Северна Триглавска
-07.10.2010г, Игор Т.
Алпинистичка акција на АС при КПС „Македон“ - Скопје
Во последната недела од Септември, неколку членови на алпинистичката секција при КПС „Македон“ од Скопје направија убава акција на северната страна на Триглав во Словенија.
Водач на групата беше Јован Попоски за кого ова беше втора успешна акција оваа година (јас барем ги издвојувам овие две:) – прво ни ги откриваше тајните на Хималаите за време на трекингот во Непал во Мај, а сега им ги откриваше тајните на качување на големи карпи на идните силни алпинисти при „Македон“...
При оваа акција на Триглав се случиja две интересни работи:
1.првата самостојна македонска женска наврска на северната страна на оваа планина - Тања Пенева и Ивана Младеновска на 21-ви Септември ја искачија насоката Немшка – Цимерјанка (800м, (IV) III/IV-) и
2.Јован Попоски кој качуваше во наврска со Дејан Крле стана во исто време и најмладиот и најстариот македонски алпинист кој качувал на оваа карпа. Оваа година тој тоа го направи на своја 62-годишна возраст, а во 1964 година во оваа голема карпа тој качувал на 15-годишна возраст...
Средбата со Јове денес во Скопје, беше момент на споделување на интересни приказни од неговата повторна средба со Северна Триглавска. Заедно со Владимир Андреевски ми раскажуваа за почетоците на „излегувањата“ на македонските алпинисти на оваа карпа.
Се присетуваа на првите заминувања уште во 1961 година на Данко Георгиев, Тодорка Димитрова, Драган Трајковски и Отмар Худомаљ; потоа кога тие двајца заминале во 1964 година заедно со Јован Ангелов – Циго и Слободан Ѓорѓевиќ – Козич; потоа за првенствените искачувања во западната страна во 1968г. кога една насока качуваат Јове и Тања (Султана Тупурковска), а друга - четворката Борче Петровски – Чвор, Љупчо Ристевски – Пунти, Даница Димитриевиќ – Циги и Данко... Македонски насоки на северна триглавска... Интересни и инспиративни информации секако!
По мало потсетување тие набројаа најмалку 20-тина македонски алпинисти кои влегле во оваа голема карпа од тие први искачувања па до денес и најмалку 13-тина разни алпинистички насоки кои тие ги качиле - 10 на северната (Словенска, Цимерјанка, Брамов, Немшка, Д. Немшка, Баварска, Скалашка, Горенска, Чопов Стебер и Ковинарска) и 3 на западната страна (Довје-Моро и 2 првенствени македонски насоки).
Веќе неколку пати со Весна кога одиме на Доломитите овие карпи ги гледаме само на поминување и никако да застанеме да направиме некое искачување таму... А секако дека се восхитувачки. Сме направиле и неколку фотографии од нив - од патот! Можеби следната година!
Им честитаме на учесниците во оваа акција и им посакуваме уште многу вакви убави авантури!
Списокот на македонски алпинисти на Северна Триглавска овде >>>>. |