но еднаш кога приказната ќе биде пренесена од медиумите на некој начин, сите се придржуваат на него и приказната се оддалечува од реалноста. Сé тоа може и да е направено со најубави намери, но мислам дека таквото споредување не беше фер спрема Бонати.
Додека се подготвував за Ајгер во 1991 година, за прв пат почнав да качувам на мраз. Навистина заостанував во таа област – качувањето на мраз во Франција беше започнато барем 12 години порано... Моето враќање кон планините беше вистинско изненадување за медиумите. Тие во мене гледаа само натпреварувач. Но им се допадна фактот што мојата приказна се менува и почнаа да ме опишуваат како првата жена – алпинист. Списанието „Парис Меч“ веќе подолго време се интересираше за алпинизмот и со години го следеше своите „херои“. Тоа беше среќна околност за мене, затоа што штом тие ќе објавеа некаква вест за мене, веднаш беа следени од другите списанија и медиуми, а тоа им се допаѓаше на спонзорите.
По моето прво искачување на Дру, бев непријатно изненадена од некои алпинисти – дали се работеше за љубомора или машки шовинизам – не знам. Слушав чудни работи – На насоката на Бонати пред мене поминале некои водичи за да ми ги проверат клиновите, на мојата насока сум била снабдувана со вода и бормашина итн, итн. Некои членови од елитната група на алпинисти – аматери во Франција – GHM , многу ме притискаа поради употребата на хеликоптери од страна на филмските екипи и фотографите, за присуството на медиумите и моите односи со спонзорите – т.е. имаа проблем со тоа што станав професионален алпинист. Во основа бев обвинета за проституирање на планините. Овој однос на GHM кон мене испровоцира некои видни членови во нивната организација сепак да ги потсетат своите колеги дека моите искачувања имаа голема вредност. Секако дека заработував за мојот живот преку алпинизмот, но додека го правев тоа, јас повеќе допринесував за зголемување на познавањето на јавноста за планините отколку нешто лошо...
Понекогаш се тешев потсетувајќи се себе си дека и Демезо беше притиснат од слични контроверзии во неговото време. Кај мене дополнителен проблем беше и фактот што бев жена. Што се однесува до спонзорите и медиумите пак – тоа ми беше од корист. За нив беше уште подобро што една нежна и кршлива жена зема такви ризици во планините и гледаа дека таа приказна им се допаѓа на луѓето. Што се однесува до моите колеги – посакував да не ме гледаат како жена. Кога качувам пред сé јас сум алпинист, а не жена-алпинист. Никогаш не ми значеа ништо приказните за „жена во алпинизмот“, ниту пак се гледав себе како милитантен феминист или пак сакав да учествувам во женска експдиција некаде. Не чувствував дека треба да докажувам нешто како жена.
Како резултат на тоа реакциите кои доаѓаа од светот на алпинистите ми беа чудни. Бев многу вознемирена што некои луѓе сакаа да ја девалвираат мојата нова насока на Дру. Сакав на нејзе да се гледа како на тешка првенствена насока – насока која беше пред своето време. Ако тоа беше направено од некој маж, мислам дека ќе беше помалку контроверзно. Ситуацијата беше таква што луѓето си мислеа дека штом некоја жена го направила тоа – не може да е многу тешко. Сето тоа се смири по искачувањето на Ајгер. Тоа искачување предизвика огромен интерес кај меидумите и покрај тоа што не беше искачување на нова насока, а исто така неколку соло искачувања во зимски услови веќе беа направени. Но Ајгер предизвикува страв.
После овие искуства, знаев дека сум способна за солирања на класичните северни страни во Алпите. Затоа одлучив да се обидам и на насоката на Бонати на Матерхорн. „Нормалната“ насока на северната страна не ме интересираше бидејќи знаев дека ќе успеам на неа. Насоката на Бонати претставуваше нешто непознато, а исто така и многу алпинисти беа неуспешни на неа. Ова ме натера да размислувам и за Хималаите.
Хималаи
По мојата прва посета во Непал како дел од една трекинг екскурзија во 1992 година, почнав да развивам мои амбициозни проекти да направам силни искачувања во алпинистички стил на тешки страни и само со еден партнер. Не ме интересираа големи експедиции. Имав голема почит кон Лоретан и Троилет – за нивниот стил и брзина. Моето прво искуство во височините беше на Транго по кое следуваше патување кон Латок во 1992 година. Добро работев на висина, но видов дека објективните опасности се многу критични. Увидов дека во тие висини брзото качување не е избор туку потреба – инаку нема да преживееш.
Моите искачувања во Хималаите не беа многу успешни. Обидите на Макалу и Анапурна не беа успешни. Ја повторив насоката на Лоретан, Троилет и Куртика на Шишапангма, што беше убаво искуство, но тоа за мене требаше да биде само чекор кон други прокети. Физиолошките и психолошките ефекти во големите висини не ми одговараа затоа што не можев во целост да ја држам контролата над другите ризици. Исто така кога ги избројав сите пријатели кои загинале таму – силни и искусни алпинисти – и увидов дека за мене алпинизмот во високите планини едноставно е премногу опасен. Алпинистите во Хималаите превземаат ризици кои јас никогаш нема да ги прифатам. |