|
Кајзергебирге
-18.07.2015г., Игор Т.
Прошетка во срцето на кралските планини во Австрија
За Ханс Дилфер слушнавме уште при почетокот на нашето учење на алпинизам, запознавајќи се со неговиот начин на абзелување и начин на качување со поставување на телото во странична позиција. Прв пат негова насока повторивме при нашето патување во Доломитите во 2010-тата година, кога уживавме во движењата по насоката која тој заедно со Вернер Фон Бернут ја искачил во далечната 1913та година на западната страна на Големата кула на Лаваредо. И тоа како уживавме! Насоката следи на моменти прекрасна пукнатина и супер камин и до ден денес жалам што го заборавивме фотоапаратот долу во автомобилот утрото кога тргнавме да качуваме и што немаме можност барем малку да доловиме дел од сцената која ја уживавме.
По ова, назад во Скопје малку повеќе истражував за Дилфер и по прелистувањето на разно-разни страни, често наидував на неговите искачувања во Кајзергебирге. Гледав фотографии од прекрасни бели варовнички карпи и линии од насоки во нив за кои и ден денес се зборува со восхит и почит и сакав во некоја прилика да можам да го видам тој амбиент, па и јас да качувам во него.
Поглед кон дел од масивот
Карпите за кои стануваше збор се дел од масивот Кајзергебирге. Масивот карактерно е поделен на два дела при што неговиот северен дел е „мирен“ со убави зелени иглолисни шуми и врвови најчесто под 2000мнв и само еден врв со висина над – т.е. 2001мнв, а јужниот дел е „див“ – карпест и многу важен дел од историјата на германскиот и австрискиот алпинизам и овде врвовите се често над 2000 метри при што највисок е Елмауер Халт (2344м).
Поглед кон дел од масивот од Штрипзен Копф (1800мнв)
Првите искачувања на врвовите во овој дел од масивот се направени уште во втората половина од 19-тиот век, со што потоа набрзо продолжуваат да се истражуваат и сите можни страни од многуте врвови и тоа најчесто од алпинистите од Минхен, Салцбург и Инсбрук како поголеми градови, но и од помалите места од околината при што најзабележителен дел од историјата овде имаат локалците од Куфштајн, кои до ден денес се грижат за дел од планинските домови во масивот, вклучувајќи го и најчесто користениот дом за искачувањата направени на северните делови од овој „див“ дел од масивот – домот Штрипзенјох.
Прекрасна сцена за бидување: зеленило кон долините, а над нив моќен варовник
Името на Дилфер многу често се појавува како човек со многу нови насоки во масивот на повеќето врвови, но свои приказни по овие карпи пишувале и Винклер (самостојни искачувања на дел од врвовите во Кајзер уште при крајот на 19ти век), Пројс (соло искачување по западната страна на Тотенкирхел во 1911та), Ашенбренер (учесник во првите 2 германски експедиции на Нанга Парбат и водач на таа кога Херман Бул се искачува на врвот, 20 години домар во Штрипзенјох домот (во периодот 1935-1955) со учество во преку 100 евидентирани спасителни акции, со по десетици и стотици искачувања по карпите на Кајзер), Виснер (првенствени искачувања во 1920тите), Херер и Каспарек (првите по северната на Ајгер често се држеле во форма овде), Бул (првенствена во 1940тите) и многу други знајни и незнајни. Пишувале овде со своја посветеност сите генерации на германски и австриски алпинисти и се усовршувале на својот, пред да почнат да ги истражуваат туѓите варовници и гранити. Рикардо Касин пишувајќи за италијанскиот алпинизам помеѓу двете светски војни пишува: „Супериорноста на алпинистите од германското говорно подрачје беше толку јасна и неоспорлива, што многу луѓе мислеа дека италијанскиот алпинизам е непоправливо осуден на понижувачка инфериорност и тоа на наше тло.“
Домот Штрипзенјох (1580мнв)
Искрено Кајзергебирге и покрај таквата историја, за нас беше скоро непознат терен. Имавме слушнато за него – но не дослушнато. И така полека инспирирани од движењата кои ги направивме на насока искачена од една наврска пред повеќе од 100 години на сосема друг локалитет - почнавме да добиваме многу примамливи информации за еден „сокриен“ масив кој е извор на многу големи работи од историјата на нашиот спорт и кој со тоа почна многу да не’ привлекува. Сепак, од 2010-тата наваму секогаш некако фаќавме друг правец на движење и остана Кајзер да се случи „во свое време“.
Од терасата на домот долу се гледа паркингот на Гриснер Алм, а и патеките за пристап до насоките
Пред некои 2-3 недели ни се даде можност да го посетиме производителот на велосипеди, компанијата Коратек (Corratec) од Германија и почнавме да разгледуваме што има да посетиме/видиме нешто „планинско“ наоколу откако таа посета ќе заврши. На само 40-тина километри од Раублинг, градчето каде што е седиштето на Коратек, на мапата веднаш во очи ни падна масивот Кајзергебирге. Не смеевме да пропуштиме овој пат!
По некое истражување по интернетов одбравме насоки кои би сакале да ги качуваме, селектиравме опрема за нив и бевме подготвени. Сепак, поради закажаната посета на Коратек во конкретен термин, не бевме во можност баш да одбираме период за посета на Кајзер и кога бевме таму, временските прогнози/прилики не се погодија и остана качувањето за некој следен пат. А следен пат мора да има.
Масивот е природен резерват и инфраструктура некоја голема со патишта нема. Тоа е – еден пат кој постоел сите овие години и децении и кој кривулесто ве носи кон срцето на масивот низ убаво зеленило. Истиот пат кој сите споменати генерации алпинисти претходно и го користеле. Крајна цел е Гриснер Алм и од овде до домот Штрипзенјох се потребни некои час и половина пешачење. При тоа движењето е постојано под северните страни на познатите Предихштул, Флајшбанк, Тотенкирхел... Чувството е такво цело време, но посебно кога ќе стигнете до домот, „логистички“ поставен на совршено место и кога ќе се соочите со сцената пред вас: прекрасен алпски амбиент!
Планините не се нешто високи (сите „едвај“ над 2000мнв), масивот еден од најмалите (посебно овој дел со карпите), но сепак сцената плени! Прекрасно зеленило со убави бели карпи кои стрмоглаво се издигнуваат над долините. И тие не се нешто високи – генерално околу 400 метри, но сцената која ја прават е многу убава. Поради тоа и велам дека следен пат навистина мора да има. Мора да си поиграме во овој (сеуште го доживуваме така) сокриен масив, кој е убава комбинација на важен спортски локалитет и убав алпски амбиент!
Овој пат имавме можност само да прошетаме практично ден и пол околу домот Штрипзнејох, но од тоа што го видовме дефинитивно се враќеме овде многу брзо. Се надевам дека барем малку некого и од вас заинтригиравме, па можеби и некое ваше искачување таму, дополнително ќе не‘ инспирира.
Повеќе фотографии можете да погледнете на нашиот Фејсбук профил овде >>>>.
|