Share

Борник, Овчарски и Душкин бубашвабарник...

-30.11.2010г, Игор Т.

Ве известуваме за последните активности на членовите на Алпинистичката Секција при КПС Македон од Скопје која е раководена од Јован Попоски - Јове.

Направено е чистење на насоката „Борник“. Јове вели „насоката повеќе не личи на џунгла и сега се гледа карпата...“ Насоката е исчистена од обраснати места и нестабилни блокови. Со тоа намалена е опасноста некој од тие блокови да направи проблем при качувањето на некоја наврска, но исто така намалена е и опасноста некој да се прикопча за некој недоволно добар клин без да го провери истиот – кој бил закован или подобро кажано „се држел“ за тие нестабилни блокови. Конкретно најдена е стара кајла која не била функционална и заменета е со нова точка...

Исто така искачени се и две насоки кои ретко кој, ако некој и воопшто ги качува во последниве неколку години... Се работи за два гребени кои се добар полигон за работа со почетници со оглед на тоа што следат релативно лесен терен и даваат добра можност за вежбање на поставување на сопствено обезбедување и техники на движење по таков терен.

Се работи за насоки искачени околу 1970 година. Едниот гребен, прв пат бил искачен од Жарко и Душка Гостовиќ и е именуван „Овчарски“ (I/II), а другиот исто така прв пат искачен од Жарко и Душка, но заедно со Јован Попоски е именуван „Душкин бубашвабарник“ (II/IV).

„Овчарски“ е навистина лесен гребен со прекрасен поглед на сите страни – (секогаш секако погледот најмногу оди кон Шара и Љуботен). Така е именуван поради тоа што во минатото често овчарите кои ги паселе овците на падините во близината, се симнувале по него до самиот раб на кањонот. Пристапот до насоката се прави кога од патеката која од манастирот Св. Никола води кон „Борник“ – се влегува во патека која од нејзе оди во лево.

„Душкин бубашварник“ е нешто потежок и со изрезено остри делови. Овој пат, членовите на АС Македон на него направија ноќно качување!

Јове препорачува и двете насоки да се качуваат во постудените периоди од годината, со цел да се избегне обраснатоста во нив, но исто така и „живиот свет“. Всушност – насоката „Душкин бубашвабарник“ е така именувана поради тоа што во текот на првото искачување во нејзе имало многу бубачки... Исто така во потоплите периоди од годината треба да се внимава и на змии!

На оваа тема:

- Водно - Св. Пантелејмон;

- Борник, Овчарски и Душкин бубашвабарник;

- На Пелистер во зимски услови;

 

- Акција на АС на КПС „Македон“ (Септ. / 2010г.);

- Македонски алпинисти на Северна Триглавска

 

Copyright © Alpinizam.org