Партнер во искачувањата |
Алпинистичка акција - Хрватска
25.07-01.08.2009 - Сплит и Омиш (Шантини карпи, Стоморица и Планово ) |
Како вовед...
Пред заминувањето за ова еднонеделно патување напишав дека планираме да посетиме три локалитети во три држави. Бевме свесни дека тоа е многу кратко време со оглед на патот, но ентузијазмот и желбата да ги видиме тие места беа преголеми и сепак некако мислевме дека ќе успееме. Кога пристигнавме во првиот локалитет – т.е. во малото приморско место Омиш во Хрватска – се заљубивме на прв поглед во сé што гледавме околу нас и веднаш беше донесена одлука за останување на едно место до крајот на патувањето.
Омиш - Планово
Првата карпа која многу брзо ја лоциравме во Омиш беше Планово. Во водичот кој го имавме всушност тоа беше карпа со најголем избор на насоки во однос на техничката тежина и сите насоки беа околу 25 метри - што беше најдолго во однос на другите локалитети со кратки насоки. Беше и многу блиску до нашиот камп (10-тина минути пешки). Сакавме да ги искористиме кратките насоки како запознавање со карпата со цел потоа да влеземе во некоја од долгите кои се издигнуваат околу 200 метри на околните Стоморица, Бабњача, Илинац...
Карпите покрај морето сме увиделе на почетокот оставаат впечаток на лизгање (не доволно триење со гумите на патиките), се плочести и со карактеристични остри релјефни форми, дупчиња... Едноставни - работи кои ги прават различни од тоа што го имаме дома и секогаш си даваме одреден простор за адаптација. Кога требаше да ја качуваме првата насока на Планово и покрај тоа што тежината беше само V по очигледно фантастично цврста карпа - чувствувавме трема како некој да ќе не испрашува... Чудно беше некако. Движењата ни беа тие - ги дофаќавме фаќалиштата и стојалиштата, но некако не бевме сигурни, бевме бавни... Меѓутоа по уште 2-3 кратки насоки веќе качувавме многу подобро.
Прекрасните плочи и пукнатини на Планово: |
|
Првите 2 дена покрај запознавањето со карпата ги користевме и да го видиме движењето на Сонцето и која карпа во кој дел од денот е во сенка. Беше многу топло и беше неподносливо качувањето на сонце. Тоа го увидовме уште првиот ден на Планово. Карпата е во сенка некаде најдоцна до 12 часот на пладне и веќе кога ќе почне да „ја фаќа“ сонце - станува многу тешко. Само седењето и качувањето во сенка беше доволно исцрпувачки на таква температура...
Омиш - Стоморица
Кога се гледа од морето кон градот во неговата лева страна од планините се спуштаат три големи карпи: Стоморица, Црвена Стина и Бабњача. Некаде над нашиот камп имаше и друга карпа (десно од Бабњача) меѓутоа видовме дека таа е заградена целосно од некој објект и пристапот беше невозможен и покрај желбата да ја ѕирнеме поради неколку возможно фини линии во неа.
Покрај кратките насоки на овие карпи, на Стоморица имаше три долги насоки, на Цвена Стина една и на Бабњача една. Другите долги насоки се наоѓаа на Илинац, но оваа карпа имаше подолг пристап. Се решивме да почнеме со Стоморица.
Две од тие три долги насоки на Стоморица се од 1980-тите години: „Форма Пива“ (6a+, 200м) и „Сплитски Акварел“ (6c+, 90м). Третата долга насока, „Канадаир“ (6а, 250м) е искачена од италијански алпинисти во Септември 2008 година. И толку. Тоа е многу чудно со оглед на тоа дека јужната страна на оваа карпа на која се наоѓаат овие насоки е долг појас со многу очигледни долги линии. Во карпата има уште 5 кратки насоки. Сите овие постоечки насоки се опремени со експанзиони клинови.
Попладнето отидовме под карпата и веднаш ги лоциравме Форма Пива и Канадаир. Тие се релативно една до друга, но лесно се наоѓаат и покрај тоа што карпата е голема. Насоките се во поекспонираниот, десен дел на карпата кога се стои под неа и веднаш се приметуваат клиновите во неа... Ги гледавме насоките од доле, од страна и почна да не влече една друга линија лево од Канадаир. Многу очигледна и фина. Мене посебно ме влечат пукнатини и камини и такви детали имаше и во оваа линија - во средината и на крајот. И така се роди идејата. Многу брзо, само што застанавме под карпата - да искачиме наша насока - Македонска насока!
Детали за насоката >>>>
- Игор Т. (03.08.09г) |