Партнер во искачувањата

Алпинистичка акција - Хрватска

25.07-01.08.2009 - Сплит и Омиш (Шантини карпи, Стоморица и Планово )

Како вовед...

Пред заминувањето за ова еднонеделно патување напишав дека планираме да посетиме три локалитети во три држави. Бевме свесни дека тоа е многу кратко време со оглед на патот, но ентузијазмот и желбата да ги видиме тие места беа преголеми и сепак некако мислевме дека ќе успееме. Кога пристигнавме во првиот локалитет – т.е. во малото приморско место Омиш во Хрватска – се заљубивме на прв поглед во сé што гледавме околу нас и веднаш беше донесена одлука за останување на едно место до крајот на патувањето.

Марјан - Шантини карпи

Исклучок од тоа „останување во едно место“ беше Марјан, преубавата парк-шума во Сплит во која наша цел беа Шантините Карпи. Омиш е на само 30-тина километри од Сплит и тој ден ни беше наменет за релаксација - секако фино качување и разгледување на локалитетот, но и на градот...

Овие карпи поради својата близина до градот (тие се всушност дел од Сплит) се навистина непроценливо богатство за локалните качувачи. Пристапот порано можел да се прави со автомобил буквално до под насоките, а денес откако Марјан е ставен под грижа на јавните институции – со автомобил се доаѓа отприлика на 15-тина минути пеш од нив. Марјан е исто така супер место за кондиционен тренинг кој налик на нашето Водно го користат рекреативци и спортисти за трчање или возење велосипед. Кога ќе се земе во предвид сето тоа, но и фактот дека на карпите има околу 70 насоки „од најлесни до најтешки“ многу едноставно е да се разбере зошто целиот парк е значаен школски центар за почетници, но и сериозен подготвителен полигон за планинската спасителна служба на Хрватска, но и на локалните алпинисти за посериозни искачувања во други локалитети. Фактот дека насоките се високи „само“ 30-тина метри е навистина занемарлив...

Искачувањата на Шантините карпи започнуваат во 1950-тите години, а веќе во 1956 година во весникот „Слободна Далмација“ излегува статија за искачувањата под наслов „Марјановите верверички“ со ваков текст: „...Таму кај Св. Јере, каде Марјан е најстрмен, кон небото се издигнуваат 40-тина метри високите Шантини карпи. На нив некогаш живееле аскети, а денес ги најдовме нив – марјановите верверички – сплитските алпинисти. Испреплетени со најлонски јажиња, замоткани со замки и букети железарија – клинови, карабинери и кладива – само што не беа тргнати во пресметка со карпата....“

Во овој извадок се споменува прекрасната црквичка посветена на Св. Јере, се споменуваат живеалиштата на монасите кои денес на 2 места се заштитени во карпата непосредно до насоките (но згрижени) и се споменуваат клиновите – меѓу другото... Во 1980-тите години локалците одлучуваат да го опремат и средат локалитетот – оставајќи ги клиновите во карпата. Кога качувавме ние најдовме стари алпинистички клинови, но од 2000-та година целиот локалитет е опремен со експанзиони клинови и сидришта така што старите и ‘рѓосани оставени се само на места да сведочат за староста на локалитетот...

Има уште што многу да се кажува околу историјата на местото, меѓутоа ќе оставиме сето тоа вие да го откривате и „да се навлечете“ да одите и да го видите тоа и самите – да го вдишите воздухот, да ја допрете карпата и да качувате.

Шантините карпи се јужно експонирани и качувањето во лето е напорно во што и самите се уверивме. Покрај температурата на патот ви стојат и разни треви, кактуси... Но не претерано страшно. Под насоките е чисто – треба да се помине само една бариера од 5-6 метри... Сепак локалците кажуваат дека овде има пријатна клима и во зима и дека во постудените месеци претставува вистински задоволство да се биде таму. Карпата е одлична!!!

Нé повлече целата таа историја на карпите на Марјан и значењето на локалитетот за хрватскиот алпинизам. Беа надминати сите наши очекувања и локалитетот вреди да се посетува кога сте во близина!

Хајдук!

Кога сме кај Сплит – покрај качувањето, голема пасија е и фудбалот и секако – фудбалскиот клуб Хајдук. Колку голема институција е овој клуб покажуваат испишаните графити со подршка по целата жупанија кои ги гледавме по целата должина на јадранската магистрала – на стотина километри од градот од локални фанови... Еве две од нив (а ги имаше многу):

- Игор Т. (03.08.2009г.)

Од ова патување:

- Омиш - Планово и Стоморица;

- Македонска насока (VI+, 200м);

- Сплит - Шантини карпи;

Copyright © Alpinizam.org