На оваа тема:
- Убиство на невозможното;
- Пасија за граници;
- Бркајќи го Меснер;
- Интервју за списанието R&I
|
„Седмата оцена – најекстремното качување“ (автор: Рајнолд Меснер)
-27.11.2016, Игор Т.
Ова е првата книга која ја преведов на македонски јазик, на тема „алпинизам“. Причините зошто сум се нафатил да го направам тоа, можеби најдобро се претставени во текстот „Од издавачот“, кој служи на некој начин како вовед во самата книга:
„Од издавачот
Оваа книга е преведена на македонски јазик пред петнаесетина години и трпеливо си го чекаше „своето време“. Среќен сум што нејзиното објавување се случува во рамките на најголемата културна манифестација која ги прославува љубовта и соживотот на човекот со планината: Планинскиот филмски фестивал „Ехо“.
Преводот е на изданието на оваа книга од 1974 година, а дозвола за објавување на македонски јазик е добиена лично од авторот: Рајнолд Меснер.
Додека Рајнолд најмногу е познат во заедницата која ги практикува планинските спортови, но и во пошироката јавност, по своите искачувања во Хималаите и тоа како човек кој прв ги искачи четиринаесетте врва повисоки од 8000 метри (проект кој го заврши во 1986 година), а особено и преку искачувањата на Еверест без користење на дополнителен кислород (во 1978 година заедно со Петер Хабелер и сам во 1980), среќен сум што во нашата заедница објавуваме негова книга за нешто многу помалку познато: за дел од неговите искачувања во Доломитите и Алпите – соло и/или првенствени искачувања во 1960-тите години, преку кои тој покажува колку сите работи кои подоцна следуваат во неговиот живот се, всушност, многу нормален тек во неговата алпинистичка активност и се далеку од случајност.
Преку своите текстови во оваа книга, на многу едноставен начин, Рајнолд ни ги претставува своите размислувања за соодветното оценување на тежините во искачувањата, неговиот пристап кон тренингот, подготовките за неговите искачувања, односот кон неговите партнери, кон историјата на алпинизмот и алпинистичките локалитети и покажува колку тие искуства за кои тој пишува, но и многу други кои се случуваат во тој период - уште многу рано го оформиле неговиот препознатлив етички пристап кон спортските достигнувања во планините.
Поради ова, поради авторот и неговите спортски дела и нивното значење во историјата на светскиот алпинизам, сметам дека оваа книга има убава историска важност, пред сѐ, но со пораки актуелни и за денес и за во иднина и треба да се најде во библиотеката на секој искрен вљубеник во планините и планинските спортови.
Игор Талевски
Алпинизам.орг“
Книгата во моментов може да се порача преку ЕХО (ehofilmfest.mk).
|