На оваа тема:

- Тиролска Декларација;

- Да се буши или да не се биде;

- Политика за зачувување на природната карпа

 

УИАА со нови препораки

-17.09.2012г

Меѓународната УИАА повторно на тема етика. Преку својата Комисија за менаџмент и работната група за традиционални вредности чиј претседател е англискиот алпинист Даг Скот, во еден од своите последни документи насловен како „Политиката на УИАА за зачувување на природната карпа за авантуристичкото качување“, ја искажува својата загриженост за порастот на бушењето во локалитетите и дава нова листа на препораки за понатамошно однесување.

Документот почнува вака:
„И покрај претходните обиди на УИАА, преку кои таа понуди предлози околу поставувањето на фиксни точки за обезбедување и зачувувањето на природната карпа, експанзиони клинови сé уште се поставуваат во локалитети каде што многумина качувачи посакуваат тоа да не се случува...“

Потоа продолжува:
„Во мај 2000-тата година, Советот на УИАА изгласа своја политика која беше отелотворена во документот „Да се буши или да не се биде“, за користењето на фиксна опрема... Тоа требаше да биде „прифатлив компромис“ како што се надеваа Роберт Ренцлер, кој тогаш беше претседател на Комисијата за алпинизам и неговиот тим на советници.  Компромис помеѓу зачувувањето на карпите погодни за традиционално качување во нивната природна состојба, бушењето на карпите за спортско качување и обезбедувањето на насоките во планинските предели...
Тоа беше храбар чекор напред, но резултатот не е задоволителен за секого. Во некои планински локалитети сé уште се буши и тоа во толкава мера што качувањето во авантуристички дух е или крајно ограничено или уште полошо – исчезнато. Во некои земји, како во Унгарија на пример, сите достапни карпи за качување, се целосно избушени и се со експанзиони клинови во нив.
После 12 години, очигледно е дека тој документ од 2000-тата година треба да се измени. Потребни се дополнителни препораки кои ќе им помогнат на Федерациите во поставувањето на рамнотежата помеѓу зачувувањето на карпата во нивната природна состојба и нејзиното скротување со експанзиони клинови и друга фиксна опрема...
Нема сомнеж во тоа дека мала група на качувачи вооружена со бормашини може да има огромно влијание во менувањето на карактерот на одреден локалитет во многу мал временски интервал.
УИАА сака нејзините Федерации да бидат сигурни дека кога се оформуваат спортско-качувачки локалитети, тоа да биде направено по соодветно консултирање со локалните качувачи и други целни групи и да бидат земени во предвид и постоечките етики, традиции и стилови на качување...“

Потоа следуваат дефиниции:

“-Авантуристичко качување, традиционално качување или „трад“ качување е стил на качување кој е прифатен во почетокот на качувањето на карпа, во кој водачот на наврската ги поставува потребните точки за обезбедување со цел да се спречи пад. Овие точки потоа се вадат од членот на наврската кој по него ја следи насоката. Точките за обезбедување се развиваа различно од земја до земја. Во Британија на пример, првите точки за обезбедување обично беа со поставување на гуртни околу некои испакнатини во карпата или заглавување на камења во пукнатините. Во други земји се користеа клинови, но не и на мека карпа како на пример песочник, каде што вообичаено обезбедувањето се правеше со заглавување на чворови со цел да се спречи оштетување на карпата.
Заеднички идеал во традиционалното качување беше и останува да биде тоа тимот да не остави трага по своето поминување. Сепак изразот „традиционално качување“ е проблематичен. Во некои земји традиција беше планините да се исплетуваат со фиксни јажиња...
Други називи за овој стил на качување се и „качување со минимален импакт“, „природно качување“ или едноставно сако „качување“. Во моментов прифатена опција е „авантуристичко качување“ што како израз пред 30-тина години се однесуваше за секој вид на качување.

-Спортско качување е качување на карпа кое целосно се потпира на фиксни точки за обезбедување во насоките. Овие точки вообичаено се избушени дупки во кои се поставува експанзионен или лепен клин.
Поради тоа што качувачот повеќе не треба да се грижи за обезбедување на својот живот, тој може да се сконцентрира на конректните движења во качувањето и да напредува во повисоки технички стандарди...“

Потоа во текстот на кратко се набројуваат атрактивните моменти на спортското качување и бенефитите на авантуристичкото качување и се пишува за „коегзистенцијата и разноликоста“ на различните стилови на качување во една заедница и меѓу другото стои:
„Многу е важно да им се дозволи на сите стилови заедно да постојат и растат, наместо да се има само една опција. Качувачите да имаат избор од различни стилови во зависност од својот вкус, расположение и животни услови. Родителите на мали деца и постарите може да имаат добра причина зошто да го сакаат повеќе спортското качување... Потоа има такви кои качуваат само кратко во локалната сала или лесно достапен локалитет, помеѓу својата работа и дома или за време на викенди кога се занимаваат и со други спортови и активности. Тие може да имаат малку познавање за традициите и развојот на качувањето или пак за дебатата помеѓу спортското и „трад“ качувањето... Потоа на другиот крај од спектарот се тие кои целиот свој живот го организираат околу качувањето. Тие се пасионирани за етичкиот правец и развој на качувањето затоа што тие јадат, спијат и пијат качување...“

Потоа се наведува дека УИАА преку овој документ се надева дека ги поддржува ставовите на многу спортски и традиционални качувачи во светот кои ја вреднуваат целта за зачувување на карпата за авантуристичко качување и дека овој документ е за сите качувачи, а не само за една мала фракција. И го дава своето мислење за:

Патот напред
Со доаѓањето на бормашините и експанзионите клинови и со зголемениот интерес во спортското качување, останува сé помалку карпа во нејзината природна форма која е погодна за авантуристичко качување. Општо прифатено е тоа дека не секој тип на карпа е соодветен за качување во стил во кој се поствува сопствено обезбедување при качувањето и токму и тоа беше причина што некои типови на карпа, како варовникот на пример - станаа бушени спортско качувачки локалитети.

Загрижени сме за зачувувањето на доволно природна карпа, на која ќе се качува со поставување на сопствено обезбедување при качувањето и на тој начин, во интерес на разноликоста, качувачите да имаат избор да качуваат или спортски или авантуристички насоки.

Единствен пат напред е тој, да се зачуваат соодветни локалитети во нивната природна форма, на кои сеуште ќе може да се качува традиционално – како што тоа го правеле пионерите во минатото и како што тоа ќе продолжат да го прават идните генерации. Како што беше искажано во Тиролската Декларација од 2002-рата година: „без опасност и несигурност, качувањето го губи својот дефинирачки елемент – авантурата.“

Потоа се наведува преку кои иницијативи УИАА ќе се обиде да ја подигне свеста:

„1.Обезбедување на експертиза и охрабрување – посебно кон тие Федерации кои сметаат дека авантуристичкото качување е опасно и кои поради тоа го избегнуваат неговото прифаќање. Обезбедување на совети за однесување во локалитети со различен пристап во качувањето. Тоа ќе им биде посебно од корист на Федерациите кај кои поради тоа што недостасува препорака за однесување и недостасува искуство, се создале спортски насоки кои не се ниту безбедни, ниту етички.

2.УИАА ќе обезбеди ДВД филмови и литература – за авантуристичкото качување, посебно наменети за младите.

3.УИАА им помага на качувачите да присуствуваат на меѓународни средби за авантуристичко качување. Поддршка и охрабрување ќе биде дадено и преку инструкции за време на младинските кампови во области каде тоа е потребно – преку Младинската комисија.

4.УИАА исто така активно ќе разгледува начини како да им помогне на земјите во развој да добијат опрема за качување – за поставување на сопствено обезбедување со директна врска со производителите. Исто така ќе овозможи фондови со кои ќе се помогне намалување на трошоците таму каде што тоа ќе биде можно.

5.УИАА преку својата Комисија за алпинизам ќе одржува врски со сите групи на традиционални качувачи кои ќе сакаат да си помогнат од овие иницијативи.

6.УИАА смета дека е голема предност тоа и да се оствари врска со иницијативи кои веќе постојат и кои се залагаат за зачувување на карпите од бушење, како на пример Mountain Wilderness од Швајцарија. УИАА ќе се заложи нивните активности да станат познати што пошироко.

7.Распространувањето на информациите е многи важно. Дали документот „Да се буши или да не се биде“ стигнал до што повеќе качувачи, а посебно во Федерациите кои само што почнуваат да го развиваат качувањето и каде ќе има повеќе можности да се искусат сите стилови на качување. УИАА ќе направи сé што може овој документ да се дистрибуира на што повеќе јазици. Многу познати имиња во качувањето ја поддржуваат оваа иницијатива и имаат намера да ја поддржат во нејзиното ширење.

8.Изјави за оваа политика од страна на Федерациите кои тоа го имаат направено, се достапни на страната на УИАА. Под секоја изјава има објаснување со што се олеснува читањето и споредбата. УИАА ги охрабрува сите земји да се придржуваат до овие изјави кога се формулираат или ревидираат сопствените политики за фиксна опрема и за традиционалното качување.

9.Федерациите се охрабруваат да направат краток извештај за нивните локалитети подредени под категории: „природни“ и „избушени“ – со што би се знаела поточно нивната моментална состојба. Само тогаш ќе може да се води добра дебата за тоа која карпа треба да биде оставена во нејзината природна состојба или да биде избушена. Ова може да им биде важно на официјалните лица во националните паркови, на еколошките организации и на качувачите. Некои Федерации одлучија тоа дека единствено решение за зачувување на природната карпа е тоа да се издаде наредба за зачувување на цели локалитети и планински предели. Таму каде тоа е предвидено, би било корисно да се направи список на карпа која е достапна за качување од страна на соодветен комитет.

10.Многу Федерации имаат оформено фондови за смена да постоечките ‘рѓосани експанзиони клинови. Би било од помош да се види тоа дека овие фондови работат во двата правци – не само што обезбедуваат добри замени на експанзионите клинови, туку и ги вадат експанзионите клинови кои според мислењето на локалните заедници биле несоодветно поставени.“

И како за крај
„Во човекот постои еден есенцијален парадокс. Од една страна тој секогаш е во потрага по разни начини и средства кои ќе му овозможат да има што покомфорен, побезбеден и посигурен живот, а од друга страна тој интуитивно знае дека само со превземање ризици и соочување со несигурност – само тогаш тој навистина ќе порасне, ќе се надмине и ќе дојде до моментот на вистината, гледајќи во сé поголемото непознато околу себе.
Инстинктите за авантура, кои се толку длабоко вкоренети во човекот во изминатите милениуми, кога тој еволуира во непредвидлива, природна средина – сега како да се во хибернација. Тие се само момент кој ни се случува случајно или на вештачки начин. Карпата е таков медиум, преку кој качувачот го концентрира своето внимание, преку кој создава возвишено чувство и свесност која се граничи со неверојатното и преку која се достигнува до дел од нашето битие кој вообичаено е сокриен.
Има моменти во нашиот живот кога како да сме осветлени од малку светлина и силно се сеќаваме на тие просветлувачки искачувања. Толку се длабоки тие моменти што дури и да траат само неколку секунди – ги чуваме во сеќавање со голема почит. Поради тоа секој посветен качувач повеќе сака да води, отколку да следи. Овие искуства се суштината на традиционално авантуристичкото качување насекаде во светот.“

А документот има и додаток. Тоа се размислувања на познати качувачи на оваа тема:

Сер Крис Бонингтон
„Основната разлика помеѓу авантуристичкото и спортското качување, освен во отстранувањето на ризикот што е самата суштина на оваа игра која ја играме, е и тоа што првите ја прифаќаат карпата таква каква што е, се потпираат на својата способност во пронаоѓањето на патот нагоре и поставувањето на сопствено обезбедување и ја оставаат карпата скоро во иста состојба во каква што ја нашле – освен оставајќи можеби траги од магнезиум и траги во мовот и лишаите. Качувачот е едно со природата и работи со нејзе.
Спортскиот качувач од друга страна наметнува своја волја врз природата, одбирајќи го својот пат нагоре, бушејќи дупки за експанзионите клинови и оставајќи фиксна трага зад себе.
Како што веќе беше споменато, практично секој од нас е вклучен во двете форми на активност и постојат аргументи и од двете страни. Предизвикот е во тоа да се најде начин двата стила да коегзистираат, овозможувајќи им на сите да уживаат во задоволството од качувањето. Очајно ни е потребен разговор помеѓу спортските и авантуристичките качувачи за тоа кои локалитети треба да бидат оставени во нивната природна форма – без експанзиони клинови. Алармантно е тоа колку локалитети се целосно избушени.“

Рајнолд Меснер
„Моето мислење, кое го искажав во моите последни книги, е тоа дека качувањето сé повеќе и повеќе станува спорт. Авантуристичкото качување на природна карпа ќе остане да биде елитна активност, базирана на традициите на активноста и интелегенцијата да се почитуваат планините како стари и диви места, каде што треба да одат само тие, кои се соодветно подготвени. Зачувувањето на нашиот пристап кон планините е начин да се зачува наследството од дивите планини и анархијата на дивината. Клубовите кои имаат масовно членство, како на пример Германскиот Алпинистички Сојуз – се обидуваат да го направат тоа планините да бидат „подготвени за секого“.“

Алекс Хубер
„Качувањето и алпинизмот стануваат сé популарни и имаат многу важни човечки вредности поврзани со природата, авантурата и истражувањето. Но поради растечката комерцијализација, овие вредности се во опасност. Туризмот и индустријата се обидуваат да направат „безбеден“ спорт во дивата природа, а со тоа се губи почитта кон природата во планините и карпите.
Качувањето и алпинизмот се спорт со голема традиција, силна етика и високи идеали. Луѓето излегуваат да ја истражуваат дивата природа во високите планини во Алпите, кои се едни од малкуте преостанати прибежишта во светот. Но радикалното и разонодно бушење и поставување на експанзиони клинови во последните две децении, ја става оваа долга традиција во опасност. Денес, најпопуларните дестинации се избушени автопати и се со ист стандард како вештачките карпи.“

Пет Литлџон
„Најважното прашање е тоа дали качувањето на карпа треба да продолжи да биде авантуристичко качување или не. Ако не, тогаш тоа ќе ја загуби својата врска со алпинизмот и со своето големо наследство. Авантуристичките нови генерации ќе се свртат кон други спортови во природата како на пример сурфање, нуркање па дури и само планинарење – сите тие се многу поавантуристички од спортското качување и многу погрижливи во својот однос кон природата.
Качувањето како да отиде во сосема спротивен правец и на тоа ниту еден качувач не е горд. Од движењето кое го започна „чистото качување“ во 1970-тите години, кога се воочи штетата која ја прават клиновите на карпата и движење кое направи голем напор насекаде во светот да се качува без да се остава фиксна опрема, дојдовме во ситуација кога се бушат карпи – насекаде и тоа во огромна мера. Качувачите оставаат големо количество на метал во природата, во спредба со другите спортови во природа.
Почитта кон капрата е изгубена. Карпата се експлоатира за креирање на спортско качувачки насоки, а најлошо е тоа кога тоа се случува и во планинските предели. Имавме спорт со големи идеали, бескрајни авантури и хармонија со природата. Сега качувањето на карпа е во голема опасност да стане блед спорт кој се потпира на вештачки модифицирана средина, без никаков ризик и авантура – и кој во голема мера не се разликува од качувањето на вештачка карпа.“

Роберт Ренцлер, автор на документот на УИАА од 1998-мата „Да се буши или да не се биде“
„Авантуристичкото и спортското качување можат добро да се согласуваат сé додека не се поминат некои граници и сé дека се признаат се замат во предвид одредени разлики. Слободата во алпинизмот и качувањето започнува со изборот на насока, а завршува со барањето сé да биде достапно секому. Мора да ги одбираме нашите цели според нашите способности, а не да ги адаптираме планините според нашите неспособности.“

Војтек Куртика
„Спортското качување е одлична забава. Качувам два пати неделно, но секој пат возбудата е нарушена поради тоа што чувствувам дека суштинскиот дел од моето тело, карпата – е силувана. Длабоко кај нас качувачите постои убедување дека сме посебни. Веруваме дека практикуваме благородна уметност. Апсурдно е тоа што сме горди на нашата љубов кон природата. Секогаш кога ќе почувствувам како тој суштински дел од моето битие е уништен, се прашувам дали не сме можеби варвари.
Скоро никој не забележува колкаво е уништувањето. Си земаме здраво за готово дека карпата е наша сопственост и ја бушиме, ја кршиме, ја дробиме – ја силуваме на секаков можен начин. Качувачите се однесуваат кон своите игралишта на најнападен и најдеструктивен начин. Но сепак, би одел и три пати неделно на качување. Прекрасно е. Тоа е добар излез од стресниот живот.
Го претвораме најатрактивниот дел од природата во железна плочка. Во последните три децении карпите во популарните локалитети се исполирани како јавни тоалети. Се чудам како не се шири СИДА од нив. Што ќе остане од таа карпи после сто години? Воопшто не се сомневам дека порано или подоцна јавноста ќе се сврти кон масакрот кој сме го направиле и едноставно засекогаш ќе ни биде забрането да одиме на природна карпа.
Перверзната идеја да се основа фондација која ќе забрани пристап до природна карпа е постојано присутна во мојот ум. Но сепак не во мојата глава, туку во моето срце – затоа што мојата глава прави план како да ја злоставувам мојата карпа три пати неделно.
Спортското качување ги помести стандардите во качувањето за неколку оцени. Горди сме на тоа. Спортските качувачи обожуваат бројки. Во Полска ги нарекуваат дигит. Дигит е Бог, дигит е сé. Но верувам дека е деградирачко качувањето да се сведе само на оцени. Вистинската уметност почнува тогаш кога го опишува неописливото. Качувачите кои се зависни од бројки не разбираат дека благородната уменост во качувањето постои не во отпорот туку во внатрешната болка. Во тоа качување не постои ниту трага од вистинска опасност и страв, ниту трага од патење кое го прочистува нашиот ум, ниту фрустрација од креативната неодлучност при соочувањето со непознатото – со што се отвара вратата или на пеколот или рајот.
Како и да е – јас работам на тоа да качувам и три пати неделно и скромно признавам дека со овие размислувања редовно се надминуваат уште поголемите предизвици во авантурата. Спортските качувачи тврдат дека нивниот начин на качување е почовечен затоа што е побезбеден, но јас верувам дека тој е помалку човечен затоа што во себе нема опасност. Во што е поентата ако качувањето не е сопствено надминување?...“

 
Copyright © Alpinizam.org