Други системи:

- 1968г.: УИАА системот;

- Вовед во „Оцени“,

- Болдеринг,

- Качување на мраз,

- Техничко качување,

- Оцените во В. Британија и Ирска

Share

Систем за класификација на искачувањата при УИАА

- текст на Фриц Виснер, Септември/1968г.

Интересот и активноста во сите области на алпинизмот се зголеми во огромна мера во сите земји по последната светска војна и во последните години размената на информации и зголемената комуникација помеѓу алпинистите од различни земји, во голема мера покажа дека постои потреба од унифициран систем за оценување на техничките тежини кои се користат при опишувањето на насоките. Тој систем треба да биде прифатлив и лесно разбирлив од качувачите од сите земји.

УИАА под претседателство на Д-р Е. Вис-Дунант веќе неколку години добива предлози за таков систем. Првиот дојде во 1965-та година од Шпанската федерација, но во тој период не беше превземена никаква акција. Во 1967-ма година, на Генералното собрание на УИАА во Мадрид, Шпанската федерација, Американскиот алпинистички клуб и Норвешкиот алпинистички клуб предложија за таа цел да се оформи меѓународна комисија од активни и добро познати алпинисти. Тоа беше направено и оваа комисија се состана на 3-ти ноември 1967 -ма година во Женева, под водство на проф. Жан Жуг.

По неколку одложувања комисијата објави предлог користејќи ја како основа „Алпенскалата“ изгласана во 1947-ма година за време на Меѓународниот Алпинистички Конгрес во Шамони. Оваа „Алпенскала“ не беше прифатена од американските, британските и некои европски качувачки групи. Нејзината употреба во практика беше изместена: на пример во голем број тешки насоки во Алпите, во должини кои можеа да бидат качени само технички, тие беа оценувани како слободни (не-технички) должини. Кај други пак оцените паѓаа затоа што стана општо прифатливо (кај повеќето качувачи) да се користат клинови, скалички и слично, за техничко качување. А тоа се познати насоки кои кога би биле искачени во слободен стил, би го достигнале апсолутниот лимит од 6+ , а вака со клинови за техничко качување насоката не би можела да добие повеќе од 4+. Исто така не постоеше единствен систем при користењето на подгрупите кај пониските оцени. Ова е важно за поголемата група на алпинисти чиј лимит можеби е оцената 3 или дури и 2, кои би нашле разлики во овие оцени, а тоа експертите воопшто и не би го приметиле.

Комисијата исто така предложи и табела со конвенционални симболи за скиците на насоките базирана на предлозите добиени од Шпанската федерација, Норвешкиот клуб и симболите кои веќе се употребуваа. Оваа табела, на која сите симболи се објаснети на шест јазици, ќе им овозможи на алпинистите да ги надминат јазичните бариери во описите на насоките.

Од страна на претседателот на УИАА, предлозите беа проследени до 23-те организации членки, во текот на ноември 1967-ма година на разгледување и одобрување. Неколку одговори и одобрувања беа брзо добиени, но повеќето организации не можеа да дадат одговор ниту за време на состанокот на УИАА одржан во Минхен во април 1968-ма година, кога предлогот повторно беше претставен. Во месеците што следуваа беше потребно да се одржат бројни консултации и состаноци помеѓу членовите на комисијата и разни организации-членки на УИАА. Писателот, член на комисијата и делегат на Американскиот алпинистички клуб, го дискутираше предлогот со многумина видни американски качувачи во текот на 1967-ма година. На неколку точки од предлогот, беа потребни да се додадат амандмани, кои би одговарале на постоечките американски обичаи. Овие беа прифатени од комисијата во Женева, како и други измени кои беа назначени од страна на некои европски организации-членки. На годишното собрание на Американскиот алпинистички клуб на 4-ти декември 1967-ма година, одржан во Беркли, предлогот беше повторно дискутиран и конечно одобрен, со забелешка дека треба да биде одобрен од сите останати членки на УИАА. На годишното собрание на УИАА, одржано на 7-ми и 8-ми октомври 1968-ма година во Лондон, беа дискутирани уште неколку точки. Кога тие беа решени, по елоквентното обраќање на Еуген Гипенрајтер, делегат на Руската алпинистичка федерација, предлогот беше едногласно одобрен од страна на делегатите од сите 23 земји-членки.

Писателот е посебно благодарен до Ројал Робинс кој исто така го претставуваше Американскиот алпинистички клуб во Лондон, за неговата голема помош на ова собрание и на претходните конференции. И двајцата го должиме нашиот успех во американското прифаќање на овој проект, благодарение на искрената поддршка и совети дадени од страна на најдобрите качувачи во САД и претседателите на Американскиот алпинистички клуб, Лоренс Ковени и Николас Клинч.

Меѓународната комисија реши една многу тешка задача и заеднички работеше во целосна хармонија. Писателот, главен координатор на комисијата, посебно им е благодарен на претседателите, експертите и делегатите на австриските, британските, чешко-словачките, француските, германските, грчките, италијанските, руските, шпанските и швајцарските алпинистички организации за нивното топло пријателство, совети и одлична соработка со цел доаѓање до меѓународен договор.

Системот за оценување и табелата со симболи на УИАА, како и табела која ја покажува споредбата помеѓу постарите американски системи и новиот УИАА систем - се прикажани подолу.

  1. Сите описи на искачувања треба јасно да направат разлика помеѓу „слободно“ качување и качување направено со техничка помош. Така, ако насока или некој нејзин дел е оценет како „слободен“, тогаш мора да се разбере дека клиновите, чоковите, гуртните и други алатки се користат единствено за обезбедување, а не и за напредување – како фаќалишта или стојалишта. Оцените за искачувања кои се целосно „слободно“ искачени се означуваат со римските броеви oд I до VI, со додавање на + или -. Ако на „слободна“ насока, карактерот на карпата е таков да наместо нормално клинови потребно е да се употребат експанзиони клинови, тогаш после бројот треба да се додаде симболот „e”. Оценувањето на техничките искачувања се означува со симболот „А“ со арапски бројки од 1 до најмалку 4. И овде ако е потрено користење на експанзионен клин, после бројот се употребува симболот „е“.

  2. Шест оцени би требало да се доволни за „слободните“ искачувања со оглед на тоа што со додавање на + или – (почнувајќи најмалку со оцената III)  се добиваат најмалку 14 оцени. Слободното качување на оцена VI+, што треба да ја означува апсолутната граница на можното, ќе биде можно само за многу мал број на качувачи кои поседуваат невообичаено добра техника, сила, храброст и издржливост. Како објаснување на шесте главни оцени, се користат следниве описи кои вообичаено се употребуваат и денес (со британскиот систем во заграда):

I – Лесно (лесно)
II – Средно (средно/средно тешко)
III – Средно тешко ( тешко/многу тешко)
IV – Тешко (напорно)
V – Многу тешко (многу напорно
VI – Екстремно тешко (тешко/многу напорно и нагоре)

За „технички“ искачувања, треба да се користат најмалку 4 оцени и тие се опишани на следниов начин: А1 – поставувањето на клинови и други алатки е релативно едноставно и не е потребна голема сила, издржливост, храброст и сл. од страна на качувачот. Како што ќе се зголемува бројот, така ќе биде и потешко поставувањето на клинови и сл, што ќе се должи на девијацијата од правилната линија, компактноста или кршливоста на карпата, аголот (дали има пукнатини, дали е вертикална или превисна, дали има тавани и сл.) и зголемувањето на потребата од техника, сила, издржливост, храброст и сл.

  1. Следниве атрибути и информации треба да бидат дадени во почетокот на описот на насоката и се пишуваат по дадената оцена: експонирана или лошо обезбедена, често или повеќе превисна, качување на триење, објективни опасности (на пример одрони), лоша карпа, ориентација во насоката е тешка или комплицирана, враќањето е тешко или скоро невозможно по одредена точка, должините на секоја должина, карактерот на карпата, информации за климата (на пример дали преовладува лошо време), места за бивакување, број на потребни клинови, гуртни и сл., целосна висина, просечно времетраење на искачувањето, коментари за севкупниот квалитет на насоката.

Во почетокот на описот, посебно ако се работи за долго и тешко искачување, треба да се направи споредба со некоја друга популарна насока со слична тежина во истата област и исто така со позната насока во некоја друга популарна област.

  1. Оценувањето на една насока се прави според нејзината најтешка должина, но ако повеќето должини се со полесни технички тежини, нивната оцена треба да биде нагласена веднаш по нејзе. Ако насоката има и слободни и технички должини, тие ќе треба да бидат посебно претставени според ссодветните норми. Општи оценувања на насоката не се пожелни поради тоа што за тоа не можат да бидат поставени дефинитивни норми. Општите оценувања на насоката ќе можат да бидат разбрани преку дадените оцени за поединечните должини, преку претставените атрибути (види параграф 3), вкупната висина и преку насоките со кои таа ќе биде споредена.
  1. Проценката на оценката за тежина ќе се базира на нормални услови и на нормалната состојба на насоката – без поставени клинови, гуртни и сл. Ако се работи за популарна насока, каде тежината се сменила со поставување на премногу експанзиони клинови, бројни обични клинови и сл., правење фаќалишта, чистење на карпата од кршливи делови и сл., оценувањето тогаш би требало да ја наведе моменталната состојба. Покрај тоа би требало да биде дадена и оцената на насоката кога таа била прв пат качена.
  1. Покрај насоката преку која се прави искачувањето, треба да биде даден и прецизен опис на најлесниот правец на сиимнување почнувајќи од врвот сé до подножјето на планината. Правците „лево“ и „десно“ секогаш треба да бидат дадени како кога качувачот би гледал надолу кон долината. Исто така треба да бидат споменати и местата за абзелување и поставените фиксни точки за таа цел.
  1. Техничките тежини во насоки на снег и мраз не можат да бидат оценети на обичен начин поради тоа што условите кај нив зависат од времето и овде не може да биде поставен некаков стандард. (На пример ако во планината има смрзнат снег насоката може да биде лесна, но ако е чист мраз тогаш тоа може да биде многу напорен и тежок проблем.) Во описот за таквите насоки треба што поточно да биде даден степенот на стрмнина на снежните и мразни делови. Исто така треба да биде посочено и тоа дали постои опасност од лавини, дали има стреи и сл. Ако насоката е комбинација од мраз и карпа, деловите со карпа треба да бидат оценети на нормален начин.*
  1. Во описот на нови насоки, проценката на оцената за тежините треба да биде дадена со доза на резервираност од страна на првата наврска, сé до првите повторувања. На пример: „Известување од првата наврска- VI+, A3, 50 часа – без други податоци при објавувањето.“
  1. Во воведот на водичот, треба да биде претставена и комплетно објаснета табела на УИАА системот, како и некои од забелешките наведени погоре. Ако постои потреба, треба да биде дадена и споредбена табела со систем кој до тој момент бил во употреба во таа област за која се пишува водичот. Исто така треба да бидат дадени и споредби на насоки од тој локалитет со насоки кои се меѓународно познати во други локалитети. Ако во некои земји постои чувство дека во нивните водичи треба да бидат претставени оцените кои локално се употребувале од порано, тие би требало да бидат напишани под УИАА оцените на почетокот во описот.
  1. Се препорачува користење и на систем на симболи во скиците на насоките. Тој би требало да биде разбирлив за секој качувач, со што нема да има потреба од дополнителен опис со користење на зборови и на тој начин би се надминале проблемите со јазиците. Таква табела со користените симболи треба да биде дадена во прилог.
  1. По одобрувањето на УИАА системот, истиот треба да се користи во сите нови водичи. Само кога тоа ќе биде направено, на овој водич ќе може да биде поставен симболот на УИАА.

-Септември, 1968г.

*Со понатамошното развивање на алпинизмот во најголемите височини, во иднина ќе биде потребно да се внесат некои додатоци.

За Фриц Виснер
(1900-1988):

Германски алпинист кој во 1929 год. емигрирал во САД. Со силни искачувања зад себе во Саксонија и Доломитите, во САД тој прави многу силни првенствени искачувања во многу локалитети...

Во 1920-тите во Европа тој имал искачено насоки со оцена VI+, додека во САД стандардот во тој момент бил V...

Неговото име најмногу се поврзува со Ганкс - локалитет во кој тој го прави првото искачување и исто така многу други нови насоки, поставувајќи високи стандарди во слободното качување. Таму тој бил активен и во своите 70-ти години, солирајќи некои од своите стари насоки...

Copyright © Alpinizam.org