Полскиот комплекс
- Александар Шопов
Можеби чуден наслов за текст што ќе каже збор - два за полскиот алпинизам, но токму овој наслов ќе даде одговор на прашањето како во едни тешки услови создадени по завршувањето на Втората светска војна полските алпинисти успеаја да искачат неверојатни 23 нови насоки на врвови повисоки од 8000 метри, да изградат нови стандарди во алпинизмот – се мисли на зимските експедиции на Хималаите и да придонесат во најновата практика на еднодневните искачувања на врвови над 8000 метри.
Мојата прва средба со полскиот комплекс се случи на Универзитетот во Вермонт каде по предметот Модерна историја на Источна Европа, меѓу другото, го работевме и романот „Полскиот комплекс“ од Тадеуш Конвицки. Во една прекрасна нарација, овој црноризец, на неколку стотини страни нé води низ сегашноста и минатото и тоа преку судбината на луѓето кои во еден студен зимски ден, некаде кон крајот на 70-тите години од минатиот век, ги чекаа ново пристигнатите златни прстени со потекло од Советскиот Сојуз. Ветените златни прстени се „претвориле“ во руски самовари, а ветеното подобро утре станува само мрачен потсетник на полското минато. Авторот со секавична брзина се движи помеѓу сегашноста и полскиот неуспешен обид за отфрлање на руската окупација во 1863 година. Но тоа што се изнедри од ова патување на мислата не е некаква си идеја за историски континуитет туку нешто сосема ново – полскиот комплекс. А тој меѓу другото е и производ од минатото односно на речиси двевековното ништење на сите обиди за слобода од страна на трите големи европски држави (Русија, Хабзбуршката империја и Прусија) кои ја збришале Полска од картата на Европа. Во едни такви услови во 1840 година Павел Штрзелецки го открил највисокиот врв во Австралија (н.з. Монт Кошчушко), а истата година Ј. Хоѕко ја искачил планината Арарат во Турција. И ова е само почеток на еден начин на однесување односно на еден помалку несфатлив индивидуализам и самопрегор за приликите во кои се наоѓа Полска. Токму тоа е полскиот комплекс!
Вака натоварени со размисли за литературата, историјата и човекот стигнуваме до пост-воениот полски алпинизам. Прв пат ја сфатив големината на истиот читајќи ги последните страници од Извештајот на македонската алпинистичка хималајска експедиција „Манаслу 1986“. Имено, есента 1986, македонските и полските алпинисти (предводени од Јержи Кукучка) во екстремно лоши временски услови го искачуваа Манаслу по две различни насоки. Првите во својот од кон целта што ја поставиле – искачување на Еверест, а другиве во обид да фатат чекор во со искачувањата на Рејнолд Меснер односно „трката“ за тоа кој прв, Кукучка или Меснер, ќе ги искачи сите 14 врвови над 8000м. Но пред да почнам со достигнувањата на полските алпинисти и алпинизмот воопшто, само накратко за состојбата со полскиот алпинизам непосредно по Втората светска војна.
Војната на Полска не само што и донесе поразителни деструкции и милиони жртви туку и општество во кое полскиот алпинизам, во првата повоена деценија, не можеше да си го најде своето место. Алпинизмот од страна на режимот бил сметан за една деструктивна дејност со која се бават само неколкумина декаденти. Пристапот до граничните врвови бил забранет, за финансирање од страна на државата воопшто не станува збор, а изолацијата на Полска, меѓу другите, најмногу ќе ги засегне алпинистите.
По првата деценија од воспоставувањето на новиот политички режим започнува период во кој погоре споменатото однесување или како го нарековме – полскиот комплекс, ќе ни ги најави идните високи достигнувања на полските алпинисти. Во 1950-тите и 1960-тите години на Татрите се случува голем расчекор во полскиот алпинизам за да понатаму тоа продолжи со дводецениска интензивна активност во Хинду Куш (делот во Авганистан). На овие планини полските алпинисти ја беа научиле уметноста на организирање експедиции како и одличната техника со која подоцна во алпинистички стил ќе искачуваат на Хималаите. Од првата полска експедиција на Хинду Куш во 1959г. (искачување на Ношак (7492м.)) па сé до почетокот на советската инвазија на Авганистан (1978г.) полските алпинисти како свои успеси ги вбројуваат следниве: северната страна на Акер Чаг (7071м), 2500 метри високиот северо источен столб на Кохе Шкавр (7116м) и исто толку високата страна на Кохе Бандака (6843м).

Главните протагоности во овие искачувања Јасински, Куртика, Русицки, Виелицки, Завада, Кукучка и други ќе го предводат полскиот алпинизам во неговиот нареден хималајски период. Токму тука, на Хималаите, светот ќе ги види полските алпинисти како рамо до рамо се носат со врвните имиња на светскиот алпинизам. Сепак, начинот на кој тие доаѓаа и ги правеа своите подвизи во Домот на снеговите во многу се разликуваше од стандардната процедура што ја практикуваа останатите. Поради малата финансиска помош добивана од државата, алпинистите во соборањето на финансиски средства за полските експедиции се потпирале и на помалку неконвенционални методи. Наместо долари, полските алпинисти на своите експедициски патувања носеле стотици парчиња евтини полски и руски производи кои пак многу лесно ги наоѓале своите купувачи на пазарите во Њу Делхи или Катманду. По експедицијата процесот бил свртен во обратна насока, фармерки, свила и друго биле продавани на полскиот црн пазар со цел да се добие уште по некој долар за наредната експедиција. –„Во споредба со успешно минатите бариери и поткупи самото искачување на некој врв над 8000м. изгледаше како пикник“ – кажано со зборовите на еден од современиците, Војтек Куртика.

Хималајските искачувања започнаа во 1971 година со искачувањето на Кунјанг Куш (7852м). Во 1974 година, Анджеј Завада ја предводеше првата полска експедиција на врв над 8000м. Поради организациските одложувања ова постмонсуско искачување ќе се претвори во зимски обид да се стигне до врвот на Лотце. Иако неуспешни во обидот да стигнат до врвот, фактот што ја достигнале висината од 8250м, и тоа во зимски период, ги сврте погледите на полската и светската јавност кон полските алпинисти. Токму оваа експедиција ќе биде пресвртница во полскиот алпинизам.
Втората половина на 1970-тите годинии помина во знакот на Ванда Руткиевич. Под нејзино водство течеше експедицијата на Гашербрум 2, а три години подоцна таа беше првиот полски алпинист што се искачи на највисокиот врв на светот. Алпинистичката кариера на оваа прва дама на хималајскиот алпинизам наликуваше на онаа на Меснер, но во обидот да се искачи на сите 14 врва над 8000м беше последен пат видена на Кангченџунга на надморска висина од 8200м.
Во 1980 година, Еверест, за прв пат во зимскиот период беше искачен од полските алпинисти Л.Киху и К. Виелицки. Пролетта истата година, уште еден тим на полски алпинисти на Еверест, но овој пат отварајќи нова насока на јужниот столб (Кукучка и Чок). Две години подоцна Чок ќе ја солира западната страна на Макалу отварајќи нова насока и поминувајќи една по друга три ноќи на височина од 8000м. Во 1989 година Виелицки ќе го солира Лотце, а претходно во 1984 за 17 часа ќе го солира Броад Пик (8068м) што ќе значи и почеток на нов начин во искачувањата на Хималаите. Оваа практика подоцна ќе ја следат Батард од Франција, Лоретан и Троилет од Швајцарија како и полскиот алпинист Војтек Куртика.
Војтек Куртика е еден од ретките кој го преживеа хималајското партнерство со Кукучка. Нивното 4-годишно алпинистичко партнерство резултираше со голем број нови насоки на врвови над 8000м и пречката на трите врва во масивот Броад Пил. Но набргу потоа во 1984, обата ќе тргнат во различни насоки. Куртика ќе се фокусира на технички понапорните искачувања во Хималаите, додека Кукучка ќе се обиде да го стигне Меснер во искачувањето на сите 14 врва над 8000м. Иако тој тоа ќе го направи во 1987, само една година по искачувањето на 14-тиот врв од страна на Меснер, искачувањата на Кукучка се за восхит. За жал, само две години потоа, Јержи ќе загине искачувајќи ја јужната страна на Лотце.
Тука ќе ја завршам оваа еулогија за човекот и полскиот алпинизам. Искрено се надевам дека горе реченото ќе биде само уште еден поттик за сите оние што сакаат да го пронајдат човекот во Домот на снеговите.
- текстот беше прв пат објавен во вториот број на гласникот „Алпинист“ (зима 2003/2004) |