Share

Водно - Св. Пантелејмон

-10.12.2010, Игор Т.

Средба со членовите на АС при КПС „Македон“ - Скопје

Алпинистичката секција при КПС „Македон“ од Скопје постои околу година и половина. Членовите на оваа секција своите тренинзи и обука најчесто ги извршуваат на карпата која е како сокриена во шумата на Водно - кога се оди кон Св. Пантелејмон (тешко се објаснува точно каде е карпата - инаку во централниот дел таа е висока околу 20-25 метри). Искрено нé изненадија со својата акција на Триглав, кога скоро „како од никаде се појавија“ и успешно ја поминаа познатата северна страна на оваа планина - посебно што скоро и да не ги гледавме на долгите насоки на Матка. Но при мојата посета на еден од нивните тренинзи можев да се уверам колку тоа воопшто не е случајно.

Веројатно - би требало да почнам со тоа дека нивен инструктор е ветеранот на македонскиот алпинизам Јован Попоски. Тоа всушност и би требало да е доволно...

Можев да видам како Јован многу успешно ги научил да бидат целосно самостојни качувачи - сите многу брзо влегуваат да водат насоки (внимателно и трпеливо почнувајќи од најлесни технички тежини) поставувајќи свое обезбедување (ковање клинови, поставување чокови, френдови и гуртни), подготвувајќи сидришта - за обезбедување и абзелување, техники за самоизвлекување...

Сé што му е потребен на еден комплетен алпинист - бидејќи сепак алпинизмот е многу повеќе од само „претрчување“ на вертикалите!

Споменатата карпа инаку своевремено е откриена од членовите на АК Исак Русо - дел од нив се и четворицата алпинисти Влатче, Бранче, Огњан и Пеџо кои во 1998 година загинаа при обид за искачување на врвот Солунска глава и во чија чест секоја година АК К2 го организира Меморијалниот марш на оваа планина. Со почит кон нив, членовите на секцијата на оваа карпа имаат поставено и плоча во нивно сеќавање. Теренот околу вежбалиштето исто така е исчистен од треви и грмушки кои кога последен пат кога бев на оваа карпа (пред околу 4 години) дополнително го маскираа овој локалитет...

Беше многу убаво чувството да се види и доживее силно алпинистичко училиште и инспирирани и полни со ентузијазам „нови сили“ во алпинизмот - отворени и подготвени за учење на разни алпинистички техники почитувајќи го традиционалниот пристап во учењето и качувањето!

Во Алпинистичката секција во моментов членуваат 15-тина членови, но таа е отворена за нови кандидати и тоа што е најважно - како за почетници, но така и за понапредни категории. Од тоа што го видов искрено ја препорачувам на секој кој сака да почне да работи алпинизам!

На оваа тема:

- Пелистер во зимски услови;

- Водно - Св. Пантелејмон;

- Борник, Овчарски и Душкин бубашвабарник;

- На северната страна на Триглав

Copyright © Alpinizam.org