Ванда Руткиевич
-26.12.2009г.
Една од најсилните алпинистки во историјата на нашиов пат. Веќе имавме напишано текст за неа, но тој беше премногу скромен и поврзан само со нејзиното искачување на К2 во 1986-тата година, кога стана првиот полски алпинист и првата жена која се искачила на оваа планина.
Сега ви претставуваме неколку детали повеќе околу нејзината спортска биографија и делови од забелешките кои ги напишала како водач на женската експедиција во 1982-рата година во обид за искачување на К2.
Ванда е родена на 4-ти февруари 1943-та година во местото Плунгиани кое денес се наоѓа во Литванија. Со своето семејство се преселува најпрво во Вроцлав (каде дипломира како електротехнички инженер), а потоа и во Варшава (каде се вработува во Институтот за математички машини).
Нејзиниот татко уште како дете ја запознава со неколку спортови, а во 1962-рата година го завршува првиот курс по алпинизам и од тогаш започнува со силни искачувања (повторувања и нови насоки) во Татрите, но и во најголемите планински масиви.
Ванда беше силен поборник за развивање и самостојност на жените во алпинизмот. Имаше направено силни искачувања во женски наврски во Алпите, а беше организатор и водач на неколку женски хималајски експедиции. Имаше искачено осум врва повисоки од 8000м, а последен на кој правеше обид беше:
Кангченџунга (8586м)
На 12-ти мај 1992-рата година заедно со Мексиканецот Карлос Карсолио тргнуваат кон врвот од четвртиот висински камп поставен на 7950мнв. Ванда се движела побавно од Карлос, кој откако се искачил на врвот, почнал да се симнува и ја сретнал на висина од околу 8300м. Таа му рекла дека ќе бивакува на тоа место и ќе продолжи кон врвот следниот ден. Од тој момент исчезнува и нејзиното тело не е најдено.
Еве дел од нејзините позначајни искачувања:
Алпи
1964-65 – искачувања во Цилертал Алпите,
1967 – прва женска наврска на источната страна на Грепон (3482м) заедно со Халина Кругер-Сирокомска,
19-22 август 1973 – северната страна на Ајгер заедно со Данута Вах-Гелнер и Стефанија Егирждорф,
1978 – прва женска наврска во зимски услови на северната страна на Матерхорн заедно со Ана Червинска и Ирене и Кристине Палмовска.
Хималаи
1975 – водач на женска експедиција на Гашербрумите. Искачени се Гашербрум 3 (7946м) – која до тогаш е неискачена планина и Гашербрум 2 (8035м),
16-ти октомври 1978г. – станува првиот полски алпинист и третата жена (прва Европејка) која се искачува на Еверест.
15-ти јули 1985 – прв женски тим на Нанга Парбат – заедно со Палмовска и Червинска по Дијамир страната, (прва жена на Нанга Парбат е Лилиан Барард која на планината се искачи во 1984г. заедно со сопругот Морис)
23-ти јуни 1986 – станува првиот полски алпинист и првата жена која се качила на К2, (всушност еден час пред брачниот пар Лилиан и Морис Барард кои пак загинуваат на симнувањето. После две недели на врвот стигнуваат и полските алпинисти Кукучка и Пјотровски по нова насока. Пјотровски загинува на симнување)
18-ти септември 1987 – Шишапангма заедно со Ричард Варецки,
12-ти јули 1989 – Гашербрум 2 со Рони Лампард
16-ти јули 1990 – Гашербрум 1 заедно со Ева Панкиевич
26-ти септември 1991 – соло на Чо Оју
22-ри октомври 1991 – соло по јужната страна на Анапурна
Други искачувања
1968 – источниот столб на Трол во Норвешка заедно со Халина Кругер-Сирокомска. Тоа е прво женско искачување, а вкупно седмо на оваа позната карпа
1970 и 1972 – експедиции на Пик Ленин (7134м), Памир – нејзина прва планина повисока од 7000м и Ношак (7492м), Хиндукуш,
17-ти Март 1981 – при искачување на Елбрус се здобива со сериозна повреда
1985 – јужната страна на Аконкагва
К2, 1982 – полско-француска женска експедиција
- Дел од забелешките на Ванда за моменти од експедицијата
12-члената експедиција (без висински носачи) на К2 се состоеше од следниве алпинисти: Маријана Столарек, Данута Вах, Ана Червинска, Кристина Палмовска, Јоланта Макуиш, Ева Панејко-Панкиевич, Аниела Лукасжевска, Кристина де Коломбел, Ана Окопинска, Ванда Руткиевич, Халина Кругер-Сирокомска и Алисја Беднарз – не беше успешна поради лоши временски услови. (н.з. Ванда во текот на целата експедиција поради повреда се движи со штаки).
Пакистанската влада ни даде дозвола за искачување на југоисточниот гребен почнувајќи од 15-ти Јуни. Временските услови за време на 69-те денови поминати во планината беа добри само во првите три недели. Од средината на Август до крајот на Септември почнаа силно да дуваат западни и југозападни ветрови кои создадоа непремостлива бариера на висина од 7000м.
На 30-ти Јули, на 12-тиот ден од експедицијата, во вториот висински камп (6700мнв) почина Халина Кругер-Сирокомска од срцеви проблеми. Таа беше заменик водач на експедицијата и една од најискусните полски алпинисти. Со искачувањето продолживме на 4-ти Август, а на 7-ми Август Кристине де Коломбел, Кристина Палмовска и Ана Червинска достигнаа височина од 7100м. Од овде нагоре беа правени обиди за достигнување на поголема висина, но поради лоши временски услови тие беа неуспешни. Со тоа се потврди фактот дека во есенскиот период експедициите во овој дел од Хималаите имаат малку шанси за успех.
Пакистан
До 1982 година на К2 се имаа качено 17 мажи, но ниту една жена.
Експедицијата пристигна во Исламабад помеѓу 28-ми и 30-ти Јуни и бевме многу желни да тргнеме што побрзо кон планините. Багажот беше донесен од Њу Делхи и со камион беше веднаш пратен кон Скарду...
Интересот кон нашата експедиција беше голем бидејќи се гледаше на тоа како на нешто невообичаено и секаде бевме пријателски пречекувани. Бевме со мислење дека група на алпинисти која ја сочинуваат само жени ќе биде пречекана со сомнеж и нетолеранција во оваа муслиманска земја каде жените во јавниот живот имаат целосно друго место за разлика од земјите на западот. Сепак бевме многу топло пречекани и со почит...
Го напуштивме Скарду на 7-ми Јули и тргнавме кон Дусо со три џипа и седум трактори. Истиот ден товарот беше распределен на 260 носачи. Офицерот за врски, мајорот Аџмал и сирдарот Гулам Наби им одржаа говор на носачите потенцирајќи ја важноста за дисциплина. Аџмал потоа инсистираше и јас да им се обратам на носачите. Преведуваше на Урду јазикот тоа што јас го кажував на англиски и по мојот говор следуваа аплаузи и извикувања. И навистина носачите до базниот камп стигнаа брзо и не правеа проблеми како штрајкови и слично – нешто што им се случуваше на другите експедиции.
По Дусо, патеката ја следи реката Бралду која извира од Балторо глечерот. Овој глечер се наоѓа во прекрасно опкружување – недопрено од човек. Огромни, експонирани гранитни кули се издигнуваат над глечерот исполнет со блокови и камења. На неговиот крај пак се наоѓаат пет планини повисоки од 8000м – восхитувачка група на високи врвови на релативно мал простор.
Прашувајќи го Бог
После 11 дена пешачење, на 19-ти Јули пристигнавме на висина од 5000м и го поставивме базниот камп во морената. Дента кога пристигнавме започна период од многу убаво време кој траеше три недели. Тројцата Австријци кои беа дел од експедицијата со која го делевме базниот камп на 23-ти јули се искачија на Броад Пик и брзо се враќаа назад да го искористат времето и да се обидат и на К2. На 27-ми Јули Австријците беа во напредниот камп, а во првиот камп вредно работеа членовите на нашата експедиција.
Ана Червинска и Кристина Палмовска го поставија првиот висински камп, а на 27-ми Јули заедно со Кристине де Коломбел и вториот висински камп на 6700мнв. Останатите носеа товари и ги распределуваа по камповите. Јас стигнав до напредниот камп кој беше на 5400мнв. Австријците не се брзаа и им беше потребен одмор по искачувањето на Броад Пик. Ана Окопинска и Халина Кругер-Сирокомска во тој камп однесоа нов товар и во 1:30 попладнето Халина се јави во базниот камп. Таа сосема нормално зборуваше, беше во одлично расположение и кога ја прашавме за тоа што мисли какво ќе биде времето во текот на следниот ден се шалеше: „Треба да го прашам Бог како ќе биде времето утре.“ Ана и Халина лежеа во својот шатор по ручекот и си разговараа. Одеднаш, без никакво предупредување, Халина изгубила свест и по само неколку минути починала.
Збогување
Тоа беше 12-тиот ден од нашето дружење со планините и во временски услови какви што ги посакува секоја експедиција. Австријците и Ана се обидуваа да ја реанимираат под водство на нашиот доктор кој им зборуваше преку радио врска. Не помогна ниту вештачко дишење, ниту масажа на срцето, ниту кислород. Халина Кругер-Сирокомска почина.
Седум години пред тоа таа се имаше качено на Гашербрум (8035м) без употреба на кислород заедно со Ана Окопинска. Потоа заедно со неа таа имаше искачувања во Алпите, а беа и во експедицијата на Макалу. Халина имаше повеќе од 20 години искуство и имаше водечка улога во нашата експедиција во организацијата и извршувањето на тешки искачувања.
Не бевме оставени сами во тие моменти. Секоја соседна експедиција се понуди да ни помогне. По неколку часа поминати во разговор со колешките од мојата експедиција, со Австријците, членовите на полско-мексиканската експедиција на К2, па дури и со Рејнолд Меснер кој беше во базниот камп на Броад Пик – одлучив да го симнеме телото на Халина во базниот камп. Го погребавме телото во подножјето на К2, на место каде веќе беше закопан Марио Пучоз во 1954 година и каде имаше меморијална плоча во чест на Ник Есткорт кој загина во лавина во 1978 година. Сакавме тоа да биде вистински гроб, нешто што немаше да биде можно во вториот висински камп. Сакавме тој да биде пристапен и за луѓе кои не се алпинисти. Сакавме да може да го посети и нејзината ќерка ако таа не стане алпинист.
Во симнувањето на телото ни помогнаа Австријците кои во тие моменти го прекинаа своето напредување и со целата своја сила и искуство учествуваа во последното патување на Халина. Тие всушност го симнаа телото и преку најтешките и најопасните делови помеѓу првиот и вториот висински камп на 31-ви Јули. Истиот ден членовите на полско-мексиканската експедиција го превзедоа транспортот.
Со Халина се збогувавме на 1-ви Август. Тоа беше тивок ден и ги имавме собрано сите цвеќиња кои можевме да ги најдеме на таа височина. Постоеше силно чувство на единство помеѓу сите алпинисти. Им бевме благодарни на членовите на другите експедиции кои со цел да помогнат прекинаа со секакви свои активности.
Невреме
Со искачувањето продолживме на 4-ти Август во добри временски услови.
Не беше лесно да се донесе таква одлука и чекав на одлука од целиот тим. За време на овие денови силно го чувствувавме отсуството на Халина која нé напушти толку тивко и одеднаш што понекогаш и не ни се веруваше дека не е до нас. Сите различно ја доживуваат смртта во планината. Секој од нас се соочил со неа и ги знае опасностите и ризиците во планините. Но потоа се појавува силна тага и неверување дека може на тебе да ти се случи тоа. Ако премногу сериозно размислува на тоа – скоро сигурно човек би се откажал од алпинизмот, пливањето, возењето автомобил...
Сепак нашата експедиција беше сé уште на самиот почеток и бевме полни со енергија после сите тие подготовки. Деновите беа сончеви, а планината пријателски расположена кон нас. После секој поминат нов ден – беше евидентно дека сакаме да продолжиме со искачувањето. Последна која се согласи на тоа беше најблиската пријателка на Халина - Ана Окопинска.
Почнавме од ново да носиме товари од базниот кон висинските кампови. На 7-ми Август Коломбел, Червинска и Палмовска во извидувачко качување над вториот висински камп достигнуваат висина од 7100м. Подоцна рекоа: „Ако знаевме какво невреме ќе нé зафати подоцна – ќе поставевме нов камп на 250 метри поголема висина од вториот камп.“
Но дури и тоа немаше да помогне бидејќи од тој ден па сé до крајот на експедицијата немавме ниту еден добар ден.
Времето беше променливо од 10-ти до 13-ти Август, а 14-ти и 15-ти Август беа нашите последни сончеви денови и без ветер. На 16-ти почна да дува многу силен ветер од запад и југозапад и тоа продолжи до крајот на Септември. Температурата беше -30 степени Целзиусови. Временските услови креираа т.н. зона на смртта во која никој немаше да има шанса.
Во неколку наврати алпинистите се обидуваа да постават нов камп над вториот висински на карпите од т.н. Црна Пирамида. Овој камп ќе требаше да го одржуваме – да биде пристапен и да има доволно опрема во него со цел да можеме подобро да се аклиматизираме. Тоа ќе беше основа за искачување кон врвот. Но бевме во можност само да се качуваме до вториот висински камп, а таму за време на ноќта често дуваа толку силни ветрови што мислевме дека ќе не оддуваат заедно со шаторите.
Палмовска и Червинска беа шест пати во вториот камп и секој пат беа најбрзи во неговото достигнување, Коломбел и Окопинска беа нивна добра замена, а Вах, Панејко-Панкиевич и Лукасжевска работеа на поправање на штетите направени од ветерот и одроните. Кристина Палмовска помина растојание еднакво на четири пати растојанието од базниот камп до врвот. Ја имавме опремата во висинските кампови потребна за третиот и четвртиот висински камп и бевме подготвени за искачување кон врвот.
Десет до 14 дена со добри временски услови ќе ни беа сосема доволни, но за тие 69 дена што ги поминавме во планината – добро време имаше само во првите три недели. Во текот на целото останато време – само чекавме да се поправат временските услови, но на крај на 16-ти Септември се откажавме.
Што сега?
За време на следниот период симнавме сé што беше вредно надолу од висинските кампови. Тоа го правевме во очајни услови со силен ветер во нашите смрзнати лица. И температурите во базниот камп беа под нулата, а ветровите силно ги тресеа шаторите и беше невозможно да се спие. Кога беа товарите подготвени за враќање – имаше длабок снег. Носачите стигнаа со три дена задоцнување поради таквите услови. За време на тие денови – повеќе гледавме надолу кон долината отколку нагоре кон планината. Времето го поминувавме хранејќи ги гавраните кои надојдоа околу кампот. Бевме последната експедиција која остана на Балторо и со тоа последен извор на храна за нив.
На 26-ти Септември почнавме со враќањето помогнати од 50-тина носочи кои овој пат беа добро подготвени. Четворица од нив ми помагаа во движењето поради мојата сé уште не санирана повреда.
Не бевме среќни. Најубавата планина во светот им се потсмеа на нашите соништа и амбиции. Но беше убаво да се почувствува пријателството кое нé одржа заедно. Овој пат нашата експедиција не ја достигна својата цел, но направивме добра основа за идните проекти – со овој тимски дух, искуство и опрема планиравме да се обидеме повторно.
Коломбел, Червинска, Окопинска и Палмовска сакаат да се вратат на Балторо повторно следната година. Вах, Панејко, Лукасжевска и други планираат искачувања во алпинистички стил во Гарвал Хималаите.
Една работа исто така научивме: Ако друг пат дојдеме во Каракорам, да дојдеме еден месец порано, затоа што во овој период што го имавме сега шансите за успех се премали.
- Ванда Руткиевич |