Партнер во искачувањата |
Алпинистичка акција - Хрватска
25.07-01.08.2009 - Сплит и Омиш (Шантини карпи, Стоморица и Планово ) |
Македонска насока (VI+, 200м)
По само два-три дена поминати во качување на кратките насоки на Планово и Шантините карпи со цел да се запознаеме со карпата, со Весна решивме да качиме нешто долго. Кога дојдовме пак под долгите насоки на Стоморица со намера да повториме една од нив - решивме да качиме наша насока. Сепак карпата е многу цврста, линијата која ни падна во очи беше многу логична и следеше форми кои верувавме дека ќе можат да се поминат чисто. Целата насока е помината во чист стил - само со употреба на (тро)чокови, френдови и гуртни.
Датум: 29 -ти Јули 2009 година
Локалитет: Стоморица - јужна страна
Должина: 200 метри
Тежина: прва должина I/II 60м, втора должина (пукнатина) VI+ 50м, трета должина (пречка) V+ 55м, четврта должина (камин) IV+ 40м
Први качувачи: Игор и Весна Талевски
Решивме да тргнеме рано за да ја избегнеме горештината. Под карпата бевме некаде во 6 часот, а на врвот бевме околу 9:30 часот. И покрај тоа што станавме околу 5 часот - веќе беше многу топло. Тој ден беше најтоплиот за време на нашиот престој...
Првата должина ја поминавме ненаврзани. Сепак се работи за лесен терен со само еден краток скок и решивме да не губиме време во наврзување таму бидејќи се гледаше поголема тераса под втората должина каде можевме да се подготвиме. Втората должина влегува во пукнатината и на почетокот е малку превисна. За напредување ја заглавував десната рака во неа и нозете, а за левата рака имаше мали фаќалишта на левата плоча до пукнатината каде од време на време ја поставував и левата нога. Тој детал е долг околу 10 метри. Потоа пукнатината станува полесна и се следи полесен терен до врвот на столбот кој се издигнува од десна страна. На врвот на столбот го направивме второто сидриште - седејќи како на седло.
Третата должина започнува качувајќи прво 4-5 метра вертикално над сидриштето, а потоа следува интересна пречка од 10-тина метри кон очигледната линија (како лесна рампа) во десно. Третото сидриште го направивме на дрво (во сенка) од кое нагоре во каминот продолжува четвртата должина (повторно во сенка - поради неговата ориентација). Каминот излезе најлесен - со добри фаќалишта, но со интересни движења за да се биде во рамнотежа, а во него го употребив и вториот трочок (првиот на почетокот во едно мало дупче). Последното сидриште го поставивме повторно на едно дрво т.е. - во сенка :)
Бевме среќни на врвот, од каде веднаш почнавме со симнувањето поради горештината која почна да фаќа. Од тој момент нема место за криење од Сонцето.
Симнување: Од врвот почнавме да се движиме десно по гребенот кон т.н. „абзел-писта“, меѓутоа во еден момент работите станаа премногу експонирани (а сме се симнувале ненаврзани и во Доломити со по стотина метри вертикала под нас). Бевме далеку од сидриштата за абзел и решивме во тој момент да абзелуваме на блокови и дрва на спротивната страна - таа која гледа кон Црвена Стина.
По пристигнувањето на земја, следуваше долго и внимателно движење низ обраснат терен со висока трева поради опасност од поскоци за што бевме многу пати предупредени. Во градот се симнавме како од некоја друга димензија. Додека сите се шетаа полуголи со папучки, ние со полни ранци, со чевли и долги панталони, целосно изгребани од острата карпа и тревите...
Но пресреќни за Македонската насока!!!
- Игор Т. (03.08.09г) |