На оваа тема:

- Тиролска Декларација;

- Да се буши или да не се биде;

- Политика за зачувување на природната карпа

 

Да се буши или да не се биде

Предговор

Повеќето алпинисти и качувачи гледаат на нашата активност како на слободен спорт – слободен од правила и прописи и во кој можеме да правиме што сакаме, кога сакаме и со кого сакаме. Тоа не е точно. Ние имаме код на однесување во планините, чија основа е почит кон природата и кон сите други кои ги практикуваат нашите спортови. Ова не е правило, туку повеќе концепт кој е прифатен од повеќето од нас веќе со години и тој концепт е почитуван и добро функционира.

Дебатите помеѓу алпинистите и качувачите околу етиката на разните техники на обезбедување трае долго и можам да кажам дека сум горд што Планинарската Комисија при УИАА заедно со Германскиот и Австрискиот Алпинистички Клуб ги расчистија концептите околу нивната употреба. Се надеваме дека тоа ќе наиде на прифаќање и кај качувачите кои сакаат да качуваат по насоки кои се со експанзиони клинови и кај тие кои сакаат природен начин на обезбедување одбивајќи секаква употреба на експанзионите клинови.

Ние сме толерантно здружение и се надевам дека овие препораки нудат прифатлив компромис кој ќе биде употребуван во иднина.

Добро качување,
Иан Мекнот-Дејвис, Претседател на УИАА

Вовед

Овој документ е направен како одговор на барањето на националните планинарски асоцијации - тие да бидат советувани околу употребата на фиксна опрема за обезбедување. Некои организации стануваа загрижени дека без чист консензус помеѓу качувачите и алпинистите, други институции би се обиделе да наметнат регулативи врз нашите активности. Во некои алпски средини се јавија сериозни расправии меѓу оние кои рекреативно качуваат и оние кои посериозно го прават тоа и кои го почитуваат повеќе традиционалниот начин на  качување. Овие препирки започнаа еден циклус на вадење на поставени експанзиони клинови во некои насоки, на повторно поставување и повторно вадење.

На барање на Планинарската Комисија при УИАА, во 1998 година Германскиот и Австрискиот Алпинистички Клуб (кои веќе дискутираа на таа тема) оформија работна група која разгледа широк спектар на ставови на ова прашање. Беше оформен документ кој прво беше презентиран на состанокот на ЕНСА во Шамони - околу употребата на експанзиони клинови во масивот на Монт Блан.

Потоа истиот беше презентиран и на Меѓународната Средба и Семинар за Зимско Качување во Авимор (Шкотска). На оваа средба присуствуваа преку 100 качувачи од 28 земји и сите едногласно го поддржаа. Потоа документот циркулираше насекаде во светот - со цел качувачите детално да го разгледаат и да се создаде цврст консензус. Документот беше изгласан на состанокот на УИАА во Мај 2000 година во Велс.

Преамбула

Качувањето е популарен спорт, окарактеризиран со долги меѓучовечки односи, директен контакт со природата и интензивна физичка активност. Качувањето кај многу луѓе има стабилизирачки фактор – нудејќи им чувство на значење во животот. Од социполитичка гледна точка, качувањето овозможува здрав живот и е баланс на недостатокот на физичка активност. Психолозите и луѓето кои се дел од образованието, во качувањето во природа гледаат на активност која промовира градење на позитивни карактеристики како чувство на одговорност, доверба и способност за работа во тим.

Качувањето во планина дава шанса (посебно за младите луѓе) да се развие чувство на одговорност. Овој аспект повеќе или помалку зависи и од стилот на качување. Степенот на одговорност зависи од тоа колку опрема се користи во насоките. Насоките во карпа кои имаат малку обезведување во нив, бараат посебно голем степен на свест кај качувачот – за неговата безбедност и безбедноста на неговиот партнер.

Почитта кон природата треба да оди паралелно со слободниот пристап во алпските области, кое се смета за основно човеково право. Доволно можности за практикување на качувањето на карпа можат да бидат гарантирани само ако ова право на слободата на движење остане непроменето и се применува единствено во области каде тоа е апсолутно потребно

Исто како планинарењето, така и качувањето на карпа е важен економски фактор во Европа во ниските и високите планински области. Поради економската природа на многу од овие области, качувачите и нивните семејства патувајќи низ нив се основен извор на приход во угостителството и трговијата.

Во овој документ мерките на преуредување во кои се вклучуваат фиксни точки за обезбедување во насоките за качување на карпа се однесуваат во однос на моменталните технички и безбедносни стандарди.

Преуредување на насоките за качување на карпа

Во еволуцијата на качувањето во ниските планински средини како и во ниските делови од високите области, многу качувачи почнаа повеќе да сакаат да качуваат добро обезбедени и забавни спортски насоки. Голем број на качувачи повеќе сакаат да имаат добри експанзиони клинови како во должините, така и на сидриштата во популарните насоки

Од друга страна, голем број на качувачи кои одат во планините повеќе сакаат да се задржи оригиналниот карактер во насоките и локалитетите. Тие не ги сакаат експанзионите клинови – ниту делумно, ниту целосно.

Квантитетот и квалитетот на опремата во една насока со фиксно обезбедување е ефективен инструмент за зголемување на нејзината популарност. Добро обезбедените насоки се качуваат почесто од тие со малку обезбедување. Поради тоа, во еколошки чувствителните области, фиксното обезбедување треба да се сведе на мимимум, но од друга страна зголемувањето на квантитетот во качувањето на карпа може да се постигне со развивање на добро обезбедени насоки. Качувачките локалитети кои се создадени според овие насоки не претставуваат опасност за природата.

Плурализмот во разните игри во качувањето е добредојден – како израз на легитимните индивидуални разбирања на качувачите. Со цел да се овозможи тој плурализам ги претставуваме следните препораки:

а)Преуредувањето треба да биде ограничено на одбрани насоки кои често се качуваат,

б)Одредени алпски средини, планини или делови од планини може да бидат исклучени од преуредување со цел да се зачува оригиналниот карактер,

в)Насоките на карпа кои се важен дел од алпинистичката историја мора да бидат задржани во нивната оригинална состојба. Истото се однесува и за насоки кои имаат важно локално значење,

г)Основен принцип при преуредувањето на насоките на карпа е тоа да карактерот на насоката остане непроменет:
1-Линијата искачена при првото искачување не смее да се промени,
2-Во насоки или делови од насоки кои при првото искачување биле поминати во чист стил (со чокови, френдови, замки и сл.) – не треба да бидат поставени експанзиони клинови,
3-Експанзиони клинови не треба да се поставуваат во делови од насоки кои може да бидат поминати во чист стил,
4-Растојанијата помеѓу оригинално поставените точки за обезбедување не смеат да бидат смалувани со поставување на нови експанзиони клинови,
5-Техничката тежина не смее да биде променета при преуредувањето. Делови од насоките кои биле поминати на технички начин, треба да останат такви да се поминуваат на таков начин. Бројот на поставени фиксни точки во преуредена насока треба да биде помал од тој во оригиналната верзија. На пример неколку обични клинови можат да се заменат со еден експанзионен клин,
6-При сите преуредувања треба да се користат средства кои се во согласност со Европските или УИАА стандарди. Преуредувањата треба да бидат правени според признаени стандарди и од одговорната институција,
7-Насоката не смее да биде преуредувана ако тоа не го дозволуваат првите искачувачи

д)Врз основа на овие препораки, начинот на преуредување на насоките во локалитетите ќе се дефинира од локалните докажани качувачи во соработка со локалните качувачки групи, а ако за тоа има потреба и со одговорните институции. Моќта за донесување на одлуки на локално ниво гарантира дека секој локалитет ќе има свој независен карактер.

Активностите на локалните организации кои ќе бидат вклучени во процесот треба да бидат координирани од надлокален комитет со цел да се гарантира хоризонтален и вертикален проток на информации и да се обезбеди целосно висок квалитет на локалните организации. Овој комитет треба да биде медијатор во случај на конфликт.

Искачувања на нови насоки на карпа

а)Во алпските региони, искачувањата на нови насоки треба да се прават со водење „од доле до горе“, а не со претходно поставување на точки за обезбедување спуштајќи се од горе,
б)Во локалитети кои не се предвидени за преуредување, употребата на експанзионите клинови треба да биде сведена на апсолутен минимум. Во спротивно секој кој прави нова насока може да ги поставува стандардите за обезбедување во неговата/нејзината насока,
в)Не треба да има изместување на независниот карактер на варијантите на насоките,
г)Посебно во зони кои се блиску до долините или кои се лесно пристапни може да има посебни спортско-качувачки локалитети – ако тоа може да биде направено со еколошка свест и без изместување на постоечките качувачки локалитети. Овие мерки треба да бидат одобрени од соодветните организации одговорни за таа област.

 
Copyright © Alpinizam.org