Дел од алпинистичката биографија:

Биографијата е превземена од неговиот личен сајт www.uelisteck.ch каде може да најдете и повеќе информации и фотографии од неговите искачувања

2008 - Соло на северната страна на Гранд Жораз за 2:21часа; експедиција на јужна страна на Анапурна; нова насока на северната страна на Ајгер;

2007 - Експедиција на Анапурна по јужната страна; соло на Ајгер 3:54часа;

2006 - Соло Ајгер; Гашербрум 2 Источен врв (7772м);

2005 - Чолатце (6440м) – прво соло искачување по северната страна; Тавоче (6505м) – прво соло искачување по источната страна;

2003 – Пунта Херон – Патагонија;

2002/03 – Обид за искачување на Јану (7710) - Непал по северната страна – не стигнува до врвот;

2002 – Монт Дики (2909м)-Аљаска – прво искачување во алпинистички стил (насоката е со следни карактеристики – 1700м, M7+/AI6 5.9/A1);

2001 – искачување на насоката „Тhe young spider” (1800 meter M7/WI6;7a/A2) по северната страна на Ајгер (3970м); Пумори (7165м) – првенствено искачување во алпинистички стил по западната страна на насока со 1400м, М4, 80 степени мраз;Гранд Жораз – зимско искачување по Северната страна – по Волкеровиот Гребен;

1998-2000 неколку искачувања (меѓу кои 2 соло) на северните страни на Монх (4107м) и Ајгер (3970м);

1995 – прв пат на северната страна на Ајгер (3970м) – по Хекмаер насоката;

 

Средба со Ули Штек

Нашиот пријател- Надир Мурсели присуствуваше на презентацијата во Берн на 11-ти Март 2008 г.

Еве дел од неговите импресии од тој настан

Ули Штек е роден во 1976 година во Швајцарија и денес важи за еден од најдобрите качувачи во светот. Негова специјалност и цели се северните страни во Алпите и првенствени искачувања во Хималаите, а во моментов е најпознат по неговите спектакуларни и многу тешки соло искачувања.

Бидејќи ги следам сите негови настани веќе неколку години наназад, знаев дека во овој период ќе одржи турнеја низ Швајцарија со презентации на искачувањата и решив да посетам една од нив.

Уште при самиот влез во салата, додека тој седеше во еден агол од просторијата и чекаше да се собере публиката, ме примети како и покажувам на Карин кој е тој и ни пријде да се поздрави. Му кажав дека сум од Македонија и дека живеам во Швајцарија. Веднаш го прашав кога ќе оди на Анапурна... Минатата година немаше среќа и ми кажа дека ќе оди да проба уште еднаш. Бидејќи знам дека се познаваат со Томаж Хумар од Словенија го прашав што мисли за него.

„Хумар? Да – го знам. Луд е, но многу е ментално силен. Впрочем сите Словенци се силни. Тие се алпинистичка нација.“ – ми одговори. Она „луд“ сигурно не го мислеше со лошо. Си помислив кој од нив двајца е полуд. Тоа тешко може да се реши. Двајцата се едни од најдобрите во светот.

Ја чувствувам разликата помеѓу него и Меснер (кај кого бев на презентација во 2003 година). Меснер едноставно е легенда, но Ули Штек е на добар пат исто така да стане легенда. Ули беше многу комуникативен и скромен. Во изминатите години имав среќа да се запознаам со неколку познати качувачи и сите беа многу скромни и добри. Суровата и убава мајка природа тоа им го дала на сите.

Во 20 часот започна проекцијата откако еден од организаторите го претстави и ни кажа дека проекцијата ќе почне од Аљаска, Хималаите, а потоа набрзина на Ајгер. Ова „на брзина“ намерно го кажа бидејќи Ули Штек оваа година на 13-ти Февруари постави нов рекорд на Ајгер. Тој се качи соло по северната страна за 2 часа и 47 минути. Тоа се 1800 метри микс качување во една од 3-те најтешки карпи во Европа.

Ули започнал најпрво да тренира хокеј, а подоцна „се префрла“ на алпинизам. „Ако не можеш да се искачиш на некоја планина тоа зависи само од тебе, а не од друг како што е случај во хокејот“ - спомна тој на почетокот.

На Аљаска има направено првенствено качување во многу сурови услови при температури под -35 степени Целзиусови. Едноставно го интересира качување нови насоки – брзо и во што подиректна линија до врвот.  

Во 2007 година направи обид да се качи на Анапурна по неискачената насока на Пјер Бегин и Жан Кристоф Лафаел. Качувањето беше прекинато пред време – во подножјето на насоката го удира камен во главата при што паѓа 300 метри по снег и останува да лежи во бесвест неколку минути. При стигнувањето назад се сретнува со Елизабет Хејли (алфа и омега во Хималаите) која му рекла обавезно да носи кацига...

Најголем впечаток ми остави неговата поврзаност со Ајгер. После неколку искачувања на оваа планина - се решил најпрво да направи едно брзинско соло качување. Тоа го направил за 10 часа качување и никако не можел да разбере како е можно да се помине Хекмаер насоката за 4 часа и 30 минути - што било рекорд до 2007 година. По ова качување тој решава повторно да оди на Ајгер – овој пат тоа искачување било поклон за неговата девојка, со која заедно качувале во зимски услови. Два дена по тоа качување се враќа повторно сам знаејќи дека условите на карпата се добри.

Под насоката нашол една дереза, која ја закопчал на појасот и продолжил да качува. После 17 минути стигнал до двајца Англичани кои качувале веќе цел ден и кои многу се израдувале што им ја нашол и донел дерезата. Не можејќи да зборува многу со нив веднаш продолжил кон врвот. Ова качување тој го завршува за 3 часа и 54 минути и сето тоа секако проследено од тим кој прави фотографии и го снима со камера ова искачување.

По некое време му стигнал e-mail од еден од англиските алпинисти кои ги сретнал на насоката кој му напишал: „Ти ли го направи рекордот на Ајгер? Сега знам зошто не зборуваше многу...“

Да повториме - во 2008 година во Февруари Ули Штек го подобри својот рекорд на 2 часа и 47 минути. Повеќе информации за неговите искачувања и фотографии на неговиот сајт – www.uelisteck.ch

Други текстови за Ули:

- Презентација во Берн - Март/2008г.;

- Тенгкангпоч (6487м) - прво искачување во алпинистички стил по северната страна - Април/2008г.

Copyright © Alpinizam.org