На оваа тема:

- Тиролска Декларација;

- Да се буши или да не се биде;

- Политика за зачувување на природната карпа

 

Тиролска декларација
10 години од Конференцијата за иднината на планинските спортови

Нешто како вовед
Генералното собрание на Обединетите Нации со резолуцијата 53/24, ја прогласи 2002 година за Меѓународна година на планините. Во текот на таа година, УИАА на средба во Инсбрук, ја одржа „Конференцијата за иднината на планинските спортови“ во чии рамки беше усвоена „Тиролската Декларација за најдобро практикување на планинските спортови“ или позната едноставно како „Тиролска декларација“.

-12.01.2012г., Игор Т.

Тиролска Декларација за најдобро практикување на планинските спортови

Насекаде во светот, милиони луѓе практикуваат алпинизам, планинарење и качување. Во многу земји планинските спортови станаа значаен фактор во секојдневниот живот.

Тешко дека има некоја друга активност која сплотува толку широк мотивирачки спектар, како што тоа го прават планинските спортови. Таа им дава на луѓето шанса, да ги реализираат своите лични цели и во текот на целиот свој живот да работат активност која е полна со значење. Мотивите да се биде активен во планинските и карпестите региони се различни: од здравствен аспект, задоволство во движењето и контакт со природата, па сé до возбуда од истражување и авантура.

Тиролската Декларација за најдобро практикување на планинските спортови, која беше усвоена за време на Конференцијата за иднината на планинските спортови, одржана во Инсбрук на 8ми септември 2002 година, содржи листа на вредности и максими со цел да овозможи водење на најдобро практикување на планинските спортови. Тоа не се правила или детални инструкции, туку пред сé тие:

1.Ги дефинираат денешните вредности на планинските спортови,
2.Содржат принципи и стандарди на однесување,
3.Формулираат етички критериум при донесувањето на одлуки во несигурни ситуации,
4.Ги претставуваат етичките принципи преку кои јавноста ќе ги вреднува планинските спортови,
5.Ги запознаваат почетниците - со вредностите и моралните принципи во нивниот спорт.

Целта на Тиролската Декларација е да помогне во разбирањето на огромниот потенцијал на планинските спортови за рекреација и личен раст, како и начин за промоција на социјален развој, културно разбирање и свесност за природната средина. Тиролската Декларација се заснова на традиционално незапишаните вредности и манири на однесување во спортот и продолжува да расте над нив, со цел да одговори на потребните на денешницата. Основните вредности на кои се заснова Тиролската Декларација, се однесуваат за сите индивидуалци инволвирани во планинските спортови насекаде во светот – независно дали тие се планинари, спортски качувачи или алпинисти кои ги надминуваат своите граници во високите планини. Дури и ако некои од предлозите за однесување се релевантни само за мала и елитна група на луѓе, многу други предлози формулирани во Тиролската Декларација се однесуваат на целата заедница на луѓе вклучени во планинските спортови. Со овие предлози посебно се надеваме дека ќе допреме до младите, кои се иднината на планинските спортови.

Тиролска Декларација за најдобро практикување на планинските спортови

Тиролската Декларација претставува апел:
-да се прифатат ризиците и да се превземе одговорност,
-да се направи рамнотежа помеѓу сопствените цели и способноста и опремата,
-да се работи фер и да се известува искрено,
-да се има стремеж кон најдоброто практикување и постојано да се учи,
-да се биде толерантен, да се има разбирање и да се помага,
-да се заштити дивиот и природен карактер на планините и карпите,
-да им се помогне на локалните заедници во нивниот одржлив развој.

Тиролската Декларација се заснова на следната хиерархија на вредности:
-Човечко достоинство: човечките суштества се родени слободни и еднакви во достоинство и права и треба да се однесуваат едни кон други во духот на братството. Посебно внимание треба да се обрати на еднаквите права на мажите и жените,
-Живот, слобода и среќа: тоа се неотуѓиви човечки права, а посебна одговорност во планинските спортови е заштитата на правата на заедниците во планинските области,
-Не менување на природата: посветеност кон обезбедување на еколошката вредност и природниот карактер на планините и карпите насекаде во светот. Во тоа е вклучено и заштитата на загрозените видови на флора и фауна, нивните екосистеми и опкружувањето,
-Солидарност: можност преку практикувањето на планинските спортови да се промовира тимска работа, соработка и разбiрање, со цел да се надминат бариерите поради разлика во возраст, пол, националност, способност, социјално или етничко потекло, религија или верување,
-Само-промовирање: можност преку практикувањето на планинските спортови да се направи значаен напредок кон важни цели и да се постигне лично исполнување,
-Вистина: во планинските спортови искреноста е основна за вреднување на постигнувањето. Ако судењето ја замени вистината, станува невозможно да се оцени настапот во качувањето,
-Совршеност: можност преку практикувањето на планинските спортови да се цели кон претходно недостигнати цели и поставување на повисоки стандарди,
-Авантура: во планинските спортови менаџирањето со ризикот преку проценка, способност и лична одговорност е основен фактор. Разноликоста во планинските спортови му овозможува на секој да си ја одбере својата авантура – таму каде способноста и опасноста се во рамнотежа.

Членови на Тиролската декларација

Член 1 – Лична одговорност
Максима
Алпинистите и качувачите ги практикуваат своите спортови во ситуации каде постои ризик од несреќа, а не постои можност за помош од страна. Со ова на ум, тие ја работат својата активност на своја сопствена одговорност и се одговорни за својата безбедност. Постапките на поединци не треба да ги ставаат во опасност другите околу нив, ниту и природната средина.

Член 2 – Тимски дух
Максима
Членовите на тимот треба да бидат подготвени да прават компромиси со цел да се балансира интересот и способноста на целата група.

Член 3 – Качувачка и алпинистичка заедница
Максима
Секој поединец кој ќе го сретнеме во планините или на карпите треба подеднакво да го почитуваме. Дури и во изолирани случаи и стресни ситуации, треба да не заборавиме да се однесуваме кон другите така - како што сакаме да се однесуваат кон нас.

Член 4 – Посета на други земји
Максима
Како гости во други земји, секогаш треба да се однесуваме културно и со воздржаност кон луѓето таму – нашите домаќини. Ќе ги почитуваме светите планини и други свети места и ќе се обидеме да помогнеме во локалната економија и на луѓето. Разбирањето на туѓите култури е дел од целосното качувачко искуство.

Член 5 – Одговорности на планинските водичи и водачи
Максима
Професионалните планински водичи, други водачи и членови на групи треба да ја знаат својата улога и да ги почитуваат слободите и правата на другите групи и индивидуи. Со цел да бидат подготвени водачите, водичите и членовите на групите, тие треба да ги разберат побарувањата, опасностите и ризиците на целта, да имаат соодветна способност, искуство и опрема и да ги проверат временските  и планинските услови.

Член 6 – Опасности и смрт
Максима
За да бидат подготвени за итни ситуации и ситуации во кои има сериозни незгоди и смрт, сите практикувачи на планинските спортови треба јасно да ги разбираат ризиците и опасностите и потребата да имаат соодветна способност, знаење и опрема. Сите практикувачи треба да им помагаат на тие кои имаат потреба од помош во случај на незгода, а исто така и да бидат подготвени да се соочат со последиците во случаи на трагедија.

Член 7 – Пристап и конзервација
Максима
Веруваме дека слободата на пристап до планините и карпите на одговорен начин – е основно право. Секогаш треба да ги практикуваме нашите активности на одговорен начин кон природната средина и да бидеме проактивни во нејзино зачувување. Ги почитуваме ограничувањата и договорите помеѓу качувачите и организациите за заштита на животната средина и властите.

Член 8 – Стил
Маскима
Квалитетот на искуството и начинот на кој го решаваме проблемот е поважно од тоа дали ќе го решиме проблемот. Се стремиме кон тоа да не оставиме трага зад себе.

Член 9 – Првенствени искачувања
Максима
Првенствено искачување на насока или планина е креативно дело. Тоа треба да биде направено во најлош случај во стил кој одговара на традицијата на тој регион и да се покаже одговорност кон локалната качувачка заедница и потребите на идните качувачи.

Член 10 – Спонзорства, рекламирање и односи со јавноста
Максима
Соработката помеѓу спонзорите и спортистите мора да биде професионален однос кој ќе им служи на најдобрите интереси на планинските спортови. Заедницата на планинските спортови за сите свои аспекти, има одговорност да ги едуцира и информира јавноста и медиумите на еден проактивен начин

Анекс 1
Максими и препораки на Тиролската Декларација
:

Член 1 – Индивидуална одговорност
Максима
Алпинистите и качувачите ги практикуваат своите спортови во ситуации каде постои ризик по несреќа, а не постои можност за помош од страна. Со ова на ум, тие ја работат својата активност на своја сопствена одговорност и се одговорни за својата безбедност. Постапките на поединци не треба да ги ставаат во опасност другите околу нив, ниту и природната средина.

1.Ги избираме нашите цели во согласност со нашите моментални способности или тие на нашиот тим и во зависност од условите на планината. Повлекувањето од некое искачување треба да е валидна опција.
2.Треба да бидеме сигурни дека имаме соодветен тренинг за нашата цел, дека внимателно сме го испланирале патувањето и качувањето и дека сме поминале низ сите потребни подготовки.
3.Треба да сме сигурни дека сме соодветно екипирани на секое патување и дека знаеме како да ја користиме опремата.

Член 2 – Тимски дух
Максима
Членовите на тимот треба да бидат подготвени да прават компромиси со цел да се балансира интересот и способноста на целата група.

1.Секој член од тимот треба да има разбирање и одговорност за безбедноста на членовите во тимот.
2.Ниту еден член од тимот не смее да биде оставен сам и во ризик по неговата/нејзината безбедност.

Член 3 – Качувачка и алпинистичка заедница
Максима
Секој поединец кој ќе го сретнеме во планините или на карпите треба подеднакво да го почитуваме. Дури и во изолирани случаи и стресни ситуации, треба да не заборавиме да се однесуваме кон другите, така како што сакаме да не третираат нас.

1.Правиме сé што можеме да не ги ставиме во опасност другите околу нас и ги предупредуваме за потенцијални опасности.
2.Правиме сé што можеме никој да не биде дискриминиран.
3.Како посетители, ги почитуваме локалните правила.
4.Не ги вознемируваме другите повеќе од тоа што е потребно. Им дозволуваме на побрзите наврски да нé поминат. Не ги окупираме насоките кои други луѓе веќе чекаат да ги качуваат.
5.Нашите известувања за искачувањето вистинито и детално ги рефлектираат настаните.

Член 4 – Посета на други земји
Максима
Како гости во други земји, секогаш треба да се однесуваме културно и со воздржаност кон луѓето таму – нашите домаќини. Ќе ги почитуваме светите планини и други свети места и ќе се обидеме да помогнеме во локалната економија и на луѓето. Разбирањето на туѓите култури е дел од целосното качувачко искуство.

1.Секогаш кон луѓето во земјата-домаќин однесувајте се учтиво, толерантно и со почит.
2.Стриктно почитувајте ги сите правила на качување имплементирани во земјата која ја посетувате.
3.Се препорачува да се прочита за историјата, социологијата, политиката, уметноста и религијата на земјата која се посетува пред да се тргне на пат, со цел да се подобри разбирањето на луѓето и нивното опкружување. Во случај ако постои политичка нестабилност, треба да се побара официјална препорака.
4.Добро е да се совладаат основни работи околу јазикот на земјата-домаќин: поздравување, заблагодарување, денови од неделата, време, бројки итн. Зачудувачки е колку ваквата мала инвестиција го подобрува квалитетот на комуникацијата. Со тоа допринесуваме во разбирањето помеѓу културите.
5.Никогаш не прескокнувајте да ги споделите качувачките вештини со заинтересираните локални луѓе. Заедничките експедиции со качувачи од земјата-домаќин се најдобра основа за размена на искуства.
6.По секоја цена да се избегнува навреда по верска основа со домаќините. На пример не треба да се има изложено голо тело на места каде од верски или социолошки причини тоа е недозволиво. Ако некои детали од другите религии се надвор од нашето разбирање треба да се има толеранција и да се воздржиме од расудување.
7.Им овозможуваме секаква помош на локалните луѓе ако тие имаат потреба од тоа. Експедицискиот доктор често е во можност да направи голема разлика во животот на акутно болна личност.
8.За подобрување на економијата на планинските заедници, купуваме локални производи и ако се нудат, користиме локални услуги.
9.Охрабруваме поддршка на планинските заедници преку иницирање и поддршка на проекти за одржлив развој, како на пример едукативни програми или еколошко компатибилни економски активности.

Член 5 – Одговорности на планинските водичи и водачи
Максима
Професионалните планински водичи, други водачи и членови на групи треба да ја знаат својата улога и да ги почитуваат слободите и правата на другите групи и индивидуи. Со цел да бидат подготвени водачите, водичите и членовите на групите треба да ги разберат побарувањата, опасностите и ризиците на целта, да имаат соодветна способност, искуство и опрема и да ги проверат временските  и планинските услови.

1.Водичот или водачот го информира клиентот или групата за постоечкиот ризик во качувањето и моменталното ниво на опасност, а ако се соодветно искусни да ги вклучи во процесот на носење одлуки.
2.Избраната насока треба да одговара на нивото на способност и квалитет на клиентот или групата со цел да се осигура пријатно и развојно искуство.
3.Ако е потребно водичот или водачот ги кажува своите граници на нејзината или неговата способност и кога тоа е соодветно, ги упатува клиентите или групите кон поспособни колеги. Клиентите и групите имаат одговорност во тоа да укажат дека веруваат дека ризиците од опасност се преголеми и дека можеби треба да се повлечат или направат алтернативи.
4.Во случај на екстремни искачувања и искачувања на високи планини, водичите и водачите треба внимателно да се состанат со клиентите и групите со цел да се осигураат дека секој од нив е целосно свесен на ограниченоста во поддршката која водичот и водачот можат да ја дадат во такви случаи.
5.Локалните водичи ги информираат своите колеги-гости за карактеристиките на нивната област и моменталните услови.

Член 6 – Опасности и смрт
Максима
За да бидат подготвени за итни ситуации и ситуации во кои има сериозни незгоди и смрт, сите практикувачи на планинските спортови треба јасно да ги разбираат ризиците и опасностите и потребата да имаат соодветна способност, знаење и опрема. Сите практикувачи треба да им помагаат на тие кои имаат потреба од помош во случај на незгода, а исто така и да бидат подготвени да се соочат со последиците во случаи на трагедија.

1.Пружањето помош на човек во незгода е апсолутен приоритет и е над постигнувањето на  сопствените цели кои сме си ги поставиле во планините. Спасување на живот или намалување на штетите по здравјето на повреден човек е многу повредно отколку најтешко првенствено искачување.
2.Во случај на незгода, ако не постои можност за помош од страна, а ние сме во можност да помогнеме, во тој случај на луѓето кои имаат потреба од тоа, треба да сме подготвиме да им ја дадеме целата поддршка која можеме – без да се ставиме себе во опасност.
3.На тој кој е сериозно повреден или умира треба да му се пружи комфор и да му се даде поддршка.
4.Во случај ако од местото на настанот не е можно да се земе телото, тогаш таа локација треба да се забележи колку што е можно подобро, како и идентитетот на настраданиот.
5.Личните работи, како камера, дневник, фотографии, писма и други слични предмети, треба да бидат зачувани и предадени на најблиските.
6.Во никој случај не смеат да бидат објавени фотографии на починатиот без претходна дозвола од семејството.

Член 7 – Пристап и конзервација
Максима
Веруваме дека слободата на пристап до планините и карпите на одговорен начин – е основно право. Секогаш треба да ги практикуваме нашите активности на одговорен начин кон природната средина и да бидеме проактивни во нејзино зачувување. Ги почитуваме ограничувањата и договорите помеѓу качувачите и организациите за заштите на животната средина и властите.

1.Ги почитуваме мерките кои се превземаат за заштита на карпестите и планинските средини и дивиот живот кој тие го поддржуваат и ги охрабруваме нашите колеги да го прават истото. Со избегнување на гласни звуци, се обидуваме да го сведеме вознемирувањето на дивиот свет на минимум.
2.Ако тоа е можно, пристапуваме кон нашата дестинација со автобус или во што помалку возила, со цел да го минимизираме сообраќајот по патиштата.
3.Со цел да се избегне ерозија и да не се вознемирува дивиот живот, за време на пристапот и симнувањето, ги следиме означените патеки или одбираме соодветна, еко-компатибилна патека.
4.За време на периодите на размножување и гнездење на видовите кои живеат во карпите, ги почитуваме сезонските ограничувања за пристап. Кога ќе разбереме за некоја ваква активност на живиот свет, веднаш ги информираме нашите колеги и тие да знаат да не влегуваат во тие области.
5.За време на првенствени искачувања, внимаваме да не загрозиме ретки видови растенија и животни. При опремувањето и повторното развивање на насоките, треба да се стремиме и внимаваме тие да имаат минимален удар врз околината.
6.Треба внимателно да се разгледаат импликациите кои ги има популаризацијата на локалитети со поставување на експанзиони клинови во стари насоки. Зголемувањето на нивниот број може да доведе до проблеми со пристапот.
7.Го минимизираме уништувањето на карпата со употреба на техники за обезбедување кои се најмалку уништувачки.
8.Не само што го враќаме сопственото ѓубре назад во цивилизацијата, туку го земаме и тоа оставено од други.
9.Во случај ако нема санитарни инсталации, физиолошките потреби се извршуваат на соодветно растојание од домови, кампови, долини, реки или езера и се грижиме да не го оштетиме екосистемот. Не го навредуваме чувството за естетика на другите луѓе. Во области кои се често посетувани и кои имаат ниско ниво на био активност, качувачите треба да ги земат фекалните отпадоци со себе.
10.Го одржуваме местото на нашиот камп чисто, избегнуваме да оставаме ѓубре и истото го чуваме на пригоден начин. Целата опрема: фиксни јажиња, шатори и боци за кислород – мора да бидат отстранети од планината.
11.Трошењето на енергија е минимално. Посебно во земји кои имаат недостаток на дрва. Таму се откажуваме од акции кои би значеле дополнително намалување на шумите. Во земји со загрозени шуми, треба да носиме соодветно гориво за готвење за сите учесници во експедицијата.
12.Туризмот со хеликоптери треба да е сведен на минимум таму каде што тоа е штетно за природата или културата.
13. При конфликти околу пристапот до локалитетите, сопствениците на земјиштето, властите и асоцијациите треба да преговараат за да најдат задоволувачко решение за сите страни.
14.Земаме активна улога во имплементацијата на овие регулативи, а посебно во нивното претставување пред јавноста и создавањето на соодветна инфраструктура.
15.Заедно со планинарските асоцијации и други групи кои работат на заштита на животната средина, работиме на политичко ниво за заштита на природата и околината.

Член 8 – Стил
Максима
Квалитетот на искуството и начинот на кој го решаваме проблемот е поважно од тоа дали ќе го решиме проблемот. Се стремиме кон тоа да не оставиме трага зад себе.

1.Се стремиме да го зачуваме оригиналниот карактер на сите насоки, а посебно на тие кои имаат историско значење. Тоа значи дека качувачите не треба да го зголемуваат бројот на фиксни точки на постоечки насоки. Исклучок може да има ако постои локален консензус, вклучувајќи и согласност од првите качувачи – за промена на нивото на фиксни точки со поставување на нова опрема или замена на постоечката.
2.Ја почитуваме разноликоста на локалните традиции и нема да се обидуваме да наметнеме наш начин на видување на другите качувачки култури – ниту пак ќе ги прифатиме нивните гледања над нашите.
3.Карпите и планините се ограничен ресурс за авантура и тие мора да бидат споделени со качувачи со разни интереси, а исто така и со следните генерации кои ќе дојдат. Треба да разбереме дека тие следни генерации ќе треба да ги најдат своите сопствени НОВИ авантури - во рамките на овие ограничени ресурси. Треба да се обидуваме да ги развиваме локалитетите и планините на начин со кој нема да им ја украдеме таа можност за во иднина.
4. Во области каде што се прифатени експанзионите клинови, пожелно е да се чуваат некои насоки, делови од карпи или пак и цели карпи - да бидат без експанзиони клинови, со цел да се зачува таа можност за авантура и со цел да се оддаде почит кон различните качувачки интереси.
5.Природно обезбедуваните насоки можат да бидат подеднакво безбедни за рекреативните качувачи како и насоките обезбедени со експанзиони клинови. Повеќето качувачи можат да научат и самите безбедно да се обезбедуваат на овој природен начин и тие треба да научат дека овој начин им овозможува дополнителна авантура и богато и природно искуство со соодветна безбедност – кога ќе ги совладаат овие техники.
6.Во случај на кофликт помеѓу различните групи на качувачи, тие своите разлики треба да ги решат низ дијалог и преговори, со цел да се избегне забрана за пристап до локалитетите.
7.Комерцијалниот притисок никогаш не смее да влијае врз качувачката етика на една личност или на цел локалитет.
8.Добар стил во големите планини значи да не се употребуваат фиксни јажиња, додатоци во исхраната кои ја подобруваат работата на човекот и дополнителен кислород.

Член 9 – Првенствени искачувања
Максима
Првенствено искачување на насока или планина е креативно дело. Тоа треба да биде направено во најлош случај во стил кој одговара на традицијата на тој регион и да се покаже одговорност кон локалната качувачка заедница и потребите на идните качувачи.

1.Првенствените искачувања треба да бидат еколошки чисти и компатибилни со локалните регулативи, желбите на сопственикот на земјиштето или духовните потреби на локалното население.
2.Нема да ја уништуваме карпата со нејзино кршење за правење дополнителни фаќалишта.
3.Во алпски региони, првенствените насоки треба да бидат направени исклучително со водење на насоката, а не со претходно поставување на точки за обезбедување – со спуштање од горе.
4.Со почитување на локалните традиции, останува на првите качувачи да одлучат колку фиксни точки ќе остават во нивната насока.
5.Области кои се прогласени за паркови на природата и дивиот свет од страна на менаџерите на земјиштето или  локалните комитети, со цел да се зачува можноста за пристап до качувачките локалитети во нив, експанзионите клинови таму треба да бидат ограничени на апсолутен минимум.
6.Бушењето дупки и поставувањето на фиксни точки за време на првенствени технички насоки, треба да биде сведено на апсолутен минимум. Експанзионите клинови треба да бидат избегнувани и на сидриштата, освен ако тоа не е навистина неопходно.
7.„Авантуристичките“ насоки треба да бидат оставени да бидат колку што е можно поприродни и во нив, кога е тоа можно, да се качува со поставување на сопствено обезбедување кое се вади, а употребата на експанзиони клинови да биде само тогаш кога тоа е навистина неопходно и да биде во согласност со локалните традиции.
8. Независниот карактер на варијантите не смее да биде компромитиран.
9.Кога се известува за првенствените насоки, важно е деталите да бидат опишани што поточно.
10.Високите планини се органичен ресурс. Ги охрабруваме качувачите да качуваат во најдобар стил.

Член 10 – Спонзорства, рекламирање и односи со јавноста
Максима
Соработката помеѓу спонзорите и спортистите мора да биде професионален однос кој им служи на најдобрите интереси на планинските спортови. Заедницата на планинските спортови за сите свои аспекти, има одговорност да ги едуцира и информира јавноста и медиумите на еден проактивен начин.

1.Заедничкото разбирање помеѓу спонзорот и спортистот е неопходно за дефинирање на заеднички цели. Многуте облици на планинските спортови бараат јасна идентификација на специфичната експертиза и на спортистот и на спонзорот за да се постигнат најдобрите можности.
2.За да го зачуваат и да го подобрат нивото на активност, качувачите зависат од континуирана поддршка од своите спонзори. За таа цел важно е спонзорите да ги поддржуваат своите партнери и после серија на неуспеси. Под никој услов спонзорот не смее да врши притисок врз активностите на качувачот.
3.Со цел да се одржува континуирано присуство во сите медиуми, треба да се организираат и зачувуваат јасни канали на комуникација.
4.Качувачите треба реално да ја прикажуваат својата активност. Точното претставување на активностите, не само што го зголемува кредибилитетот на качувачот, туку исто така и јавниот углед на неговиот спорт.
5.Спортистот е целосно одговорен пред спонзорот и медиумот - за претставување на етиката, социјалната одговорност и одговорността за животната средина споменати во Тиролската декларација.

 

Анкес 2
Плурализмот во качувачките игри

Модерното качување се состои од широк спектар на активности: од планинарење и болдеринг, до качување и алпинизам. Алпинизмот се состои од екстремни форми на алпинизам во високи планини и експедициско качување во високите масиви како Андите или Хималаите. Иако линиите на поделба помеѓу различните форми на качување не се крути, следната категоризација овозможува посоодветно претставување на широката разноликост на модерните планински спортови.

Планинарење (хајкинг и трекинг)
Планинарењето до планински домови, седла и врвови е најраширената форма во планинските спортови. Повеќедневните тури во планините и други диви места, а посебно ако тоа се прави вон постоечки патеки, често се нарекуваат трекинг. Планинарењето се претвора во поголем предизвик и станува потехничко, тогаш кога за напредување ќе треба да се користат и рацете.

Качување виа ферати
Насоките кои одат по стрмен карпест терен опремен со челични сајли и железни прстени стануваат сé повеќе и повеќе популарни. На тој начин арената резервирана за техничко качување на карпи, станува пристапна преку елаборирана инфраструктура и специјални заштитни системи.

Класичен алпинизам
Алпинист во оваа категорија би качувал на карпа тежини до III и стрмнини до 50степени на мраз и снег. Типични цели во оваа категорија се искачувања на нормалните насоки до врвовите во алпските зони.

Ски алпинизам
Вљубениците на оваа класична форма на алпинизам користат скии за искачување на планините или пречат цели планински масиви. Поради комплексноста на потребните способности, оваа дисциплина се смета за најопасна и најнапорна.

Хиерархија на „Качувачките игри“
Системот за категоризација на различните видови на качување, претставен од Лито Техада-Флорес, се покажа како добар при опишувањето на различните лица кои ги доби модерното техничко качување. Секој посебен вид на „игра“ е дефиниран од неформален, но прецизен сет на правила, формулиран да ги направи работите да бидат поинтересни. Колку што е поголема опасноста во одредена качувачка игра, поради природното опкружување, толку поблаги се ограничувањата за употреба на техничка опрема. Кога опасноста е помала, тогаш и „правилата“ се построги.

Болдеринг
Во оваа активност, обично без јаже се поминуваат тешки детали на ниски карпи – блокови (т.н. болдери). Опремата која е дозволена, се сведува на патики за качување, магнезиум, а овие денови  - и сунгер за заштита при пад. Болдерингот се практикува на природни карпи и болдери, а исто така и на вештачки објекти.

Качување на вештачки објекти
Денес качувачите најчесто користат вештачки ѕидови за тренинг и забава – или во својот дом или во сала или во надворешни услови. Сé повеќе има качувачи кои качуваат и само на вештачки ѕидови. Исто така има и форми на терапевтско качување и уметничко качување – како форма на танц или балет.

Локално качување
Насоки кои имаат од една до три должини се нарекуваат локални качувања. Поради нивната кратка должина и скоро непостоење на објективни опасности, етиката на „слободно“ качување во овие искачувања, беше прифатена насекаде во светот во последните две децении.

Континуирано качување
Ако насоката има повеќе од три или четири должини, тоа качување се нарекува континуирано качување.

Големи карпи/техничко качување
Во оваа игра развиена во Јосемити, активистите качуваат големи карпи кои не можат да бидат искачени во слободен стил, користејќи специјално направена опрема. Тие се стремат кон намалување на бушењето на дупки за експанзиони клинови или други средства, со тоа оставајќи што помалку трага зад себе по завршувањето на искачувањето.

Алпинизам
Во „алпинистичката игра“, учесниците не само што треба да се соочат со техничките проблеми од самото качување, туку и со „објективните“ опасности во високите планини каде често условите се многу лоши. Затоа што во овој случај преживувањето зависи не само од способноста безбедно да се поминат тежините, туку и од брзината на насоката, непишаните правила традиционално дозволуваат употреба на клинови и чокови за напредување. Сепак, започнувајќи од 1960-тите, принципите на слободното качување сé почесто се применуваат и во високите планини. Додека во почетокот на оваа нова ера, фокусот беше слободно да се искачат насоки кои претходно биле само технички поминати, не помина долго време и овие строги правила донесоа нови насоки искачени во ваков стил и во планините. Ова се екстремно смели авантури и хедонистички спортски искачувања.

Важен аспект во алпинизмот е искачувањето на насоки на мраз. Тие можат да бидат класични искачувања, но и тешки футуристички проблеми. Еден тип на качување на мраз кој станува сé популарен во последно време е качувањето на замрзнати водопади, сталактити од мраз или глазирана карпа. Модерното микс (на карпа и мраз) качување се состои од многу тешки движења на карпа со дерези и цепини. И оваа игра е водена од правилата на слободното качување. Качувањето на мраз и микс качувањето можат да бидат искачувања на насоки со една должина, па сé до многу смели акции во високите масиви кои можат да траат неколку недели.

Авантуристичко качување и спортско качување
Модерната качувачка терминологија прави разлика помеѓу стиловите на авантуристичкото или традиционалното качување и спортското качување. Авантуристичкото или „трад“ качување ги има следните елементи:
. Направеното качување се оценува по количината на отпорност на стрес која е потребна за да се искачи насоката.
. Качувачот е одговорен за поставување на свои точки за обезбедување или треба да оди без нив.
. Грешките направени од водачот, може да имаат сериозни последици.

Спортското качување се карактеризира со:
. Направеното качување се оценува по техничката тежина на искачената насока.
. Кинестетскиот елемент е доминантен.
. Експанзионите клинови даваат совршена безбедност.
. Ако модерните техники за обезбедување се користат правилно, падот на првиот во наврската може и да не биде толку казнет.

Стиловите на авантуристичкото и спортското качување може да бидат пренесени и во големи локалитети и во алпски страни.

Помеѓу чистите верзии на авантуристичкото и спортското/уживачко качување постојат бројни хибридни форми.

Различните игри и „философиите“ околу безбедноста во нив, одговараат на различни индивидуални потреби на качувачите. Богатството на форми во планинските спортови им дава задоволство на голем број на луѓе и тоа е факт кој го поздравуваме.

И пријателите на пристапот на спортското качување и следбениците на авантуристичката философија имаат право да качуваат – секој според своите желби и способности.

Наша цел треба да биде тоа да го зачуваме плурализмот во качувачките стилови, оставајќи им ги ним, нивните посебни арени.

Супер алпинизам
Оваа дисциплина ги применува правилата на алпинистичкото качување во високи планински масиви, на планини повисоки од шест, седум и осум илјади метри, кои беа резервирани за традиционалните експедиции. Во супер алпинизмот, се одбива користење на фиксни јажиња, помош од страна, поставување на ланец на кампови и употреба на дополнителен кислород.

Експедициско качување
Во оваа игра се развија две форми: првата варијанта има за функција да им овозможи на што повеќе членови на експедицијата да стигнат до престижниот врв во високите планински масиви – преку нормалната насока. Тие ја зголемуваат својата шанса за успех со слободно користење на носачи, фиксни јажиња и дополнителен кислород.

Од друга страна пак, екстремната форма на експедициското качување се стреми кон поместување на границите на техничките тежини со помош на најмодерна опрема и без кислород: фиксни јажиња, кампови и депоа за опрема.
 
Copyright © Alpinizam.org